Најавениот есенски бран на ковид-19 дојде многу порано, при што повторно дневно се бележат над двесте заразени лица. Кои се причините за брзиот раст на новозаразени, дали не извлековме поуки од минатото и прерано се олабавивме, зошто веќе никој не носи маски и нема санкции за тоа, дали повторно го увезуваме опасниот вирус… На сите овие прашања јавноста и граѓаните очекуваат одговори
Дали ковид-19 пак нѐ изненади?!
Се соочува ли Македонија со нов бран на ковид-19 многу порано од процените, колкави ќе бидат ризиците и последиците, дали можеби е време за нови рестрикции? Овие дилеми се наметнуваат во јавноста откако на почетокот од август, во екот на туристичката сезона, почна драматично да се менува епидемиолошката слика во државата и нагло да расте бројот на новозаразени лица.
Клучното прашање е околу потребата од евентуални мерки за лицата што влегуваат во државата, со оглед на тоа дека анализите покажуваат дека над 60 отсто од новите случаи се увезени, лица дојдени од странство и такви што се враќаат од одмори.
Иако здравствените власти ја оценија моменталната состојба како доста мирна, епидемиолози и лекари прогнозираат експанзија од средината на месецот.
Микробиологот Никола Пановски вели дека бројот на лица заболени од ковид-19 постепено расте, а државата требало многу порано да преземе мерки за да го намали тој број.
Според него, требало да има поголема контрола на граничните премини, а властите требало да преземат мерки и во однос на организирањето свадби на отворено.
Пановски прогнозира дека врвот се очекува во октомври, а дотогаш бројките ќе растат постепено.
– Бројките ќе растат допрва. Очекуваме, како во другите земји, да нема толку многу смртни случаи, како и да нема тешки случаи. Она што требаше да го направи државата досега е да преземе мерки кога немавме случаи, тогаш требаше да има поголема контрола на границите, особено на иселениците на влез во државата, со акцент на оние каде што имаше случаи. Сите свадби што се закажани, како и оние што поминаа се голем ризик-фактор за ширење на бројките. Надлежните треба да ѝ објаснат на јавноста зошто чекаа досега – смета Пановски.
Тој вели дека во Грција со 4.000 случаи, властите го контролирале влезот на нашите туристи, а нашите власти не контролираат на влез во земјава.
– Доаѓаат иселеници специјално за свадби во затворен простор, а тоа е голема опасност. Сега ќе ни дојдат допрва и од Италија гости, но и од Швајцарија, па и од други европски земји. Вакцините штитат од зараза, иако јас знам неколку случаи што се позитивни, но поминуваа со полесни симптоми – додава Пановски.
Иако изминатиот период можеме да забележиме дека граѓаните сѐ помалку носат маски и на затворен и на отворен простор ако се во група, сепак, тој потенцира дека граѓаните треба да продолжат да се заштитуваат со носење маски во затворен простор, но и да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствениот начин за заштита од вирусот.
Во последните 24 часа евидентирани се 219 нови случаи на заразени со ковид 19 при што се пријавени и 4 починати лица. Тетово во моментот е најголемото жариште на ковид во државата, со најмногу активни случаи, дури 285 активни случаи.
Според здравствените власти, кластерите во Тетово се од прославите, а со оглед на тоа што сѐ уште има свадбени веселби, дополнително ќе влијае на лошата епидемиолошка слика.
Се очекува во тетовската болница, поради наплив од пациенти, да се направи реорганизација.
Според министерот за здравство Венко Филипче, околу 60 проценти од хоспитализираните со ковид-19 во македонските болници се од дијаспората и граѓани вратени од летен одмор.
– Будно ја следиме состојбата, но дополнителни мерки засега нема – посочува тој.
Поради експанзијата на делта-сојот, во многу земји има рестрикции за невакцинираните, а такви мерки за наесен најавија и здравствените власти.
Инаку, најголем број од хоспитализираните се невакцинирани, но има и такви што примиле една доза вакцина.