Дали барањата од страна на одредени владини функционери насочени кон медиумите односно новинарите, за задолжително познавање на албанскиот јазик при вршење на своите професионални обврски, се во согласност со законите или со другите правни акти во државава? Дилемата стана суперактуелна кога министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција ги посоветува новинарите дека е за нивно добро да го познаваат албанскиот јазик, а во јавноста сѐ уште не беше стивната идејата на потпретседателот на Владата во врска со политиката за етнички клуч при вработување во приватниот сектор. Дали ваквите јавно промовирани ставови од високи државни функционери, кои треба да се грижат за спроведување и извршување на Уставот и законите, воопшто имаат законска основа или тие самите го кршат позитивното право на државата?
Дали барањата од страна на одредени владини функционери насочени кон медиумите односно новинарите, за задолжително познавање на албанскиот јазик при вршење на своите професионални обврски, е во согласност со законите или со другите правни акти во државава? Дилемата стана суперактуелна кога министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција ги посоветува новинарите дека е за нивно добро да го познаваат албанскиот јазик, а во јавноста сѐ уште не беше стивната идејата на потпретседателот на Владата во врска со политиката за етнички клуч при вработување во приватниот сектор. Дали ваквите јавно промовирани ставови од високи државни функционери, кои треба да се грижат за спроведување и извршување на Уставот и законите, воопшто имаат законска основа или тие самите го кршат позитивното право на државата?
Државната власт подразбира задоволување на потребите на граѓаните
Во сублимиран заклучок, правниците со кои се консултиравме за темава велат дека овие политики се спротивни на законот и тие претставуваат грубо прекршување на законите и нарушување на правната држава и на функционирањето на државната власт.
Докторката по правни науки, професорката Мирјана Најчевска, вели дека без сомнение последниот чин на Бектеши е надвор од правниот систем, законите и надвор од правото и функционирањето на правната држава, но и воопшто на државната власт.
Според неа, сите овие однесувања не се во контекст на тоа што практично во науката се подразбира под дефиниција на задоволување на потребите на граѓаните од државната власт.
– Државната власт подразбира задоволување на потребите на граѓаните независно од нивната етничка припадност и тие не се поврзани со јазикот и културата, туку со суштествени егзистенционални прашања, со правната сигурност, со професионалното дејствувања на државниот апарат со заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните – вели професорката.
Најчевска вели дека во конкретниот пример сето тоа е само знак дека ДУИ, но и други албански партии немаат осет и немаат поим што значи да се раководи со државата, бидејќи нивните идеи изостануваат во делот каде што се лоцирани вистинските функции на државата, а од друга страна ваквите дејствувања егзистираат единствено во правец на потикнување меѓуетнички тензии и конфликти од разна национална природа.
– Овие политичари не посветуваат внимание на суштествените проблеми за кои се изгласани од граѓаните ниту имаат идеја како да ги решат, а со употребата на јазикот ги прескокнуваат правните норми и ги кршат законите за да ѝ мачкаат очи на јавноста за да се обидат да останат на власт – резимира професорката.
Слично размислува и адвокатот Звонко Давидовиќ, кој објаснува дека некои политичари од албанските партии очигледно не знаат дека македонскиот јазик е официјален јазик на целата територија на државата, а истото тоа важи за албанскиот јазик ако него го говорат 20 проценти од населението во местата во кои живеат и во институциите во кои се спроведуваат нивните права.
Адвокатот вели дека вакво дејствување на политичарите во толкувањето на законите, кому како му прилега, потоа во практиката создава и правен проблем бидејќи потоа недоразбирањата во комуникацијата меѓу луѓето се незначителна пречка во целата слика.
Според адвокатот, ова правило за употребата на јазикот на националноста не важи само за Албанците туку тоа се однесува и на Србите, Турците, Власите, Ромите и на сите што живеат во државата, па по таа логика ако сите го применуваат како што сега истакна Бектеши би настанала општа конфузија во практиката, односно во примената на законите од оваа област во општествениот живот.
Давидовиќ вели дека уште поголем проблем на оваа политика што заговара етнички вработувања во приватниот сектор, особено на Албанците, е и фактот дека пазарот на трудот не подразбира националност.
– Јас во својата приватна фирма вработувам луѓе чисто поради нивната способност, а националноста е небитна, а по таа логика еднакво би требало да функционира и јавниот сектор во земјата – вели адвокатот.
Но, според адвокатот Давидовиќ, поради фактот дека пазарната вредност на професионалците не се почитува и се вработуваат оние што имаат национална и партиска припадност, ние сега имаме нефункционални институции, кои не можат да ја практикуваат својата функција онака како што е пропишано во законите.
Давидовиќ се надева дека ова популистичко дејствување на партиите, кое во практика ги прекршува сите закони, ќе престане во иднина, бидејќи тоа во никој случај не ѝ помага на земјата да напреднува на нејзиниот пат кон ЕУ.
Да му се стави крај на популизмот
Во меѓувреме, Лиса Баута Шаќири, сопруга на познатиот пејач Бени Шаќири, и ќерка на поранешниот ценет фудбалски судија Беким Баута, во својот коментар на социјалната мрежа Фејсбук за актуелните настани ги критикува политиките на дел од партиите од албанскиот блок.
– Прво ние не сме ни глупи, ниту необразовани, ниту прости, а фала богу, сме здрави и прави, и конкурираме на трудовиот пазар подеднакво и со Македонци и со Германци и со други. Тоа е така и тука и во странство! Не сме ништо помалку стручни од ниедни други, а стручната спремност е индивидуална и на секој според заслугите во приватни фирми. Второ, ретко кој дипломиран Албанец не знае македонски. Тие што студирале надвор од државата можеби не знаат, но истите тие не ви се враќаат тука да ве молат за работа, туку се вработуваат во врвни фирми низ Европа и Америка – пишува Баута Шаќири.
Според неа, двојазичност не може да наметнете кај приватни сопственици, ниту македонскиот јазик кај албанските фирми ниту албанскиот кај македонските фирми или, пак, кај оние странски компании што работат тука.
– Во приватниот сектор веќе постои двојазичност секаде каде што тоа носи екстра профит. Почнувам со берберот што ми е комшија и кој освен што го зборува својот македонски јазик говори и албански. Конечно, престанете да нѐ омаловажувате и да нѐ прикажувате како помалку квалитетен кадар од другите! – истакна Баута Шаќири.
Кој официјален јазик го говори министерот за животна средина
Од друга страна, минатата недела на прес-конференција, и министерот за животна средина Насер Нуредини изрази сличен став како Бекташи и напомена пред новинарите дека не сака да говори на македонски јазик.
За потсетување, во ноември минатата година, во свое телевизиско интервју за ТВ Алсат министерот Нуредини, во своето обраќање до домашната јавност, говореше на англиски јазик со помош на преведувач бидејќи како што посочи тогаш тој не ги познавал доволно добро ниту албанскиот ниту македонскиот јазик.