Договорот за решавање на спорот со Грција за името е ратификуван во македонското Собрание, а македонското Министерство за надворешни работи веќе го извести грчкото МНР за ратификацијата, по што Грција треба да го извести Европскиот совет дека се остранети препреките за намошната интеграција на земјава во Европската унија.
Собранието вчера го усвои законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство.
Договорот за решавање на 27-годишниот спор за името со Грција беше ратификуван без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Зоран Заев пред пратениците истакна дека договорот го означува почетокот на крајот на неизвесноста за Македонија и преставува достоинствено и прифатливо решение за двете страни, со кое засекогаш се потврдува македонскиот идентитет и јазик.
– Имаме договор со јасно обележје на нашиот македонски идентитет, на нашиот македонски јазик, за век и векови. Никому ништо не сме му подариле ниту некој ни земал нешто кога се договоривме за географска одредница. Ова е храбар чекор во интерес на иднината на граѓаните и нашите деца, за спокојна иднина. Да ги отфрлиме манипулациите и излолацијата и да му понудиме шанса на договорот – рече Заев и повика на обединување во интерес на заедничката иднина.
Собранискиот спикер Талат Џафери го испрати Законот во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, кој треба да го потпише.
Претседателот Иванов има рок од седум дена да го потпише. Тој во изминатите денови соопшти, а денеска и повтори дека нема да го поддржи, ниту да го потпише договорот бидејќи, според него, е штетен.
Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Иванов го повика вчера премиерот Заев веднаш да покрене постапка за импичмент, нагласувајќи дека неговиот став во однос на договорот за името е конечен и останува непроменет.
– Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент – вели во пишаната изјава до медиумите претседателот Иванов.
Европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл, пак вчера коментирајќи го ставот на Иванов порача дека од ЕУ во повеќе наврати му испратиле порака дека Македонија мора да гледа кон иднината.
– Обврска на политиката, на политичките партии и на претседателот на државата е да водат грижа за перспективите на младите генерации Македонци и Македонки. Таа перспектива најсигурна е со членството во ЕУ, па и во НАТО. Така што не би смеело да има дилеми за тоа каков би требало да биде ставот на претседателот на државата, кој не смее да биде претставник на својата политичка партија туку на целата Македонија и на сите Македонци. Тоа е порака за Иванов. Тоа би било многу корисно и за Македонија, а и за него, како ќе го памтат луѓето кога тоа би го сфатил – изјави Вајгл.
Македонското МНР вчера испрати нота до грчкото МНР, со која известува дека Договорот е ратификуван во Собранието.
Согласно договорот, Грција по ратификувањето во македонскиот Парламент, има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството на Македонија во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни, додека самитот на НАТО е закажан за 11 и 12 јули.
Заев вчера од собраниската говорница објави дека Северноатлантскиот совет по ратификацијата донел едногласна одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел.
Претходно и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека е можно да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на Самитот во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спроот за името.
– Се надевам дека ќе има напредок со поранешната југословенска Република Македонија бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот со името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме – изјави Столтенберг во интервју за француската телевизија „Франс 24“.
Во Грција, пак, Владата на Ципрас со оптимизам во однос на натамошните чекори за спроведување на договореното, додека нејзиниот коалициски партнер, Независни Грци, како и опозициската Нова деморкатија и натаму со критики и обиди да се спречи ратифкувањето на Договорот во грчкиот Парламент.
– По потпишувањето на Договорот од Преспа, Грција и ПЈРМ започнуваат нова ера на пријателство, соработка и стабилност – рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос и изрази убеденост дека Договорот ќе добие мнозинство во грчкиот парламент.
Паралелно, тој објасни дека преку зборови и обиди да сфатат граѓаните кај нас дека решението е во корист на двете земји, Грција ќе ги поддржи напорите што ги прави македонскиот премиер.
– Ние ќе ги поддржиме, со сите наши сили, обидите што ги прави господинот Заев да го ратификува договорот и потоа да ги заврши референдумот и уставната ревизија, онака како што е предвидено за да стапи во сила договорот, а потоа да го ратификува и грчкиот парламент – рече Ѕанакопулос.
Тој повтори дека опозициите во двете земји имаат речиси усогласени ставови и играат на картата дека некој е предавник.
– Опозициите и од двете страни, договорот го сметаат за предавство. Од една страна Мицотакис ни вели дека оној што изврши предавство е господинот Ципрас, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев е националниот предавник. На крај кој е предавник? Никој не е национален предавник. Едноставно говориме за двајца лидери и две влади кои прв пат се движеа во насока на вредностите на соработката, на пријателството, на солидарност и на заеднички развој на Балканот и затоа решија еден спор што трае 26 години – рече Ѕанакопулос.
А претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, пак, порача дека неговата партија ќе се обидеме на кој било начин да го блокира ратификувањето на Договорот и ќе бара да се гласа со зголемено мнозинство.
Тој откри дека од Ципрас побарал наместо со 151, ратификацијата да биде со 180 гласа од пратениците.
– Не се согласуваме со договорот, бараме 180 пратеници и јавно се обврзуваме дека ќе ја спречиме ратификацијата на Договорот во грчкиот парламент – рече тој и додаде дека доколку Ципрас не го прифати предлогот за 180 пратеници, тогаш тие нема да останат во владата.
Лидерот на Независни Грци, изрази убеденост дека Договорот „никогаш нема да дојде во парламентот“, поради тоа што, како што рече „Република Скопје“, нема да ги заврши предвидените обврски.
Нова демократија нагласува дека ќе стори се што е во нејзина моќ за да ги острани негативните последици од Договорот и дека нема да го поддржи во Парламентот.
– Како влада, ќе направиме се што е можно, се што е во наши раце, со преговарачки, дипломатски и политички средства, со контакти за да се смени оваа негативна разврска за земјата по Договорот, тоа е наша обврска – вели одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, говорејќи за грчката телевизија „Антена“.
Тој рече дека нема шанси Нова демократија да го поддржи Договорот меѓу Македонија и Грција и нема да гласа за него, кога ќе дојде во Парламентот.
– Доколку и кога ќе стане влада, Нова демократија ќе направи сѐ, сѐ што има на располагање, со секое дипломатско и политичко средство, за да смени и да намали се што е негативно во договорот – порача Кумуцакос.
Коментирајќи го договорот, тој рече дека владата „во најдобри можни околности, донесе најлош можен договор“ и објасни зошто тие сметаат дека договорот е лош.
Ратификацијата во македонскиот Парламент беше поздравена од повеќемина претставници на меѓународната заедница, меѓу кои и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој беше присутен на самиот чин на неговото потпишување.
– Ја поздравувам ратификацијата од страна на Собранието. Ова е првиот чекор од многу други кон целосна имплементација. Верувам дека сите политички лидери ќе покажат лидерство и храброст за следните чекори – напиша Хан на својот налог на Твитер.
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро.
На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Според договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име). Со договорот се признава – Македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – во сите патни документи.
Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.