Нашата држава е една од земјите во светот, како Британија и САД, во чиј политички живот доминираат две политички партии околу кои гравитираат сите најбитни политички процеси и општествени случувања. Токму оваа тема, во свои рамки, ја анализира британскиот магазин „Форин аферс“, поврзувајќи ја со силниот удар што го доживува тамошниот двопартиски систем. Тоа е последица на брегзит како колосален политичко-економски социјален феномен. Таков необично голем политички феномен се случува и во нашите рамки со Преспанскиот договор. Дали постои одредена аналогија и како би можело да се одрази тоа во нашиот случај?

Британскиот магазин „Форин аферс“ гласно најавува можност случувања со брегзит да иницираат длабоки промени во земјата и да се одразат на тамошната политичката сцена со „растурање“ на традиционалниот двопартискиот систем предводен од конзервативците и лабуристите.

Проекција за судбината на двопартизмот во контекст на брегзит

Според магазинот, нееднаквиот став по прашањата поврзани со излезот од Унијата, но и со другите процеси во Унијата, може многу очигледно да се препознае во говорите на претставниците и на двете доминантни партии, како заеднички именител. Токму ова дава силна индикација на сцената како никулец да се појави нов политички елемент.

– Некои од Британците чувствуваат дека постојните политички партии едноставно не ги претставуваат доволно нивните ставови – пишува „Форин аферс“.

Во својот текст магазинот ги претставува сите можни опции од страна на разочараните британски гласачи, кои би можеле да се пронајдат себеси во сосема нов политички субјект доколку тој некогаш се презентира во тамошната јавност. „Форин аферс“ заклучува дека спектарот на граѓаните што не се идентификуваат со актуелните партии е навистина голем и опширен и ги зафаќа сите слоеви на општеството.

Лондонскиот весник „Гардијан“ на истата тема, пак, открива дека политичките неистомисленици на партиите што се групирани во организација, која го носи името „Промени ја Британија“, и која може наскоро себеси да се регистрира како сосема нова политичка партија во државата.

Во текстот на „Гардијан“ се додава дека телото на оваа потенцијална партија може да биде составено од видни членови и на конзервативците и на лабуристите и за неа потенцијално би можеле да гласаат околу 17 милиони Британци.

Проекцијата за двопартизмот кај нас во контекст на Преспанскиот договор

Слично на Британија и брегзит, и нашата држава се соочува со битни политички преструктурирање, во контекст на Преспанскиот договор.

Очигледно е дека тој по многу нешта длабоко се одразува на целото наше општество, исто како што една колосална промена како брегзит има длабок импакт на британското општество. Како што веќе споменавме, реномирани професори, кои го проучуваа политичкиот систем во Британија, тврдат дека се претчувствуваат длабоки промени кај нив, одразувајќи се на „растурање на традиционалниот двопартискиот систем предводен од конзервативците и лабуристите“.

Ваквата теорија аналогно се проектира и кај нас, во контекст на габаритните промени со Преспанскиот договор, односно со влијанието врз двете најголеми политички сили, а тоа се партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу чии матрици гравитираат сите настани.
Оние што ги следат и разбираат политичките процеси во земјата истакнуваат дека формирањето на трет политички блок, во еден цикличен процес, сега забрзано се актуализира.

Нивните аргументи се дека последните неколку изборни процеси покажале дека илјадници гласачи воопшто не учествуваат на изборите, што е показател дека во земјата има простор за трета опција.
Но, сепак, во изминатите две децении ниту една партија не успеа себеси да се наметне како сериозен играч.

Двопартизмот, незадоволните гласачи и третиот пат

Во прилог на ваквиот став, повеќе политички теоретичари и професори ја образложуваат тезата дека и кај нас има голем број незадоволни гласачи или, пак, оние што апстинираат од гласање. Така, и во декларирањето на претседателските кандидати дека тие се всушност натпартиски, граѓански, може да се препознае и обидот да се привлечат „неизјаснетите“, но и обидот да се зачекори по „третиот пат“, кој како опција е „резултанта на досега две познати политички траектории“. Третиот пат би го имал заедничкото на досегашните политички опции при што би опфаќал најдобрите практики за најголем број на граѓанството на нашата држава.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров посакува, слично на последиците на брегзит во Британија и разнишување на двопартискиот доминантен систем, да има трета опција и додава дека тоа е негова лична желба уште од 1991 година од времето на независноста.

Според Лазаров, третата опција е неопходна на државата, но во тој контекст тој тврди дека главните политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ едноставно не дозволуваат тоа да се случи.

– Како пример можам да ги посочам двете партии како големи дрва што израснале накај сонцето и држат сенка и не дозволуваат на други дрвца да се извишат кон небото – вели Лазаров.

Тој потсетува дека памети голем број примери на донекаде успешни обиди за формирање трет блок како на Васил Тупурковски и на поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Според него, сепак оваа трета опција никогаш не заживеа, а со тоа и се намали демократскиот и економскиот капацитет на Македонија.
– Јас би сакал во мојот животен век да видам и доживеам еден пример во кој третиот блок би победил на избори во земјата. Тоа е мојата желба и сакам овој трет блок да е балансот меѓу СДСМ и ВМРО сличен на третиот блок на неврзаните земји, каде што тие беа балансот меѓу НАТО и Варшавскиот пакт – вели Лазаров.

Тој истакнува дека на државата од многу причини ѝ е неопходен третиот блок бидејќи без демократизација и либерализација на целото општество попусто ќе ни е влезот во НАТО и во ЕУ, кој буквално нема да промени ништо суштествено во државата.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека во земјата третиот блок не функционира бидејќи сето е резултат на менталитетот на граѓаните, но и објективната моќ на дејствувањето на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, иако во земјата има голем број неопределени гласачи, кај нив сепак доминира мислењето дека доколку тие гласаат за трета опција, гласот ќе им пропадне.
Граѓаните, според него, се очигледно несвесни дека пропорционалниот систем, каков што е во Македонија, има помалку пропаднати гласови од мнозинскиот, а со ваквата поставеност на работите тешко е да се замисли дека во блиска иднина би заживеале трети партии.

Стефаноски додава дека во Македонија досега неколкупати се промовираше трета политичка опција, но таа главно завршуваше со незначителен изборен резултат, или дебакл, а повеќето од овие главно помали политички партии подоцна завршуваа како приврзоци на големите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, преку кои ги реализираат своите политички апетити.

Фото: Дарко Андоновски

Предности и недостатоци

Професорите со кои разговаравме како предност на двопартискиот систем го споменуваат фактот дека со него се упростува „изборот на избирачите“. Со тоа се овозможува брзо и едноставно „наградување или казнување“ на доминантните две политички партии, односно доведување на едната од нив на власт, а другата во опозиција, или обратно. Исто така се истакнува тезата дека двете доминантни политички партии нудат побалансирана политичка доктрина, за разлика од помалите партии, кои знаат со своето политичко дејствување да забегаат екстремно лево или во екстремно десничарска реторика и практика.
Од друга страна, во недостатоците на двопартискиот систем се истакнува фактот што со текот на времето, доминантните две партии стануваат дел од еден ист естаблишмент, создаваат еден меѓусебен симбиотски однос, премолчена меѓусебна согласност и договори чија главна цел е одржување на општествен статус кво и со самото тоа тие произведуваат општествена стагнација и партократија.


Каде функционира двопартискиот систем?

Двопартиски систем, како што самото име кажува, е она повеќепартиско политичко уредување, каде што во политичкиот систем доминираат претставници на две доминантни политички партии. Едната од тие две големи партии е владејачка, а другата е во опозиција.
Двопартискиот систем не е институционализиран низ Уставот и законите, но по некое непишано правило, во политичката практика овие две партии ги менуваат местата во системот: позиција на власт и во улога на опозиција.
Двопартискиот систем е карактеристичен за државите, кои имаат парламентарен систем на владеење и мнозински изборен систем, при што токму заради тоа, гласовите (и мандатите) се групираат околу двете најсилни политички партии. Таквиот систем се нарекува Вестминистерски систем (по британскиот парламент), а најпознат двопартиски систем е секако оној на САД каде што доминираат демократската и републиканската партија.

[email protected]