Главни теми на состанокот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи денеска во Охрид, се очекува да бидат инцијативата за воспоставување поинтензивна економска соработка на државите од Западен Балкан и најавуваниот договор т.н. „мал шенген“.
Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија Еди Рама синоќа одржаа трилатерална средба на која разговараа и ја утврдија декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка. Во прилог на иницијативата за поблиска економска интеграција на земјите од регионот оди и најавеното присуство на претседателот на советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.
Според протоколот на активности, предвидено е одржување на пленарна сесија на државните делегации со претставници на меѓународни организации и институции, меѓу кои, Европска банка за обнова и развој, Регионален совет за соработка, Европска комисија, Светска банка и Европска инвестициска банка.
Тројцата лидери испратија позитивни сигнали за договорот „мал шенген“ чие стапување во сила е најавувано за 2021 година, оценувајќи го како голем чекор напред кон поголема слобода на проток на капитал, стоки, услуги и луѓе, предуслов за поголем економски развој на регионот.