По неодамнешното француско „не“ за датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, фокусот на домашната и меѓународна јавност се пренасочува кон договорот од Преспа.
Колку овој документ, кој требаше да ја отвори портата на ЕУ, што не се случи, сега може да претрпи измени, да биде ревидиран или да се одложи неговото спроведување?
Имено, грчки „Катимерини“, повикувајќи се на изјавата на премиерот Зоран Заев, во која тој во интервју за западните медиуми вели дека е можно одредени поглавја од договорот да бидат замрзнати, затоа што тие не можат да се спроведат поради француското вето, пишува дека Атина планира одблиску да го надгледува спроведувањето на договорот. Грчкиот весник, цитирајќи соопштение од грчкото МНР, ја пренесува изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендијас и се додава дека Атина внимателно ќе го надгледува целосниот одговор на соседите на нивните обврски.
– Договорот веќе даде резултати, а Северна Македонија ги повлекува придобивките со отворањето на патот кон НАТО. Нашата цел е преку европски начин да ги решиме проблемите и да ги ублажиме негативните последици од договорот. И за таа цел, ние ќе продолжиме внимателно да го следиме целосниот одговор на соседите на нивните обврски – изјавил Дендијас.
Тој, исто така како што пренесува грчкиот весник, ја повикал грчката опозиција „конечно да размисли за нејзината одговорност за недостиг од ерга омнес“.
Во врска со иднината на Преспанскиот договор, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, порача дека ЕУ е уверена дека Скопје и Атина ќе продолжат да го почитуваат.
На Преспанскиот договор се осврна и грчкиот весник „Етнос“, кој во онлајн-анализа пренесува дел од пораките од Атина до Скопје откако не е даден датум за почеток на преговори на земјава со ЕУ.
– Атина го критикува француското „не“ за почетокот на пристапни преговори, но со интерес го слуша (и во голема мера го дели) барањето на Франција за измени во методологија и процесот на проширување – пишува весникот и додава дека Атина јасно става до знаење дека нема да се меша во внатрешните случаи на Северна Македонија.
Сепак, во анализата се нагласува и дека веројатно враќање назад од страна на која било нова влада на Македонија за името ќе ја доведе во прашање европската перспектива на соседната земја.
Во врска со најновите случувања се огласи и лидерката на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент, Ираце Гарсија, која ги повикала политичарите „да ја спасат“ спогодбата.