На оние што работат во европските институции во Брисел им е тешко да замислат дека европските граѓани се шокирани што сфатиле дека нивните национални парламенти не се вклучени во носењето на големите одлуки, како трговскиот договор за брегзит или европско-кинескиот инвестициски договор
Берт-Јан Раусен, член во Европскиот парламент
Федералистичките одлуки што се однесуваат „само на ЕУ“ и бескрајното проширување на европските овластувања ги поткопуваат народната поддршка и националните парламенти. Затоа се потребни реформи. По секоја криза, Европската Унија (ЕУ) се стекнува со сè поголеми компетенции и поголем буџет. Без разлика дали станува збор за финансиска, климатска или, како актуелнава, пандемиска криза, се чини дека федералистите на секој нов проблем гледаат како на повод за зајакнување на ингеренциите на ЕУ. Тие велат дека „треба да се искористи секоја добра криза“.
Сепак, постојат и граници на проширувањето на ингеренциите на ЕУ на сметка на националните компетенции. Одредени предизвици подобро се решаваат на национално ниво. Народната поддршка за ЕУ веќе полека се губи, особено откако Брисел не успеа да ги склучи клучните договори за набавка на вакцини. Со излезот на Велика Британија од блокот, ние загубивме членка што стави јасна кочница на прекумерните амбиции на Брисел. По брегзит, ЕУ претстави планови и предлози за понатамошно европско обединување. Но колку, всушност, е посакувано тоа?
Колку од Европа, всушност, сакаме? Наедно, и каква Европа и за која цел? Овие дискусии премногу долго се одложуваа, но овој пат можеби се наоѓаме во ќор-сокак и ни следува удар во голем ѕид. Затоа итно мора да го забавиме темпото. Потребна е длабока реформа на ЕУ. Холандската Реформирана политичка партија (СДГ) и групата на Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) во Европскиот парламент се убедени дека понатамошната европска интеграција нема никаква дополнителна вредност.
Зошто, на пример, ЕУ би се мешала во националната минимална плата? Дали народот некогаш гласаше за европскиот долг и даноци? Во тој контекст, мегаломанскиот фонд за обнова од пандемијата на ковид-19 е историска грешка. Планот е наречен „Следна генерација“, но тоа значи дека ќе создаде огромен долг, кој ќе го плаќаат идните генерации на граѓани! Овој мегафонд исто така значи дека ЕУ ќе се претвори во должничка унија, во која членките ќе си ги гарантираат меѓусебните долгови. Ова обесхрабрува секаква иницијатива за здрави финансиски политики во членките. Следејќи го овој пат, ние постепено ќе прераснеме во унија на трансфер каде што огромни суми на пари ќе мора постојано да кружат од северот кон југот на Европа за да се зачува еврозоната. Тоа не треба да биде наша цел, нели?
Во служба на народот
Брисел треба да биде во служба на народот, а не обратно. ЕУ треба самата да се ограничи строго на соработка во однос на прекуграничните прашања, како трговијата, миграцијата и животната средина. Тие се полиња со јасна додадена вредност за сите. ЕУ треба да се оддалечи од пристапот „универзална“ политика за сите, бидејќи понекогаш е подобро за членките да соработуваат отколку понатамошното интегрирање. Една пофлексибилна ЕУ ќе им овозможи на членките да се одречат од одбраните проекти, со тоа што сосема е разумно да не се согласуваат за одредени договори или одлуки. Флексибилна унија значи дека „коалицијата на подготвени“ може да соработува, додека другите членки може да изберат да не учествуваат. Во овие рамки, улогата на ЕУ ќе биде скроена по индивидуалните потреби на членките и, во крајна линија, ќе им служи подобро на народите.
Предизвици
Поборниците за понатамошна европска интеграција истакнуваат дека многу од предизвиците со кои се соочуваме се очигледно прекугранични по природа. Ќе ја земеме за пример корона-кризата. Пандемијата влијае на сите, но исто така ги отвора прашањата за степенот на европската соработка. Дали треба членките сами да го контролираат одговорот на пандемијата или треба да се стремиме кон еден општ европски пристап?
Видовме дека пандемијата доведе до преиспитување на националниот суверенитет. Европските внатрешни граници беа затворени, а дури и либералниот холандски премиер Марк Руте посочи дека ЕУ нема дополнителна вредност од акутната борба против ковид-19. Покрај тоа, ЕУ се соочува со голем број геополитички предизвици. Воениот, економскиот и политичкиот подем на Кина ја слабее позицијата на Европа во светот. Недемократската кинеска влада го наметнува своето влијание преку финансирање мегапроекти низ светот, вклучувајќи и такви на европскиот континент. Русија игра сложена меѓународна улога. Во Европа и во САД, Русија има репутација дека се меша во изборите за „да раздели и да владее“.
Сите овие фактори, брегзит, корона-кризата, геополитичката состојба, меѓународните гранични прашања, климатските и други прекугранични проблеми бараат одговор. Но најдобриот одговор не е секогаш еднонасочен пат кон „повеќе Европа“, а „помалку национално ниво“. Во суштината на нашето противење на плановите на Европската комисија е постојаната тенденција кон понатамошна централизација на моќта, која се заканува по суверенитетот на членките. Потребно е да се воведе повеќе чувство за реалност. Потребен е пофлексибилен пристап, затоа што некои прашања имаат повеќе одлични одговори. Привремените проблеми бараат привремено решение, а не трајно предавање на националните ингеренции.
Нова надеж за Европа
За жал, европските институции не го забавија темпото. За да ги зголемат очекувањата кај своите граѓани за амбициозниот план, институциите се договорија да се одржува конференција за „Иднината на Европа“ на секои две години.
Исходот веќе се чини дека е познат, со оглед на тоа што главните проевропски партии во Европскиот парламент не беа многу заинтересирани за придонесот на групите што имаат различни ставови, како оној на пратеничката група ЕЦР. Токму затоа групата ЕЦР во Европскиот парламент, од чиј дел е и СГП, ќе организира сопствена конференција под работен наслов „Нова надеж за иднината на Европа“. Целта на оваа конференција е да даде алтернативен одговор на централистичката агенда на Комисијата.
Еден реален компромис меѓу федерална ЕУ и непостоење на ЕУ е пофлексибилна ЕУ. СГП силно ја поддржува оваа идеја. Време е да се разгледа прашањето до кој степен би оделе за постигнување на европската интеграција? Ако сметаме дека сме ги достигнале границите, тогаш какви алтернативи ни преостануваат?
В четврток, на 1 април, СГП и ЕЦР ќе дискутираат за овие теми во Холандија, поставувајќи го прашањето колку од Европа всушност ни е потребно. Холандија, која е една од основачките на европскиот блок, знае што значи соработката. Само преку соработката успеавме да се избориме со морето и да прераснеме во водечки произведувач на лалиња, домати, млеко и многу други производи. Но исто така сме суверена нација, со сопствена култура, ставови, вредности и политики. Се залагаме за европска соработка, за една ЕУ каде што ќе се развиваат националните демократии и каде што граѓанското општество ќе игра клучна и поврзана улога. За една ЕУ каде што здравствените, безбедносните, даночните и државните структури ќе бидат компетенции на национално ниво. На овој начин ние ќе уживаме во една Европа која ќе им служи на граѓаните, а не каде што граѓаните ѝ служат неа.
Колумна на Берт-Јан Раусен, член во Европскиот парламент и лидер на делегацијата СГП во партијата на Европските конзервативци и реформисти