Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски информираше дека гласањето во 17 домови за стари лица низ Македонија се одвива одлично и без никакви проблеми, при посетата на гласачкото место во Домот за стари лица во Катланово.
Денеска гласаат и болните и изнемоштени лица и луѓето коишто се сместени во Казнено-поправните установи, што значи вкупно некаде околу 11 илјади лица ќе го искористат своето право на глас.
Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, пак, ги оцени како шпекулација информациите дека резултатите од вчерашното гласање на лицата позитивни на ковид-19, веќе се познати.
Вчера под посебни протоколи гласаа 723 граѓани заразени со ковид-19 или во изолација, а денеска гласаат затворениците, раселените, болни и изнемоштени.
Право на глас на предвремените парламентарни избори имаат 1.814.263 гласачи запишани во Избирачкиот список. Гласањето утре ќе трае до 21 часот.