Условувањето на евроинтеграциските процеси на земјава со именување на македонскиот јазик како официјален јазик и откажување на Македонија од македонското малцинство во Бугарија, го нарушува Договорот за пријателство и добрососедство и понатамошното зацврстување на меѓусебното пријателство. Македонскиот јазик е историски факт и сегашна реалност. Од 1944 година македонскиот јазик е службен јазик во Македонија, а една година подоцна е кодифициран. Тој е меѓународно признат и се изучува на повеќе странски универзитети. Македонскиот јазик е прифатен и од Република Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство, како „македонски јазик согласно Уставот на Р.С. Македонија“. Оттука, барањето наместо терминот македонски јазик да се користи изразот „официјален јазик на Република Северна Македонија”, не е во духот на пријателството и добрососедството и го нарушува Договорот, соопшти ДОМ.
Според партијата, прашањето на граѓаните кои живеат во Република Бугарија и се идентификуваат како Македонци треба да се решава согласно меѓународните конвенции за човекови и малцински права.
Зелената партија ДОМ длабоко верува дека сите прашања од интерес на двете соседни и пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Бугарија, може да се разрешат со заемна доверба и дијалог, со почитување на Договорот за пријателство и добрососедство.
ДОМ не се согласува со изнесеното мислење на Денко Малески дека Македонците и Бугарите биле ист, бугарски народ, а македонскиот револуционер, Гоце Делчев и македонскиот преродбеник, Крсте Петков Мисирков, етнички Бугари. Иако со Република Бугарија споделуваме некои историски настани и личности, македонскиот народ има свој посебен идентитет, а Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и многу други револуционери и дејци кои се бореле за самостојна Македонија, се национални херои на македонскиот народ, се додава во соопштението.