Оливер Вархеи, Јоханес Хан, Стефан Филе, Оли Рен, Јанез Поточник се дел од серијата еврокомесари за проширување, кои оставија свој белег и на македонската политичка сцена. Но по што ги памети домашната јавност овие високи дипломати на Унијата и колкав е реално нивниот ефект за Македонија на патот кон ЕУ. Професорите и аналитичарите имаат интересни анализи и согледувања
Што направија еврокомесарите за проширување за Македонија
Македонија веќе три децении од независноста, па досега се обидува да ја исполни својата стратегиска цeл за зачленување во Европската Унија. Тој долг пат често е исполнет со мноштво пречки, кои треба да се решаваат во од, но и куп ирационални сопки и условувања од страна на самата Европска Унија кон нашата земја. Како своевидни скретничари или сообраќајци на патот кон ЕУ се еврокомесарите за проширување, чии надлежности и задолжувања, како што кажува и називот на нивната функција, е директно поврзан со зголемувањето на европското семејство. Во изминатите три декади се сменија мноштво еврокомесари за проширување, кои македонската јавност ги памети повеќе по нивните јавни настапи, контроверзии и гафови отколку по нивната суштинска помош во забрзувањето на процесот за зачленување на нашата земја во Европската Унија.
Што направија досега еврокомесарите за Македонија, кој е нивниот вистински ефект, колку ѝ помагаат или одмагаат на нашата земја.
Универзитетските професори и политичките аналитичари што ги следат политиките на Унијата со кои се консултиравме се согласни дека еврокомесарите за проширување на ЕУ практично немаат ништо направено за да го забрзаат процесот за зачленување на Македонија во европската заедница. Тие велат дека овие високи функционери на Брисел се само т.н. еврократи, кои во одреден момент пренесуваат пораки од Унијата кон Македонија, а нивната активност се памети во зависност од потребата на одредени центри на моќ за нивен динамичен ангажман или тотална неактивност во политиките кон нашата земја.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска вели дека ако внимателно и ретроактивно се следи процесот на проширувањето дури и називите на функциите на еврокомесарите се менуваат со текот на годините.
Според професорката, тој процес номинално и континуирано трае, но прашање е колку реално тој е раздвижен, во колкава мера, но и колкави пречки низ призмата на интересите на главните центри на моќ постојат за одредени земји, вклучувајќи ја тука и нашата.
Солирањата на Вархеи
– Во моментов позицијата на унгарскиот дипломат Оливер Вархеи има навистина долга референца и тој освен што е комесар за проширување тој е и комесар за добрососедство. Со оваа долга референца тој секогаш, како и неговите претходници, го искажува ставот на оние што се во Унијата, а ние како по навика на нештата се фаќаме како давеник за сламката од неговите изјави која нам ни одговара – вели професорката.
Таа потсетува дека во овој контекст по изјавите на Вархеи за раздвојување на зачленувањето на Македонија и на Албанија, треба да се паметат и неговите обраќања во нашиот парламент и за време на неговата посета тука, кога тој меѓу редови ја пренесе главната пораката дека треба да им ги исполниме сите желбите на земјите-членки за да влеземе во Унијата.
– Во овој момент Македонија, нема пријател во Софија, а дополнително, парламентарните избори во оваа земја уште повеќе го одложија именувањето на државни тамошни функционери со кои процесите за надминувањето на спорот ќе продолжат. Истото важи и за другите земји од регионот, пред сѐ, Србија и Црна Гора, кои во моментов судејќи по последните изјави на Вархеи имаат лет во место во нивниот пат на зачленување во ЕУ – вели Ванковска.
Балканските методи на Јоханес Хан
Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, вели дека еврокомесарите за проширување се тотално небитни политички фигури и се стерилни еврократи од кои Македонија во нашиот процес за зачленување во ЕУ нема видено полза од нивното дејствување.
– Овие високи државници на Унијата, реално ниту имаат моќ да одлучат нешто во нашето или кое било зачленување во ЕУ, ниту, пак, можат да го забават процесот. Сѐ е политичка одлука исто како онаа во НАТО. Реално Македонија поголем пријател може да има во рацете на европската администрација тука и во локалните амбасадори во земјата на Унијата отколку во оние што периодично пристигнуваат тука и се појавуваат со разни изјави во јавноста – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека еврокомесарот Хан изгледаше во јавноста дека е активен во Македонија, бидејќи земјата во тие моменти беше парализирана политички и зафатена од огромна политичка криза.
– Хан го форсираше пржинскиот договор и секојдневно даваше свои изјави, па дури и онаа поврзана со тогашниот референдум за договорот со Грција, каде што меѓу редови кажа дека помеѓу рационалното и балканскиот начин, Балканците (Македонците) треба да си ги решат проблемите со Грција, па дури тогаш да се обидат да се зачленат во Унијата – вели Стефановски.
Според него, на ваков начин влегувајќи во контрадикторност во сопствената изјава, тогашниот еврокомесарот Хан „невнимателно“ ги поткопа европските демократски принципи за кои ни изјави дека Македонија „едноставно мора да ја плати цената“.
Метафорите на Стефан Филе
Чешкиот еврокомесар за проширување, кој беше на функција меѓу 2010 и 2014 година, ќе остане запаметен во македонската јавност по неговата изјава дека „двајца се потребни за танго“, на метафорички начин објаснувајќи дека Македонија и Грција треба да најдат заеднички прифатливо решение ако нашата земја сака некогаш да стане членка на Европската Унија. Според познавачите на дипломатските активности, Филе за време на својата функција важел за мајстор во јавните говори, кој истовремено бил силен поддржувач на процесот на проширувањето и иницијатор на забрзување на реформските процеси во Македонија. Филе имал навика лично и редовно телефонски да контактира со македонските политичари околу проблематичните процеси во Македонија што се активни во неговиот мандат.
Колумните на Оли Рен
Според професорката Ванковска, пак, за разлика од Вархеи, своевремено финскиот еврокомесар Оли Рен на пример бил многу поактивен во Македонија за времето на неговиот мандат. Професорката потсетува дека Финецот имал однос топло-ладно со македонските политички елити, па во содејство со Хавиер Солана тогашниот висок ЕУ-преставник за надворешна политика дури пишувале и нивни колумни и во македонскиот печат.
– Овие дипломати, пак, своевремено на многу поразличен начин и со поактивна динамика од актуелната, ги евидентираа и констатираа процесите и во Македонија, но и оние во ЕУ кога земјата беше исправена пред друг предизвик. Но она што беше за обележување е дека и тие испраќаа генерално слична порака, која гласеше, вие сте надвор од Унијата, а тие што се внатре ги одредуваат процесите во Брисел – објаснува професорката Ванковска.
Јанез Поточник еврокомесар од соседството
Европскиот комесар за проширување Јанез Поточник, кој потекнуваше од регионот во својот неколкумесечен мандат, на позицијата предводена од кабинетот на Романо Проди ќе остане запаметен како човек што стапи на функцијата од балканска држава во годината кога беше извршено и најголемото проширување на Унијата. Имено, во 2004 година Унијата стана поголема за седум земји Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија, државата од каде што потекнува Поточник.
Генерално своевидниот заклучок за досегашниот ефект на еврокомесарите за Македонија може да се сведе на изреката мати вода да не биде бистра. Или можеби на стиховите од песната на нашиот Тоше Проески – Сѐ да се собере пораз ќе остане. Бидејќи Македонија и по три декади ниту милиметар не е поблиску до ЕУ, туку напротив се чини како да е сѐ подалеку.