Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по покана на бриселскиот тинк-тенк EPC учествуваше на онлајн-брифинг на тема: „Северна Македонија се приближува кон ЕУ: напорниот труд создава историја?“
Целта на брифингот беше да се даде осврт, како и да се отвори онлајн-дебата со заинтересираниот аудиториум во однос на историските исчекори на Македонија на планот на евро-атлантските и ЕУ-интеграциите реализирани во март оваа година, во екот на кризата предизвикана од пандемијата, како и на следните чекори и очекувања на планот на нашето приближување кон Европската Унија.
– Досегашната и претстојната поддршка, која се очекува од Европската Унија во поглед на справување со здравствените и социо-економските предизвици од пандемијата, претставува јасно признание дека Западен Балкан ќе биде дел од ЕУ. Ние, нашите граѓани, знаеме каде припаѓаме и по одлуката во март за почеток на пристапните преговори, конечно, ќе ја добиеме и алатката што ќе го даде потребниот поттик за нашата почната позитивна трансформација. Нашиот пат не беше лесен ни досега, при што научивме дека колку е поголема пречката – толку е поголемо чувството на задоволство од постигнатото. И на тој пат, кој ни претстои, при што процесот е поважен од крајната дестинација, сите ние во рамките на својот домен може да бидеме фактори на промената – изјави Димитров.
Настанот беше модериран од страна на Корина Стратулат, виш аналитичар во EPC, а во рамките на дискусијата стана збор и за очекувањата од претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, за случувањата на домашен план, како и за динамиката во регионалните односи.