Кога во 1994 година Грција воведе ембарго за Македонија за користење на солунското пристаниште, тогашната македонска влада најде алтернатива во пристаништето во Бургас, а ако се имаше малку повеќе визија, досега инфраструктурно земјава ќе беше поврзана и со пристаништето во Драч и тоа ќе беше уште една алтернатива. Може само да се претпостави што ќе се случеше ако тогаш политичарите повторуваа дека „пристаништето во Солун нема алтернатива“
Решенија за постигнување на стратегиските државни цели треба неуморно да се бараат
Македонија повеќе од 16 години е заглавена во европската чекалница и нејзината европска иднина станува сè понеизвесна, но тоа воопшто не им пречи на домашните политичари да продолжуваат со старата мантра дека „ЕУ нема алтернатива“.
Во време кога и самата ЕУ бара алтернативи за сопствените интереси, овдешните изјави од типот за немање друга алтернатива не може да се протолкуваат никако поинаку освен како израз на неспособност да се најде решение на проблемот што е присутен и кој очигледно ќе биде присутен подолго време.
Од друга страна, секое спомнување за алтернативи овдешните политичари го поврзуваат со директно влетување во прегратки на Русија и Кина, што во никој случај не треба да се толкува така, оти секоја земја трга од сопствените интереси и гледа да ги оствари за да обезбеди благодат за своето општество.
Во време кога Украина го прекина снабдувањето на Европа со гас поради лични интереси, ЕУ се сврте директно кон Русија и договори изградба на гасоводи што ќе ја заобиколат Украина. Хрватска склучи договор со кинески компании за изведба на исклучително комплициран инфраструктурен проект во Јадранско Море, откако претходните компании се откажаа.
Пристаништата во Атина и во Солун се купени од Кина, а Турција како еден од помоќните НАТО-сoјузници соработува со Русија во делот на енергетиката и вооружувањето.
Многу земји-членки на ЕУ кога европската солидарност за време на пандемијата потфрли, најдоа алтернативни решенија како да обезбедат лекови, медицински средства и вакцини за своето население, без да „кукаат“ дека немаат алтернативи.
На крајот на краиштата, кога во 1994 година Грција воведе ембарго за Македонија за користење на солунското пристаниште, тогашната македонска влада најде алтернатива во пристаништето во Бургас, а ако се имаше малку повеќе визија, досега инфраструктурно земјава ќе беше поврзана и со пристаништето во Драч и тоа ќе беше уште една алтернатива. Може само да се претпостави што ќе се случеше ако тогаш политичарите повторуваа дека „пристаништето во Солун нема алтернатива“.
Справувањето со грчкото ембарго беше најдобар пример дека секогаш има решенија и можности, но треба да се најдат и договорат.
Некои од политичките аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека ЕУ не смее да биде единствената алтернатива и дека земјава мора да наоѓа сопствени решенија.
– Мора да има алтернатива. Што, еве, ако ЕУ се распадне, едноставно згасне, ние ќе треба да потпишеме дека не постоиме веќе и ќе се распаднеме? Македонија може да стигне да биде добар сосед на Унијата, но внатрешното општество да го изгради така што ќе биде на ниво на европските принципи во делот на човекови права и слободи, владеење на право, демократија, економски интереси, развој што ќе овозможува задоволување на основните развојни потреби на населението – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Тој во однос на постојаното споменување на Русија и Кина истакнува дека приоритет секогаш треба да биде интересот.
– Нема вечни пријатели, нема вечни непријатели, има вечни интереси. За мене најважно е дали Македонија ги препознава сопствените капацитети и можности најдобро да ги искористи, внатре да се уреди и со тој потенцијал да учествува во меѓународниот политички, духовен и културен простор – нагласува Андревски.
Според него, постојаното истакнување дека Македонија дека нема алтернатива освен ЕУ нема ништо да ни донесе.
– Ако прочита ЕУ дека ние немаме алтернатива, сигурно нема да стане подобра, порасположена, поодоброволена за нас. Истото тоа е и со Русија и Кина. Македонија досега не ги искористила своите потенцијали. Ако ЕУ не е опција, треба да се бараат други решенија – истакнува Андревски.
Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека државата лошо ја води надворешната политика и изјавите од типот дека немаме алтернатива воопшто не ни помагаат.
– Не е дипломатски да се изјавува дека не сакаш да соработуваш со Русија и Кина. Ниту еден политичар тоа не го кажува доколку земјите не се во војна. Кина ни даде вакцини и ни излезе во пресрет, а неодговорните изјави придонесоа да не ги добиеме руските вакцини. Ова е тотално неодговорно од наша страна и покажува колку сме лоши познавачи на меѓународната политика – вели Пекевски.
Според него, треба да се покаже став и дека тоа е она што се цени во меѓународни рамки, наместо плачење.
– Ние се натураме со сила и сакаме по секоја цена во ЕУ. Европа не сака такви, туку стабилни и достоинствени земји, чии политичари искажуваат цврсти ставови, а не само да повторуваат дека нема други алтернативи – заклучува Пекевски.