Утрешниот ден е многу важен, вели министерот Димитров во однос на средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас и медијаторот Метју Нимиц, закажана за утре во Сунио, во близина на Атина.
– Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза, факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сѐ и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред самитот во Софија и наша должност е да најдеме едно решение што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре – рече шефот на македонската дипломатија.
На новинарско прашање и коментар дека се чини дека премиерот Заев е поголем оптимист од него, Димитров рече дека имаат различни стилови, премиерот го покажува правецот, а тој како министер мора полека полека да го изоди патот преку процесот.