Европскиот Парламент попладнево ќе гласа за Резолуцијата со која целта е да се осуди одложувањето на пристапните преговори на Македонија и Албанија, и да се даде поддршка за продолжување на политиката за проширување на Западен Балкан.
Во расправа со претседателите на Европскиот Совет и Европската Комисија, Доналд Туск и Жан Клод-Јункер, пратениците од ЕП ја осудија одлуката со која е одложен почетокот на пристапните преговори за Скопје и Тирана.
Пратеничките групи изработија нацрт-резолуција во која Европската народна партија (ЕПП), Социјалдемократите, Либералите, Зелените и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) укажуваат на штетноста и можните последици од новонастанатата ситуација кога е во прашање политиката на проширувањето на ЕУ.
Подносителите изразуваат длабоко разочарување од неможноста на Унијата да се согласи за почнување на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
ЕП во Резолуцијата нагласува дека недонесувањето на одлука за старт на преговорите е стратешка грешка.