На вчерашниот референдум гласале 666.743 граѓани или 36,91 од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список, соопшти денеска ДИК по обработени 100 отсто од избирачките места.
На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, а „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700. Неважечки се 19.221 ливчиња или 2,89 проценти.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски рече дека согласно утврдените резултати, одлуката не е усвоена зашто не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список.
Извештајот од ДИК ќе биде објавен во Службен весник во рок од 15 дена, а ќе биде доставен до Собранието и објавен на веб страната на Комисијата.