На вториот ден од гласањето на предвремените парламентарни избори правото на глас го оствариле вкупно 7.861 болни и немоќни лица, соопшти портпаролот на Државната изборна комисија (ДИК) Адмир Шабани, на вечерашната прес-конференција.
Тој додаде дека меѓу лицата кои се наоѓаат во домови за вонсемејна грижа, гласале 234 од вкупно 357 пријавени избирачи, а во казнено-поправните установи гласале 1.235 лица.
– Овие податоци ќе се докомплетираат кога одредени општински изборни комисии ќе ги достават своите податоци од гласањето на оваа категорија граѓани, и во текот на утрешниот ден ќе објавиме сто отсто од податоците. Од гласачите кои се наоѓаат на издржување казна затвор треба да бидат доставени податоци уште за КПУ Прилеп за да се комплентира бројката во целост. Според досега добиените податоци, излезеноста е 74,53 проценти – посочи Шабани.
Своето право на глас денеска можеа да остварат 8.855 болни и немоќни лица, 357 граѓани во 17 старски домови и 1.657 затвореници во 13 казнено-поправни установи.
На првиот ден на гласањето, пак, за кандидатските листи се изјаснуваа лицата со ковид-19 и во самоизолација. ДИК соопшти дека правото на глас го искористиле 723 лица заболени од ковид-19 и во самоизолација.