Сестрите Мирјана Кочоска (55) и Славица Тутунџиоска (58), од Прилеп, ќерки на Елена Макалоска (85), најстарата прилепчанка излекувана од ковид-19, деновиве даруваа конвалесцентна плазма, за да спасат друг живот. Двете ја покажаа својата хуманост, а со тоа и својата храброст дарувајќи ја плазмата во Трансфузиолошкиот центар во Прилеп
Прилепски сестри излекувани од коронавирусот донираа конвалесцентна плазма
Во нивната плазма имало доволно антитела за да се користи таа како лек за тешко заболените од коронавирусот.
Мирјана и Славица не се двоумеле. Веднаш откако им кажале дека нивната плазма може да се користи за лекување на други пациенти ја дарувале. Мирјана Кочоска вели дека дарувајќи ја крвната плазма помагаат да се спасат други животи. Порачуваат до сите излекувани да бидат хумани.
– Се чувствувам исполнето. Пријатно е чувството дека помагаш. По извесен период откако нѐ пуштија од болница во консултација со докторката ме прашаа дали сакаме да даруваме крвна плазма, доколку одговара. Се согласивме. Без двоумење двете прифативме. Убаво е да си хуман. Најпрво ни зедоа крв и по десетина дена ни кажаа дека и јас и сестра ми сме подобни, дека сме имале доволен број антитела потребни да се дадат во организмот на друг за да го намалат дејството на вирусот, да дејствуваат позитивно, да се излекува пациентот. Во Одделението за трансфузиологија во Прилеп дадовме крв од која се одделува плазмата, а процедурата продолжи во Скопје. Дадовме по едно ќесе крв. Постапката не беше воопшто болна, исто како дарување крв и траеше десетина минути – објаснува Кочоска.
Таа и целото нејзино семејство, семејството на сестра ѝ и мајката беа заболени од ковид-19, но успеаја да се излекуваат. Мирјана и мајката се лекуваа во болница, додека сестрата и преостанатите заболени членови на семејството беа дома.
– Првично кога разбрав дека сум заболена, а не знам и ден-денес од каде, беше вистински шок. Здравствено ми беше најтешко пред да појдам на болница. Мислев дека умирам. Немав многу проблем со дишењето, бев омалаксана. Имав болки во сите зглобови и во стомачните мускули, буквално не можев да станам од креветот. Станував со помош. Кога појдов во болница системите ми помогнаа. Десетина дена имав температура. По првите пет дена се смири воспалението на мускулите. Имав и малку вртоглавица. Станував само за вода и за јадење.
Не се утврди изворот на вирусот, се чудиме сите. И мајка ми не знам како заболи. Лекарскиот тим и персоналот на Инфективното одделение се однесуваа мошне професионално за да му помогнат на пациентот. Ним сум им премногу благодарна оти помогнаа и во санирањето на мојата психичка состојба. Ми го сменија мислењето и добив психолошка поддршка – раскажува Кочоска, која сега продолжи да оди на работа.
Мајката, Елена Макалоска, пак, на 29 април ја напушти прилепската болница. На 85 години се излекува.
По сето тоа искуство, Мирјана истакнува дека кај секој граѓанин е потребна совест.
– Болеста се лекува ако навреме се третира. Ние сме сега сите добри. Но им препорачувам на граѓаните да бидат внимателни. Да носат маски, да ги мијат рацете, да не се бакнуваат, да држат растојание, да не се групираат. Мерките да ги почитуваат пред сé за сопственото добро, а после за доброто на сите околу нив – вели Кочоска.