Слеано име на македонски јазик и без превод, не е најдобриот правец во разговорите, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес конференцијата, одговарјќи на новинарски прашања.
– Сегашната референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шестте официјални јазици во ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница, заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение – изјави Димитров.
Шефот на грчката дипломатија на прашањето зошто Грција инсистира на промена на македонскиот Устав, рече дека според праксата на европските уставни судови националните устави се над европското и меѓународното право.
– Затоа е потребно ова прашање да се разјасни, но тоа во моментов не е тема, бидејќи сме на средина од преговорачкиот процес – изјави Коѕијас
За нацрт-спогодбите што си ги разменија Скопје и Атина, Коѕијас рече дека тоа се документи со кои треба да се разјаснат позициите на страните, а не да се отежни процесот. На крајот треба да добиеме еден текст што медијаторот Метју Нимиц ќе го преточи во договор и ќе го достави до Советот за безбедност на ОН, како потврда дека проблемот е решен, објасни шефот на грчката дипломатија.
На истото прашање Димитров објасни дека Македонија се залага за оддржливо решение кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и граѓаните на двете земји.
– Наше е тоа да го понудиме и одбраниме. Иако застапуваме различни страни се обидуваме да постигне заедничка иднина. Историјата е важна, но не можеме да ја промениме, за разлика од сегашноста и иднината. Потребно е оддржливо решение што на двете страни ќе им овозможи да одат напред, рече Димитров.
Коѕијас, пак, рече дека е потребно праведно решение кое не се однесува на минатото, туку на иднината и ќе ги отвори патиштата и нема да создава проблеми во иднината.