Во 1940 година, во Целје, повторно се сретнав со Дража Михајловиќ. Една вечер седевме во клубот на касарната и разговаравме за општата состојба во Југославија. Кога дојдовме до националното прашање, ми рече: „Ти си Македонец, а вие Македонците сте целосно онеправдани“. Мене тоа ме изненади, бидејќи видов дека многу објективно гледа на положбата на македонскиот народ. Ми вели: „Вие сте непризнаени, обесправени, експлоатирани…“ Потоа цела ноќ размислував да не е тоа некаква провокација, зашто отворено му кажав дека сум Македонец и дека ние немаме слобода, дека сме потчинети, угнетени. Дури му го реков и тоа дека ни презимето не ми е како што треба, а за другото и да зборуваме
Спомени, сеќавања и искажувања на генерал Михајло Апостолски од 1985-та, забележани на магнетофонска лента од Михаил Белдедовски
„Загинувањето на Кочо Рацин беше огромна загуба за македонскиот народ. Да не загинеше, тој ќе беше врвен поет не само во Македонија и во Југославија туку и пошироко“, вели меѓу другото Михајло Апостолски во спомените снимени на магнетофонска лента пред 37 години.
Пред да се врати во Македонија, во 1941 година, војничката кариера ја почнал во Љубљана, во Штабот на Дравската дивизиска област.
„Во генералштабното училиште бев од први октомври 1935 до крајот на март 1938 година. Во тој период во Белград го доживеав подемот на револуционерното движење… Кога се разделувавме, Стојадин Катиќ, со кого долги години заедно се школувавме, ми рече.’Јас одам во Штип’. Тој замина во мојот Штип, а јас во Љубљана, во Дравската дивизиска област. Во Љубљана стигнав во првите денови на април 1938 година. Веќе следната година започна војната. Дража Михајловиќ отиде за началник на 39-от полк во Целје, а нов началник на нашиот штаб стана Жика Радојчиќ. Во 1940 година во Целје повторно се сретнав со Дража Михајловиќ. Една вечер седевме во клубот на касарната и разговаравме за општата состојба во Југославија. Кога дојдовме до националното прашање, ми рече: ’Ти си Македонец, а вие Македонците сте целосно онеправдани’. Мене тоа ме изненади, бидејќи видов дека многу објективно гледа на положбата на македонскиот народ. Ми вели: ’Вие сте непризнаени, обесправени, експлоатирани…’ Потоа цела ноќ размислував да не е тоа некаква провокација, зашто отворено му кажав дека сум Македонец и дека ние немаме слобода, дека сме потчинети, угнетени. Дури му го реков и тоа дека ни презимето не ми е како што треба, а за другото и да зборуваме“, се сеќава генерал Апостолски на настаните пред почетокот на Втората светска војна во разговорот со Коце Солунски, снимен во 1985 година на магнетофонска лента.
Михајло Апостолски: „Дража Михајловиќ служеше за пример во својот полк!“
Според сеќавањата на генерал Апостолски, чии неавторизирани искажувања осум години подоцна автентично ги пренел на хартија приредувачот Михаил Белдедовски, Дража Михајловиќ еден ден испратил писмо до Штабот во Љубљана, во кое се жалел дека Германците и прогермански ориентираните личности се мошне активни во регионот на неговиот полк, барајќи да се преземат некакви мерки:
„Командантот на Дравската дивизиска област го препрати писмото на Дража во Министерството за одбрана, но не се презедоа никакви мерки, а Дража доби опомена за тоа. Не знам зошто тој подоцна прејде на спротивната страна. По капитулацијата на Југославија, при враќањето од Љубљана, се задржав неколку дена во Белград… Тогаш се сретнав со мојот школски другар Радослав Џукиќ. Кога му кажав дека сакам да одам за Македонија, тој ми предложи да одиме кај еден пријател што веќе ја почнал војната. Јас се сетив на кого мисли, па му реков да го поздрави и да му каже дека јас ќе се борам, но не одам кај него сѐ додека не ги видам целите на неговата борба. Тоа беше последното што го слушнав за Дража Михајловиќ пред војната. По војната слушнав дека на почетокот сакал да воспостави врска со мене, но не успеал. Вината за одењето на Дража во четници не треба да ја бараме кај него, туку во тогашниот систем. Можеби тој ќе се бореше за одбрана на земјата доколку се задржеше старата власт, но старата власт пропадна. Тој практично се бореше за обнова на кралството. Кај него се работеше за чисто класна борба.“
По краткиот престој во Белград, генералштабниот мајор Михајло Апостолски одлучил да се врати во Љубљана, а таму во меѓувреме веќе влегле Италијанците. Само неколку дена подоцна, на 18 и 19 април ги собрале сите југословенски офицери затекнати во Љубљана и ги одвеле во заробеништво, најпрво во логор блиску до Трст, потоа во логор во Вестоне, блиску до Милано, и на крајот во логорот во Риека. По ослободувањето, решил да замине за Македонија.
„Бидејќи немав друго решение, се обидов да патувам со отпусницата од логорот на која ги пишуваше моето име и презиме, па јас на неа, со машина на латиница, само додадов на италијански – патува за Штип, Македонија… Во меѓувреме дознав дека Киро Глигоров е во Скопје. Во Скопје го пронајдов Киро (брат на неговата сопруга Цвета н.з.), кој веќе ја имаше преземено банката Вардар. Тој нѐ смести мене и мојата сопруга кај него. Живееше во зградата на банката. Таа беше сопственост на еден адвокат од Белград, кај кого Киро беше адвокатски приправник. Тој му дал полномоштво да ја преземе банката. Киро на банката ставил германски натпис: Алгемајне банк ферајнс. Подоцна, меѓу 10 и 11 септември 1941 година, Лилјана Чаловска ми даде една адреса каде што требаше да отидам на некој состанок. Тоа беше една куќа, пред клиниките, од десната страна, на улицата Савска… Штом се приближив до вратата, Страшо Пинџур ја отвори вратата и ме покани да влезам. Таму се сретнав со Мирче Ацев, а се запознав и со Лазар Колишевски… Излеговме заедно со Лазар Колишевски. Тој беше илегален, па не го познаваше полицијата. Страшо и Мирче останаа во зградата. Тргнавме низ градот и стигнавме до главната улица. Таму шетавме и разговаравме. Тој ми рече дека за петнаесетина дена ќе почне востанието, ќе почне борбата, ќе има пукање. Јас му реков дека одвај чекам да почне, па и ние да се вклучиме“, изјавил генерал Михајло Апостолски во разговорот снимен во 1985 година.
„Смртта на Рацин – огромна загуба за македонскиот народ!“
Во продолжение на своите сеќавања, генерал Апостолски зборува за неговото префрлање во јули 1943 година во Црвена Вода, каде што бил сместен Штабот и каде што веќе биле пристигнати Добривоје Радослављевиќ, Страхил Гигов, Владо Малески и други.
„Првата информација што ја чув од нив беше за смртта, односно загинувањето на Кочо Рацин. Тоа силно ме потресе, а потресени беа и другите. Се потресов бидејќи знаев кој е Кочо Рацин. Лично не го познавав, но знаев многу за него, за неговата поезија. Во Љубљана ја имав неговата збирка ’Бели мугри’, која беше печатена во Самобор. Не се сеќавам како ја набавив, но ја имав набргу по печатењето. Веднаш ми се јави помислата за тоа што сме изгубиле со загинувањето на Кочо Рацин. Тоа беше огромна загуба за македонскиот народ“, вели Михајло Апостолски во делот од спомените за пристигнувањето во Црвена Вода, а потоа продолжува за акциите што следувале, за животот на слободна територија, за напуштањето на слободната територија, за маршот низ егејскиот дел на Македонија, за средбата со руската чета на Кајмакчалан, што го изненадило, бидејќи дотогаш во Македонија немало руски партизани. Потоа Апостолски зборува за Февруарскиот поход и за деновите по него, за Пролетната офанзива и за Првото заседание на АСНОМ, при што во сеќавањата се појавува една интересна забелешка: „И покрај големата радост што кај мене ја предизвика Првото заседание на АСНОМ и свеста за големиот историски чин, сепак има некои работи што врз мене оставија мачен впечаток.
Меѓутоа, за тоа не сакам да говорам сега. Сето тоа ќе биде посебно напишано со рака и врз него ќе биде ставено ембарго за читање.“ Дали за „работите што му оставиле мачен впечаток“ има оставено текст „напишан со рака“ и дали приредувачот на сеќавањата Белдедовски го имал и тој запис, нема податок во документот. Затоа останува отворено прашањето за какви мачни сцени станува збор и каде е тој запис на генералот, ако постои, се разбира? А зошто не сакал да зборува за „мачниот впечаток“ дури ни цели четириесет години подоцна, во 1985 година, две години пред својата смрт, би требало да биде предизвик за историчарите што се занимаваат со поновата историја на Македонија. Дали станува збор за скандалот со генералските униформи на Апостолски и Темпо донесени од Врање, дали за кавгата на Ченто со Темпо во врска со насилното кооптирање на Страхил Гигов во Президиумот на АСНОМ, за конфликтот Темпо – Ченто – Бато, кога политичкото раководство се става на страната на Видоје Смиљаниќ-Бато, а против Ченто и Апостолски, или, пак, можеби за нешто во врска со документите донесени на историското заседание во „Прохор Пчински“? Во секој случај, за тоа знаел само генерал Апостолски и за тоа може да се дознае само ако тој навистина со своја рака запишал што се случило во врвот на македонското раководство за време на Првото заседание на АСНОМ. Во завршните делови од сеќавањата, кои зафаќаат близу триста страница, генерал Апостолски зборува за проблемите што ги имал со капитулираната бугарска фашистичка арамија, која по секоја цена сакала да се прикаже како ослободител на некои македонски градови, а особено на главниот град Скопје, за бунтот на македонските војници што не сакале да одат во Срем туку на Солун, за неговата служба во Врховниот штаб во Белград, за парадата во Москва, за обвинувањата дека наводно сака да ја присвои власта, иако никогаш немал таква желба, за престојот во Горно Врановци и друго.
„Кога дојдов во Горно Врановци, ми кажаа за некои интересни случки и доживувања, кои дури предизвикаа и смеа кај мене. Вангел Чукалевски, командант на Првата македонска бригада, член на Штабот, беше многу интересна личност, а што е најважно имаше извонредна моќ на забележување и смисла за хумор. Еден ден ме праша дали имам претстава за тоа какви луѓе се нашите стражари пред вратата на Президиумот на АСНОМ. Му реков дека немам време да се занимавам со тоа, зашто за тоа постои служба во Штабот. Тогаш тој почна да ми расправа за тоа дека кога отишол да изврши проверка на стражата, прашал еден од стражарите дали знае кого чува, а тој му одговорил дека го чува другарот Асном. Го прашал и дали некогаш го видел, а тој му одговорил дека гледа како влегуваат и излегуваат луѓе, но дека него никогаш не го видел… Некои луѓе што беа вклучени во борбата не знаеја што значи таа кратенка. Тие денови од теренот добивме и некои чудни писма. Едно од нив беше адресирано: ’До другарот Цеко’. Луѓето слушаа дека се говори за Це-ка и мислеа дека тоа е некоја голема личност, па испраќаа писма за да му се пожалат за некои работи. Едно друго писмо беше адресирано: ’До другарката Озна’! Сметаа дека ОЗНА е име на некоја значајна другарка. Тоа се некои занимливи детали што ги дознав за време на мојот престој во Горно Врановци“, стои во сеќавањата на генерал Михајло Апостолски, командант на НОВ и ПОМ во Втората светска војна, историчар и народен херој, снимени на магнетофонска лента во 1985 година во Скопје
„Јас го убедив Ченто да биде предложен за претседател на АСНОМ!“
„По завршувањето на Пролетната офанзива во 1944 година, ние размислувавме за натамошниот развој на востанието, но и за подготовките на АСНОМ. Подготовките ги вршевме во селото Рамно. Меѓу другото требаше да се реши кој ќе биде претседател на Собранието. Во врска со тоа прашање се разви голема дискусија и во Централниот комитет. Идејата беше претседател на Собранието да биде Методија Андонов-Ченто, меѓутоа, Ченто како Ченто, рече еднаш дека не сака и толку. Тој, како што си го знаеме, беше малку тврдоглав. Тогаш јас морав да ја прифатам должноста да го убедувам. Во мене имаше извонредна доверба. Разговаравме долго, цела ноќ, и по извесно време успеав да го наговорам да прифати да биде предложен за претседател на АСНОМ.“
Тито пиел чај, а глумел дека пие вино!
„По ослободувањето на Македонија, во првите денови на декември 1944 година, од другарот Тито пристигна радиограм со барање јас да отидам во Белград… Со мене дојде и Борко Темелковски-Лилјакот… Тој нѐ прашуваше за многу работи, а ние му одговаравме… Тоа траеше отприлика до 13 часот. Околу 13 часот Тито предложи да одиме на ручек. Во еден момент келнерот донесе две шишиња вино. Од едното ни стави нам, а од другото на Тито. Тогаш тој му рече: ’Не, и мене ќе ми ставиш од првото’. А потоа ми објасни: ’Немој да се чудиш. Тоа е чај, не е вино. Кој ќе издржи со оние од Англија и Америка. Јас пијам со нив еднакво, но пијам чај, па останувам трезен’“, изјавил Михајло Апостолски во разговорот забележан на магнетофонска лента.
Блаже Миневски