Внатрепартиските превирања во ДУИ и незадоволството на одредени струи во партијата од понудените кадровски решенија за состав на новата влада ја наметнаа дилемата дали Македонија ќе стане заложник на нечии лични суети и каприци, а Собранието наместо законодавен дом, да стане простор за убедување и одоброволување на евентуално незадоволни пратеници, за да не се растури и онака кревкото мнозинство
ТЕСНОПАРТИСКИТЕ И ПЕРСОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ НА НОСИТЕЛИТЕ НА ВЛАСТА СЕ РАК-РАНА ЗА ФУНКЦИОНАЛНА ДРЖАВА
Последните случувања за неможноста да се закаже продолжение на конститутивната седница на Собранието само покажува дека тенкото мнозинство во парламентот може да биде сериозна пречка во функционирањето на државата, особено во периодот што следува кога се очекува носење на многу клучни одлуки важни за иднината на земјата.
Внатрепартиските превирањата во ДУИ и незадоволството на одредени струи во партијата од понудените кадровски решенија за состав на новата влада ја наметнаа дилемата дали Македонија ќе стане заложник на нечии лични суети и каприци, а Собранието наместо законодавен дом, да стане простор за убедување и одоброволување на незадоволни пратеници, за да не се растури и онака кревкото мнозинство.
Дополнително загрижува тоа што незадоволството не се манифестира поради процената дека понудените кадри не можат доволно да придонесат за развојот на државата, туку најмногу поради нечиј анимозитет или лична меѓусебна нетрпеливост.
Од тие причини постои загриженост дека во време кога земјата очекува отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ и кога од неа ќе се бара решителна борба со корупцијата и сериозни реформи во судството, едни од поглавните поглавја во преговарачкиот процес, Македонија да остане заглавена, па дури и блокирана доколку не биде задоволена нечија лична желба.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека личните пресметки во партиите сериозно ја загрозуваат иднината на државата.
– Тие лични и партиски пресметки сериозно можат да влијаат на иднината на државата не само на економски туку и на безбедносен и на секаков план – смета политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.
Според него, немањето демократија во партиите придонесува да се јавуваат сè поголем број незадоволни партиски функционери, кои на прво место ги ставаат личните, а на последно место државните интереси.
– Со вакво тесно мнозинство секогаш оној што ќе сака да реализира лични сопствени интереси, најпрво ќе ги реализира личните, потоа партиските, а на крајот ако нешто остане, државните. Во секој случај државните интереси ќе бидат загрозени во една ваква ситуација на тенко мнозинство и ќе беше добро да се има едно пошироко мнозинство, но бројките се такви какви што се, политичката култура е таква каква што е, а партиите и понатаму се недемократски и во нив прво одлуките ги носат лидерите на партиите со најтесните раководства, а потоа бараат само аминување. Очигледно тоа повеќе не поминува во политичките партии, луѓето бараат да се слушне и нивниот глас. Не може една тајфа околу лидерот да одлучува кој ќе биде ставен за министер, кој ќе биде во врвот на партијата или во врвот на државата – смета Кекеновски.
Слично мислење има и адвокатот Александар Тортевски, кој смета дека тенкото мнозинство во Собранието ја остава отворена можноста во иднина секој пратеник да излегува со уцени за лична полза, загрозувајќи ја директно иднината на државата.
Според Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во Македонија улогата на Собранието и на пратениците целосно е девалвирана.
– Кај нас, сево ова е далеку од потребното ниво (и добрата практика на многу поискусните демократии), а и улогата на Собранието и на пратениците е девалвирана во голема мера. Секако, често и дел од самите пратеници придонесуваат за тоа, од неразбирање на улогата што ја имаат, преку поминување на мандатот за задоволување ситни (и не толку ситни) лични интереси, до свесна злоупотреба на функцијата за фаворизирање одредени интереси (а за кои се „компензираат“ на други начини) – секако не на граѓаните што ги гласале – вели Кржаловски.
Тој додава дека пратениците, во принцип, треба да гласаат според сопствено мислење и убедување како што тоа впрочем го наложува и Уставот, а кое, пак, треба да се базира на мислењата на граѓаните што тој пратеник ги претставува.
– Кај нас поради изборниот систем (кој не е мнозински, територијален, како на пример во В. Британија) е загубена директната врска на пратеникот со избирачите. Тоа е само делумно заменето со припадноста во политичките партии (па на некој начин се претставуваат граѓаните што гласале за таа партија, но тоа е еднаш во четири години и еден глас за сите прашања), што си има свои предности, но и доста мани (пр. како се стигнува до кандидатската листа на партијата; кому му е лојален пратеникот – на избирачите, на себе или на партијата; што кога не се согласува со конкретен предлог на партијата; итн.) – појаснува Кржаловски.
Според него, за секое гласање во Собранието (секоја точка на дневен ред, секој закон итн.), треба да се води сметка за личното мислење на секој пратеник и да се обезбеди потребното мнозинство (кое не мора секогаш да биде само од пратениците на владејачкото мнозинство).