Во рамките на „Деновите на медиумска писменост“, под мотото „Виртуелно или реално – правилата се исти! Да бидеме медиумски писмени“, ќе се одржат низа настани посветени на градењето и развојот на критичката свесност кај децата и младите, но и кај други целни групи поврзани со нив

Третото издание на „Деновите на медиумска писменост“ (ДПМ), кое се одржува неделава, е посветено на младите, поттикнато од влегувањето на медиумската писменост во наставната програма за основно образование, како директен придонес од досегашните активности за унапредување на ова поле кај граѓаните од сите генерации. Во рамките на „Деновите на медиумска писменост“, под мотото „Виртуелно или реално – правилата се исти! Да бидеме медиумски писмени“, ќе се одржат низа настани посветени на градењето и развојот на критичката свесност кај децата и младите, но и кај други целни групи поврзани со нив. Младите можеби немаат доволно информации за тоа што е професионално новинарство или, пак, не поседуваат доволно вештини за да препознаат непрофесионални објави од различни извори. Токму затоа е потребно тие, како и целокупната јавност да бидат запознаени со основата и принципите на професионалното новинарство, со цел да развијат медиумска писменост и да стекнат вештини за брзо и ефикасно распознавање на дезинформациите.
Во денешно време постојат можности за информирање како никогаш досега, но тоа не значи и дека до информациите постојано се доаѓа на правилен начин. Да се биде медиумски писмен претставува умеење информациите да се читаат критички и да се проценуваат, во однос на тоа како се создадени и за која цел.

А тоа се постигнува преку развивање клучни способности, во кои спаѓа и пристапот за доаѓање до потребните информации. Вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование е од голема важност и за борбата против дезинформациите, која е актуелно прашање. А медиумската писменост ги поттикнува и критичкото размислување и развојот на граѓанска свесност, клучни за модерните демократски општества. Последните истражувања на повеќе светски институти, меѓу кои и „Фридом хаус“, Институтот за образование (ПИСА) и европскиот Евростат, покажуваа дека повеќе земји-членки на ЕУ од Централна и од Источна Европа бележат влошување на медиумската писменост. Падот на медиумската писменост се должи на повеќе фактори, меѓу кои се нивото на образование, статусот на медиумите, подемот на сензационализмот и лажните вести, како и слабата критична мисла на граѓаните.
Извесно е дека за постигнувањето индивидуална, но општествена медиумска писменост, е потребна сеопфатна и координирана акција, која подразбира зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа и критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини, покрај справувањето со лажните вести. Тоа е долгорочен и напорен процес, но истовремено и единствен правилен начин за постигнување на целта.

Со ДМП 2021, Македонија е вклучена во Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, која во октомври се одржа по десетти пат, а беше посветена на темата: „Медиумска и информациска писменост за јавното добро“ („Media and information literacy for the public good“). Во контекст на последните измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, државите имаат поголеми обврски во однос на медиумската писменост во сите сектори на општеството, вклучувајќи за сите возрасти и сите медиуми, како и во однос на известувањето за тоа кои мерки се преземени од страна на самите држави.
Во организацијата на ДПМ и годинава се вклучени поголем број членки на Мрежата за медиумска писменост и нејзините поддржувачи: Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС, Институтот за комуникациски студии, ПИНА, „Планет-М“, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, институтот РЕСИС, Универзитетот на Југоисточна Европа, Младинскиот образовен форум и Радио МОФ, фондацијата „Метаморфозис“, Советот за етика во медиумите на Македонија, „Конеду глобал“, МРТ и „Лице в лице“.


„Нова Македонија“ – поборник за медиумска писменост

Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ е дел од коалицијата за медиумска писменост во земјава, која е еден од 10-те најдобри проекти за медиумска писменост во Европа за 2019 година. Станува збор за проект инициран од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, спроведен заедно со Институтот за различности во медиумите од Лондон. А новинарите на „Нова Македонија“ учествуваа на повеќе отворени денови во средните училишта, како и на летен камп одржан на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на кој студентите и средношколците беа поттикнувани да развијат вештини за критичко размислување, како и да ги препознаат лажните вести и манипулацијата со информациите.


Промовиран проектот „Младите размислуваат“

УСАИД во партнерство со ИРЕX и Македонскиот институт за медиуми вчера во Скопје го претстави новиот петгодишен проект за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Во фокусот на проектот е работата со младите, со цел да се поттикнат да развијат вештини за критичко размислување и да научат како да ги препознаат проверените информации. На настанот се обрати амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, како и други претставници на различни институции. Беше потпишан и меморандум за разбирање меѓу ИРЕКС, МИМ, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а се одржа и дебата за важноста на медиумската писменост во образовниот процес и во медиумското опкружување.