Долгоочекуваниот Совет за општи работи на кој требаше да се усвои рамката за преговори со Македонија и со Албанија, денеска ќе се одржи виртуелно, со учество на министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ).
Извесно е дека Бугарија денеска ќе ја блокира преговарачката рамка за Македонија поради билатералните несогласувања, додека од страна на германското претседателство сѐ уште се водат напори за надминување на разликите до крајот на годинава, со помош на Европската Комисија.
Одложувањето на одлуката се минимизира од страна на Советот, со оглед дека состанокот не е со физичко присуство, исто како и министерскиот состанок во март на кој беше донесена одлуката за отпочнување на преговорите со Скопје и со Тирана. Ваквата ситуација и тогаш го одложи процесот, но не го спречи носењето на одлуката.
Денеска се предвидени преговори и за повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ, како и за пакетот за економско закрепнување. Се очекува Унгарија и Полска да го блокираат делот од буџетот посветен на сопствените средства на ЕУ, со што Унијата се доведува во ризик во време на криза.