Ова што го направивме во односите со Грција и Бугарија става крај на една ера на негирање или барем почеток на крајот. Почнуваме нова ера во која можеме да ја вложиме енергијата, не плашејќи се што ќе биде со нас, со Македонија. Нашата генерација треба да го чува ова што го имаме – независна држава и да ја направи посилна, побезбедна, пофункционална, со поголеми шанси за среќа, за иднина, а патот е преку членството во НАТО и ЕУ, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во вечерашното гостување на „Само вистина“.
– Со чиста совест и со чисто срце велам дека ова е добро за иднината на Македонија, граѓаните и македонскиот народ. За некој сум предавник, но прашувам на што? На измамата, на криминалот, на што?, истакна Димитров.
Според него, нема по патриотска должност од решение на проблем што ја компромитира државноста и иднината, што влече назад.
– Ова прашање е многу емотивно, но најнеогдоворно е да се остави и да се игнорира, а последиците ќе ги сносиме ние. Толку долго чекаме за влез во ЕУ и НАТО, тоа е тег што не влече назад, потенцира шефот на дипломатијата, оценувајќи дека единствен начин за македонскиот пасош да биде привлечен, е Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ и да има подобар стандард.