Европската Унија ќе ги започне преговорите за членство со Македонија и Албанија, се наведува во нацрт-одлуката која ја потпишаа 27-те членки на блокот, а во која имаше увид „Ројтерс“. Документот би требало да биде подготвен до крајот на оваа недела.
– Надежите за членство на Македонија и Албанија често се уриваа изминатите години, поради скептицизмот кој, во поглед на борбата против корупцијата и демократските текови во овие две земји од Западен Балкан, го гледаа пред сѐ Холандија и Франција – пишува „Ројтерс“.
Во продолжение се додава дека периодов, Париз и Хаг, го намалиле притисокот и покрај кризата со коронавирусот.
– Мислам дека она што се случува со коронавирусот нема да ја промени одлуката на земјите членки – изјави во петокот шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел.
Грција сѐ уште нема донесено одлука за тоа, но дипломатски извори наведуваат дека Атина дала зелено светло за таа одлука, поради тоа што, документот содржи одредби за посилна заштита на малцинските права во Албанија.
Доколку ниту една земја не приложи приговор на тој документ, тогаш би можел да биде одобрен кон средината на неделата, додаваат извори за британската агенција.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој го блокираше отпочнувањето на разговорите со Скопје и Тирана во октомври, во февруари рече дека ќе дозволи започнување на преговорите за членство за овие две земји, ако Европската комисија даде зелено светло. Брисел уредно го стори тоа, со реформа на процесот на проширување, претставена во февруари, што Франција ја поздрави.