Како глобализацијата ги стави во своја функција брзорастечките технологии

Процесите на глобализација во последниве децении, како и промената во глобалната распределба на моќта, ја соочија меѓународната заедница со голем број предизвици – растечка сиромаштија, исцрпување на природните ресурси, протести, масовни миграции, демографски дисбаланс, па и тероризам… – кои иднината на човештвото ја поставуваат во рамките на одредницата општествен ризик и целосно длабоко економско-финансиско и социјално раслојување. Во целиот мозаик на глобализацијата, која недвосмислено ги засилува и зацврстува центрите на глобалната моќ, особено е значаен незапирливиот пораст на разорувачките технологии и револуција на автоматизацијата, која сѐ повеќе се става во функција на оние што имаат најголем интерес од глобализацијата. Овој агол на опсервација на глобализацискиот мозаик ретко кој го разгледувал или анализирал

Во врка со прашањето за поврзаноста на глобализацијата и развојот на високите технологии малку е дебатирано. Но во таквиот контекст на опсервации, многу е интересна анализата на „Геополитика“. Тие тврдат дека човековиот исконски стремеж за развој и просперитет и, во таа смисла, развојот на технологијата, од еден хуман аспект, сега сѐ побрзо и повеќе се трансформира, се дехуманизира, и технолошкиот развој се става во функција на мал број држави, институции и лица што имаат најголем интерес од глобализацијата. Анализата на „Геополитика“ се осврнува на неколку суштински точки. Имено, според нив, т.н. вештачка интелигенција застрашувачки силно е ставена во функција на глобалното деловно работење. Тие го истакнуваат фактот дека изостанаа сериозни расправи за нејзиното влијание на политичките и општествените односи, кои неповратно се менуваат, особено од аспект на моќта, токму во контекст на глобализацијата.

Дали навистина глобализацијата создава т.н. „надзорен капитализам“

Вештачката интелигенција, која веќе е во масовна примена, овозможува обработка на огромни количества податоци и информации, поради што декларираните демократски системи постепено стануваат авторитарни. Масовното следење, како и голем број облици на напад на приватноста на индивидуите, дополнително го технологизираат светот. Современиот т.н. „надзорен капитализам“ овозможи развој во кој големите приватни технолошки компании собираат сѐ повеќе податоци за секој поединец, многу повеќе отколку што кога било имале шанса и можност да го прават тоа разузнавачките служби. Корпоративните држави (либералната демократија) невидливо прераснуваат во техноутопија, поради што предизвикот на политичко управување многу брзо ќе стане еден од најголемите со кои ќе се соочиме.

Додека ЕУ воведува нови прописи за заштита на личните податоци и приватноста, за да се ограничи количеството на лични податоци што компаниите или телата на власта можат да ги соберат, светските медиуми на големо се занимаваат со темата на „системот на социјална контрола“ што го има воведено кинеската влада за да воспостави огромна мрежа на надзор врз 1,4 милијарда (иако многумина сметаат дека се речиси 3 милијарди) свои државјани. Програмата ќе биде целосно оперативна многу наскоро, уште во 2020 година, меѓутоа веќе сега се спроведува. Имено, системот го следи однесувањето на граѓаните преку мрежа од 200 милиони надзорни камери (Кина во овој миг има 4 пати повеќе надзорни камери од САД), по што секој поединец ќе биде бодовно рангиран. Во зависност од своето однесување, граѓаните добиваат или губат бодови, што значи дека можат да бидат наградени или казнети, а сето тоа благодарение на брзиот развој на технологијата за препознавање на лица, скенирање на телото или лоцирање поединци со помош на џипиес. Податоците што се собираат на таков начин се комбинираат со други важни „вообичаени“ податоци – како медицински, ученички или студентски досиеја. На лична дигитална, виртуелна картичка се складираат сите податоци за финансиите на граѓаните, како и историјата на пребарувања на интернет.

Западот негодува, но истото тоа го прави дома

Западот е многу загрижен од кинеската „дигиталната диктатура“, но истовремено не е подготвен да признае дека системот за надзор веќе одамна е инструментализиран во „слободниот“, либерален и демократски свет, во кој новата тоталитаристичка реалност постепено се обликува според визиите на приватните технолошки компании, заеднички именувани под акронимот ГАФАМ (Гугл, Епл, Фејсбук, Амазон) и државните елити, кои сѐ почесто посегнуваат по многу авторитарни методи.

Имено, Патриот акт, како закон што Соединетите Американски Држави го усвоиле по терористичките напади во 2001 година, за зајакнување на националната безбедност и спречување терористички напади, значително го има проширено државниот надзор и овластувањата на американските сојузни власти во спроведувањето на тајните истраги, прислушувањето и масовното собирање приватни податоци на граѓаните без судски налог, стеснувајќи го на тој начин просторот за човековите права и граѓански слободи. Овој закон не претставува некоја новост, бидејќи уште од времето на Студената војна, САД користат сателитски систем за прислушување на комуникациите. Сепак, законот овозможил американските безбедносни служби да развијат застрашувачки електронски надзор врз сопствените граѓани, но постепено и цела мрежа за телекомуникациски надзор, кој низ светот ја пресретнува сета наша комуникација, било пишувана (имејл, социјални мрежи), било телефонска, односно мобилна. Значи, сите наши лични податоци, размислувања и намери што ги разменуваме преку Фејсбук, Твитер, Скајп, Гугл, Јаху или Јутјуб всушност се надгледуваат, зашто ИТ-компаниите (под влијание на Патриот акт) биле принудени да ѝ дозволат на НСА (Националната безбедносна агенција на САД) директен увид во нивните сервери и податоци за нивните корисници.

Претседателот на САД може да нареди апсење во целиот свет

Она што е помалку познато на светската јавност е фактот дека Патриот акт му дава широки овластувања на претседателот на САД да ја уапси која било странска личност за која се верува дека подготвува терористички напад на САД, но не само на територијата на земјата туку и на територијата на која било друга земја. За размерите на прислушувањето на глобално ниво и последиците од злоупотребата на овластувањата на НСА, во 2013 година проговори Едвард Сноуден. Имено, според Сноуден, податоците масовно се собираат без цел, надзор и „рок на употреба“, но она што плаши е можноста некој (а тоа се американските тајни служби) манипулативно и злонамерно да ги употреби против вас во одреден момент. Законот за странски безбедносни служби и надзор (ФИСА), усвоен во 2008 година, дополнително ја има нарушено приватноста на неамериканските граѓани и воопшто суверенитетот на земјите во ЕУ, зашто создаде околности за масовен надзор на граѓани што не живеат на територијата на САД, но го користат системот „клауд компјутинг“. На пример, секоја американска компанија што работи во Европа има обврска да ги даде сите податоци за своите корисници (било да се Македонци, Французи, Романци…), иако не се Американци, и притоа тие да не бидат известени за тоа. Благодарение на интернетските провајдери (Мајкрософт, Гугл, Епл, Скајп…), кои главно имаат седишта во САД, НСА дознава сѐ: лични податоци, податоци за банкарските сметки и кредитните картички што ги користите, вашите контакти, но и локациите на кои сте се наоѓале или се наоѓате.

На тој начин се следат и законски политички активности во Европа, како организација на протестни собири, но и целосно дипломатски активности, како на пример собири Г8(7) или Г20… Од 2002 година се шпионираат и државници (познат е скандалот околу прислушувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, или израелскиот премиер), но и „мали“ актери – секој граѓанин може да стигне под надзор на НСА.
Граѓаните ова можат да го перципираат само како дел од високата политика со која немаат никаква врска, меѓутоа целата ситуација е многу покомплексна. Имено, секој од нас може да потпадне под јурисдикција на американското правосудство, без можност сопствената држава, па и ЕУ, да го заштити. САД имаат билатерални договори со европските држави за соработка на тајните служби во собирање разузнавачки податоци.

Технологијата – добронамерна или не?

Дигиталните алатки првично имале добронамерна цел, втемелена на податоци, така што секоја компанија и држава одредуваат „што е најдобро за нас“. Почнувајќи од Арапската пролет, таквите технологии сѐ повеќе се користат за дестабилизација на државите, но и за стабилизација на одредени режими. Современите технологии сѐ повеќе се злоупотребуваат и во значителна мера ги загрозуваат демократијата и мирот, а обележјата на дигиталните општества, како што се масовниот надзор, неетичките експерименти со луѓе и друго, креираат и нов вид дигитално поткрепен тоталитаризам, кој досегнува глобални размери и се совпаѓа со глобализацијата.

Во погрешни раце, употребата на личните податоци заснована на надзор ќе има катастрофални последици за граѓаните како поединци, но и за општеството во целина. Во експлицитно, или имплицитно тоталитарна држава, овој вид информации би можеле да се користат за предвидување и идентификација на оние луѓе што не се согласуваат со одредени владини политики, однапред дефинирајќи го распонот на санкциите. Факт е дека „новото време“, во кое веќе живееме, радикално ќе го промени постојниот политички систем, кој очигледно е застарен и кој веројатно нема да може да се справи со новите предизвици и потреби.


Во Кина преку специјални очила може да се скенираат граѓаните со 99,8-отстотна точност

Систем на социјален надзор во Кина

Експерименталниот пилот-проект на т.н. „систем на социјален надзор или контрола“ во Кина вклучува најмалку 16 града и покраини. Се користи за препознавање лица, кој ги скенира граѓаните со 99,8-отстотна точност. АИ-очилата, изум на компанијата „ЛЛ Вижн“, можат да идентификуваат лице од база со 10.000 податоци за само 0,1 секунда, а се користат од 2018 година. Така, полицајците и другите „службеници за спроведување на законите“, распоредени на улиците, по продавници и други јавни места секојдневно ги носат овие „чудесни“ очила за да ги идентификуваат осомничените. Очилата, поврзани со база на податоци за сомнителни лица, веќе им помогнале на властите да идентификуваат луѓе за кои постои сомневање дека сториле сериозни кривични дела, но и наједноставни сообраќајни прекршоци. За одржување на социјалната стабилност на општеството, кинеската држава одлучила да го поддржи развојот на вештачката интелигенција, на која целосно се посветени водечките кинески (и светски) компании „Баиду“, „Алибаба“, „Тенсент“, „Хуавеи“, „Шаоми“.

(извор: Геополитика.њуз)