Средба Заев – Ципрас
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерите за европски и за економски прашања Никола Димитров и Фатмир Битиќи остварија средба со поранешниот премиер на Грција и актуелен лидер на политичката партија Сириза, Алексис Ципрас во Атина.
Заев и Ципрас изразија задоволство што Договорот од Преспа е силно признаен, препознаен и поддржан од сите чинители во регионот, Европа и пошироко и што на него се гледа како на пример за решавање спорови меѓу други држави.
Денес придобивките од Договорот ги препознаваат и политичките чинители кои од различни причини пред три години имаа сомнежи и неверувања, беше нагласено на средбата.
Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Ципрас ја потенцираше силната поддршка за Македонија за почеток на преговорите за членство со Европската Унија и порача дека ќе го вложи целиот сопствен капацитет и капацитетот на неговата партија да ја поддржи Македонија во остварувањето на оваа стратешка цел.
ЕУ треба да испорача кон земјите како Македонија кои покажаа сериозни резултати на европскиот пат и со тоа да се оневозможат нови политички засилувања на националистичките и деструктивните политички чинители на Западен Балкан и во Европа, заклучија Заев и Ципрас, информираат владините служби.