Наодите и записниците на инспекторите ќе одат во владината комисија, која го има крајниот збор и ќе одлучи дали во согласност со евидентираното на терен конкретното училиште ги исполнува или не ги исполнува условите за настава
Просветните инспектори на терен проверуваат кои училишта ги исполнуваат условите за настава во училница
Државните просветни инспектори деновиве одат на терен во училиштата, за да видат кои и колку од нив ги исполнуваат условите за да организираат настава со физичко присуство. Училишните раководства имаа опција самите да побараат ваква дозвола, но таа ќе им биде дадена откако инспекторите ќе ги проверат условите, а владината комисија го има крајниот збор. Како што информира Томе Спировски, директорот на Државниот просветен инспекторат, досега имаат барања од 200 училишта во кои треба да извршат надзор и да видат дали ги исполнуваат условите за изведување настава со присуство.
– Нашите инспектори проверуваат дали училиштето има соба за изолација ако има дете или вработен со симптоми, дали има доволно санитарни јазли, дали има доволно средства за дезинфекција, дали има ознаки и насоки на движење на подовите. Во овој период, ДПИ во соработка со секторите за основно и за средно образование, а врз основа на барањата на училиштата за физичко присуство, врши проверка на терен дали се исполнети условите за физичко. Имаме многу такви барања, досега имаме извршено 40 надзори, а треба да одиме во вкупно 200 училишни објекти. Сите инспектори се ангажирани на терен, ги гледаат условите. Од оние записници што ги имаме сега, немаме наоди дека училиштата што сме ги посетиле не се подготвени – информира директорот Спировски.
Од она што досега го провериле инспекторите, во најголем дел се државните специјални училишта, како и оние за воспитно запуштени ученици, додава тој.
– Она што досега сме го поминале се посебните училишта за деца со оштетен вид, слух, за воспитно запуштени деца. Таму има помалку деца и затоа за нив има услови за настава со физичко присуство. Сме биле во музичките училишта, како и во училишта во Штип, во Скопје, во Тетово, но и во приватните училишта што поднеле барање за физичко присуство – додава директорот.
Наодите и записниците на инспекторите ќе одат во владината комисија, која ќе одлучи дали во согласност со евидентираното на терен конкретното училиште ги исполнува или не ги исполнува условите за настава.
– Правиме подготовка на училиштата за реализација на наставата во согласност со протоколите и планот за настава донесен од МОН. Таму е кажано дека учениците од 1 до 3 одделение треба да се со физичко присуство, а преостанатите ученици да учат онлајн. За средното образование, практичната настава и феријалната практика ќе се реализираат со физичко присуство, како и онаа во фирми и компании, а другите предмети ќе се учат онлајн. Следниот наш инспекциски надзор, кој треба да го направиме до 1 октомври, треба да покаже кој модул е избран и дали училиштата се подготвени за она што го избрале, врз основа на добиените согласности. Потоа ќе знаеме во секое училиште каква е сликата, дали и колку се подготвени. Оние што нема да бидат подготвени, ќе добијат наредба што да преземат и да ги исполнат обврските во однос на онлајн наставата и наставата со физичко присуство.
Ако не ги исполнат, тогаш во согласност со законот за прекршоци ќе има казни или други репресивни инспекциски мерки – нагласува Спировски.
Државниот просветен инспекторат врши т.н. интегрална евалуација, со која ги оценува училиштата низ земјата. Имаа повеќе индикатори по кои се водеа и врз основа на резултатите, училиштето добиваше оцена. Сега, со новонастанатата ситуација, овој процес ќе претрпи измени.
– Интегралните евалуации ги правевме со неколкудневен престој на инспекторот во училиштето. Но сега тие индикатори не ни се компатибилни со ситуацијава, особено делот за учење и настава. Деновиве разгледувавме дали можеме да ги измениме и приспособиме индикаторите за ваква вонредна состојба и пак да продолжиме со интегралната евалуација. Мора да најдеме начин да го мериме квалитетот на работење во училиштата и во вакви услови, за да се види дали има резултати, дали се постигнува образовната цел. Настава и учење имаме, но сега наставата ќе биде различна, планирањето различно, наставните средства се разликуваат – појаснува директорот.