Како клучна поента од извештајот за Македонија, подготвен на 113 страници, со аналитичка обработка на реформите и оценување по кластери, евроамбасадорот истакна дека „Европската комисија потврди дека државава ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство и смета дека одложувањето има негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ“. За веднаш потоа да порача дека треба да бидат засилени напорите за решавање на прашањето со Бугарија

НИШТО НОВО ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК ЗА МАКЕДОНИЈА

По претставувањето на годишниот извештај на Европската комисија за реформскиот процес на Македонија, како и на земјите од Западен Балкан, од страна на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, пред Европскиот парламент во Стразбур, евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, им го предаде официјалниот документ на извештајот на македонските власти: на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, како и на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Заедничко претставување на годинешниот извештај на ЕК пред македонските медиуми, евроамбасадорот Гир и вицепремиерот Димитров имаа во Канцеларијата на ЕУ во Скопје. Како клучна поента од извештајот за Македонија, подготвен на 113 страници, со аналитичка обработка на реформите и оценување по кластери, евроамбасадорот истакна дека „Европската комисија потврди дека Република С. Македонија ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство и смета дека одложувањето има негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ“. На таа констатација се надоврза дека треба да бидат засилени напорите за решавање на прашањето со Бугарија и да продолжи и имплементацијата на билатералните договори со Бугарија и со Грција, од сите потписници. Понатаму, тој го повтори она што е напишано и во извештајот дека земјата покажа цврста решеност да напредува кон ЕУ, одржува чекор во реформите и има резултати и дека треба да продолжат напорите поврзани со борбата против корупцијата, владеењето на правото и реформата на администрацијата. Според Гир, извештајот доаѓа во контекст на неодамнешниот самит на Европската Унија за Западен Балкан, каде што се даде недвосмислена поддршка за европерспективата на регионот.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изрази задоволство дека за двата критериума на кои се базира извештајот, оценките се добри: вкупната подготвеност (за членство, не само за почеток на преговори) е со високо ниво, а напредокот е солидно темпо во споредба со минатата година.

– Имаме најголема подготвеност, со средна оценка од 3,02 во областите и поглавјата од Кластерот 1 – темели/фундаменти, дури и во однос на земјите што повеќе години преговараат за членство. Србија е со средна оценка од 2,68, а Црна Гора со средна оценка од 2,83 – направи споредба Димитров, додавајќи дека споредливоста на напредокот и вкупната подготвеност не е за да се фалиме колку сме направиле, туку токму во насока за да има еден вид реформски натпревар во нашиот регион.
Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2021 година е 3,11 или, описно, добро ниво на подготвеност. Од аспект на остварениот напредок, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 29 од вкупно 39 области, додека во преостанатите десет има помал напредок, во однос на напредокот во минатиот извештај. Од аспект на подготвеност, во 90 проценти од областите имаме делумна или добра подготвеност за членство.
– Од наша гледна точка, формалниот почеток на пристапните преговори ќе биде огромен политички поттик. Поттик за спроведување подлабински реформи, со забрзана динамика, не само со усогласување на правото со ЕУ, туку и во суштинска имплементација на усвоената легислатива – изјави Димитров.
Од политичките пораки, како што посочи Димитров, јасно е дека е крајно време да се почне пристапниот процес, за што самата ЕК вели дека влијае многу негативно на кредибилитетот на ЕУ во регионот.


Бугарското вето ја намалува релевантноста на извештаите

Редакцијата на „Нова Македонија“, при презентацијата на извештајот, постави две прашања до евроамбасадорот Дејвид Гир и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Во продолжение следуваат нашите прашања и одговорите што ги добивме.
Дали ситуацијата со ветото на Бугарија придонесува да биде намалена смислата на извештајот на Европската комисија за спроведување на реформите во Македонија, кога без оглед на оцените и резултатите од реформскиот процес, соочени сме со ситуација дека тоа, сепак, не е доволно за земјава да ги започне преговорите за членство во ЕУ?
Гир: Сметам дека е јасно дека извештајот се осврнува на разни реформи. Ако се погледне детално, голем број реформи што се во интерес на граѓаните. И тоа е сосема јасно! Европската комисија јасно рече дека Македонија ги спроведе реформите што се потребни за да се отворат преговорите. Сега акцентот е тоа да се овозможи колку што е можно поскоро. Ова е многу корисен документ, кој го трасира патот на реформите, во интерес на граѓаните, но и кој се занимава со јасниот пат на Македонија кон ЕУ.
Димитров: Можеби не толку директно, но едноставниот одговор е – ДА. Кога една земја-членка, поради прашања што немаат тесна поврзаност со Копенхашките критериуми, ќе го стопира процесот, а Европската комисија вели дека е време да се направи чекор, тоа се разбира дека влијае на релевантноста на овие постапки, на овие препораки. Со оглед на тоа, краткиот одговор би бил – ДА!


„Тајниот“ советник на Вархеи

Еврокомесарот Вархеи на презентацијата на извештајот во Европскиот парламент, во одговор на прашање рекол дека „бугарскиот европратеник Андреј Ковачев му е таен советник“ за македонско-бугарскиот спор. Дали ви е познато, имаат ли официјалните претставници на ЕУ можеби и „македонски советник“ за овој билатерален спор?
Гир: Мислам дека комесарот беше јасен, дека бил и во Софија и во Скопје и одржува контакти за да помогне да се реши ова прашање што поскоро, затоа што е врвен приоритет и за него, како комесар за проширување, но и за ЕУ. Така што мислам дека беше многу јасен на таа тема. Не би знаел што се мисли под тоа „посебен советник“. Ние сме овде, одржуваме контакти со сите, со властите, со граѓанското општество, ги слушаме сите, за сите прашања, вклучувајќи го и прашањето за односите со други земји.
Димитров: Многу е важно што во оваа фаза, голем интерес и ангажман покажуваат претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, што ни дава надеж дека со ангажман на тоа ниво сепак ќе се успее да се направи пробив. Иако мислам дека е уште потребно да бидеме многу внимателни со очекувањата и надежта. Јас би претпочитал да сме изненадени од добра вест, бидејќи имаме доволно искуство од разочарувања и неисполнети надежи.