Во очекување на летната собраниска пауза, пратеничките групи во Собранието без голем ентузијазам го примија предлог-законот за ветинг и формирање нов, специјализиран орган на управа. Предлог-законот е на ДУИ и во него се предвидува формирање агенција со директор и заменик-директор, како и габаритна служба, за проверка на сите актуелни и кандидати за идни функционери на сите нивоа: од претседател на држава до член на совет на општина или член на управен одбор, пратеник, министер, заменик-министер, директор, заменик-директор, сите обвинители и судии…

Пратениците од партијата ДУИ го доставиле текстот од нивниот прелог-закон за ветинг (проверка на носителите на јавните функции) до пратеничките групи од актуелниот состав на Собранието за да го разгледаат и да ги изнесат своите сугестии. Со работната верзија на законот се предлага формирање агенција задолжена за ветинг на сите функционери: од претседателот на државата до членови во совет на општина.

– Законот е многу амбициозен. Со него се формира агенција со директор и заменик-директор, како и соодветна служба, и предвидува проверка на сите актуелни и кандидати за идни функционери на сите позиции: од претседател на држава до член на совет на општина или член на управен одбор, пратеник, министер, заменик-министер, директор, заменик-директор, сите обвинители и судии – појасни пратеникот Артан Груби при поднесувањето на предлог- законот.

Идејата за ветинг на претставниците на власта на различни нивоа во неколку наврати беше споменувана од функционери на ДУИ во текот на оваа година, како при избор на новиот состав на ДКСК (антикорупциската комисија) и во предизборието на претседателските избори. Но сега очигледно е подготвена некаква работна верзија на законот. ДУИ, како идеен автор на предлог-законот за ветинг, ги очекува првичните коментари на партиите, односно на пратеничките групи, веќе во текот на претстојната седмица, а се надева дека ставовите ќе се усогласат, па заеднички ќе се поднесе едно законско решение, кое би било поддржано од сите.

Во очекување на летната собраниска пауза, другите пратенички групи во Собранието се чини дека без голем ентузијазам го примија предлог-законот на ДУИ. Првична оцена е дека Државната комисија за спречување на корупцијата е добар филтер за проверка на функционерите, односно постоен еквивалент за она што се предвидува во предлог-законот на ДУИ. Официјалните одговори од претставниците на пратеничките групи се дека „сериозно ќе се разгледа предлог-законот за ветинг“. Освен ветувањето дека ќе го разгледаат предлогот, од СДСМ велат дека ДКСК ги има механизмите, во согласност со пријава или по допрен глас, да отвори постапка и да утврди индиции за одреден функционер дали работи во согласност со законите, а доколку има сомнеж, тоа понатаму да се проследи до правосудните органи. Од друга страна, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ афирмативно реагираа на предлогот за ветинг на ДУИ, истакнувајќи дека колку е поригорозно ова законски решение, толку ќе биде подобро за државата. И од независната пратеничка група сметаат дека ДКСК добро одговара на предизвиците од спречувањето на корупцијата, но комплексно е прашањето на каква проверка треба да бидат подложени функционерите. Сепак, додаваат дека мора да има повеќе насоки и критериуми, освен имотната состојба и начинот на кој е стекнат имотот. Функционерот мора да биде лице со интегритет и етички квалитети. Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог-законот на ДУИ е дека „расчистувањето во јавниот сектор мора да почне од главата“, без конкретен одговор дали ќе ја поддржат идејата за формирање агенција за ветинг. Што се однесува до идејата за ветинг на обвинители и судии, од опозицијата велат дека тоа не е нова идеја и веќе била предложена од нивната партија.

Дел од експертската јавност, пак, проценува дека предлогот е на дневнополитичка основа и дека доаѓа од некредибилни субјекти.

– Можеби идејата за ветинг на носителите на јавни функции е потребна за нашето општество, но доаѓа од, најблаго кажано, некредибилни субјекти! Лицемерен е обидот претставници од партијата што толку долго време (16-17 години) е дел од власта, но и дел од многу коруптивни, па и криминални скандали, да бидат предлагачи на ваков закон. Ценам дека овој предлог-закон е само политичко купување време за да застарат кривичните дела што ги имаат сторено предлагачите. Сето ова е инспирирано од дневнополитички мотиви – вели професорот Јове Кекеновски. 


Милчин до Адеми: Како не ти е срам?

Професорот Владимир Милчин со статус на Фејсбук му се обрати на министерот без ресор Едмонд Адеми, по повод неговото интервју за Радио Слободна Европа, осврнувајќи се на делот каде што министерот вели дека се појавила „хистерија во јавноста околу тоа дека Охрид може да стане дел од листата на загрозено културно и природно богатство на УНЕСКО“.
Милчин реагира на оваа изјава посочувајќи дека не е хистерија тоа што пред два дена се отвори пицеријата кај чинарот во Охрид, објект дивоградба, во сопственост на Нефи Усеини, советник на ДУИ во општината Охрид.
„Ние сме хистеризирале? Не, министерот ги извртува фактите! Се обидува да го одбрани неодбранливото. Пицеријата кај чинарот се скали? Хотелот во Лагадин е гаража? Како не ти е срам?“, напиша Милчин на својот фејсбук-профил.
Во интервјуто дадено за Радио Слободна Европа, министерот без ресор Едмонд Адеми меѓу другото вели дека на прстите од двете раце може да се избројат дивоградбите од типот на куќи, угостителски објекти или хотели во заштитениот појас во Охрид. Тој тврди дека најголем дел од 409-те градби не се цврста градба, во смисла куќи и хотели, туку дел се гаражи и огради, дел се дополнителни скали. Сето ова се случува во период кога ДУИ предлага закон за таканаречен ветинг, или прочистување за сите идни и сегашни функционери во државата, со што наводно треба да се провери дали имаат каква било дамка во кариерата.