И овој пат ситуацијата навидум не изгледа ништо поразлично од претходно, но ако
се земат предвид долготрајната политичка криза во Бугарија и засилениот меѓународен притисок врз оваа земја последните месеци, останува да се види како ваквите охрабрувачки изјави во насока на македонските евроинтеграции ќе се одразат во следниот период, со почеток на преговорите или, пак, со ново вето
Дали се препознава нова и охрабрувачка реторика во насока на македонските евроинтеграции?
Последните оптимистички изјави што доаѓаат од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, но и од претставници на Шведска и на Чешка како идни земји претседавачи со Европската Унија, повторно ја враќаат надежта дека можеби постои мала шанса до крајот на годината Македонија сепак да ги започне пристапните преговори.
Вакви охрабрувачки изјави имаше и во минатото, па без оглед на умерениот оптимизам, сепак на крајот земјава се соочуваше со суровата реалност на бугарското вето.
Ќе влијае ли бугарската политичка криза на македонските евроинтеграции
И овој пат ситуацијата навидум не изгледа ништо поразлично од претходно, но ако се земат предвид долготрајната политичка криза во Бугарија и засилениот меѓународен притисок врз оваа земја последните месеци, останува да се види како ваквите охрабрувачки изјави во насока на македонските евроинтеграции ќе се одразат во следниот период, со почеток на преговорите или, пак, со ново вето.
– Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови. Франција ќе биде внимателна за преговарачката рамка, која ќе биде усвоена, да ја одразува новата методологија за процесот за членство, која јас ја посакував, и ќе продолжи да ги унапредува и да ги поддржува суштинските реформи за европското приближување на Северна Македонија, особено во клучните области, како што е владеењето на правото, кои се во сржта на европските вредности – напиша Макрон во честитката што ја упати до македонскиот државен врв по повод Денот на независноста.
Слична порака неодамна беше испратена и од министрите за надворешни работи на Шведска и на Чешка, Ан Линде и Јакуб Кулханек.
– Балканот е од најголема важност. Албанија и Северна Македонија ги исполнија условите за почеток на преговорите и тие треба да започнат веднаш – порачаа министрите Линде и Кулханек.
Од друга страна, бугарскиот технички премиер Стефан Јанев ја истакна потребата да се анализира и ажурира целокупната политика на Бугарија кон Македонија, нивното политичко однесување и барање идни решенија во интерес на двете страни.
Ваквите изјави на бугарскиот технички премиер повеќе одат во насока на купување дополнително време, со цел амортизирање на засилениот меѓународен притисок во услови кога тамошните политички субјекти не можат да се договорат околу формирањето на новата влада и кога е сè поизвесно дека ќе се оди на нови предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во ноември.
Работите повеќе зависат од Бугарија отколку од земјите што сега даваат отворена поддршка
Некои од аналитичарите сметаат дека работите повеќе зависат од Бугарија отколку од земјите што сега даваат отворена поддршка за Македонија.
– Приоритетите на следното трио на претседавачите со ЕУ (Франција, Чешка и Шведска) се утврдуваат во моментот, поради што и ги следиме нивните изјави со внимание. Французите во нацрт-приоритетите на нивното претседателство, кое нè очекува од јануари 2022 г., не ги вклучија регионот и проширувањето, поради што не гледам дека има некоја особена промена во ситуацијата. Франција несомнено ќе се фокусира на Конференцијата за иднината на Европа и искористување на истата таа во контекст на националните претседателски избори – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики.
Таа не очекува ниту Чешка да биде двигател на процесот на проширување ако Бугарија не ретерира од спорните барања во однос на Македонија.
– Од Чешка имаме најава дека ќе одржи самит посветен на регионот во текот на своето претседателство во втората половина на 2022 г., но мали се шансите таа да биде двигател на процесот, особено бидејќи таму претстојат парламентарни избори. Во секој случај, предуслов за каков било исчекор е најпрвин лидерство во Бугарија, кое ќе биде подготвено барем донекаде да се повлече од спорните барања кон нас, кои не наидоа на прифаќање ниту кај државите-членки на ЕУ – нагласува Кацарска.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека охрабрувачките изјави на европските политичари се веќе слушнати и дека не треба да се надеваме на почеток на преговорите.
– На изјавите од лидерите на земјите-членки на ЕУ и другите официјални лица од Европската комисија, за европскиот пат на Македонија и јасната перспектива натаму, одамна се навикнавме (би рекол и отрпнавме). За жал, тие сè уште не се преточуваат во реалноста во почеток на преговорите за членство, па така и сега сметам дека нема што многу да се надеваме – смета Кржаловски.
Според него, постои зголемен напор од ЕУ, како и декларативна заложба на претседавачот Словенија за проширувањето како приоритетна тема, преговорите со Албанија и Македонија да се откочат до крајот на годинава.
– Тоа доста се базира и на очекуваниот пад на тој приоритет со следните претседавања со ЕУ (токму на Франција, Чешка и Шведска). Но, во практика, работите на терен укажуваат дека нема конкретни потези на словенечкото претседателство кон решавање на проблемот. Дополнително, Бугарија „се вади“ и на тоа што нема политичка влада (а и нема да ја има до крајот на годината), па иако одредени информирани кругови во ЕУ очекуваат/прогнозираат почеток на преговорите, јас сметам дека и овој пат тоа нема да се постигне. Веројатно ни подолго… Макрон има избори в година, па и изјавата „преговори во следните неколку месеци“ може да се толкува и како „не чепкајте ме по ова прашање до изборите, потоа ќе направиме сѐ што треба“, секако, ако биде избран – заклучува Кржаловски.