Поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски попладнево преку социјалните мрежи информираше дека донел одлука целосно да се повлече од политиката.
– Донесов одлука да се повлечам од политиката и да се посветам повторно на мојата професија. Причината за тоа е дека прифатив ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со каков било политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ – објаснува Манчевски.
Тој нагласува и дека ваквата одлука нема никаква врска со која било состојба во политиката.
– Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Оваа одлука во исто време е и доста емотивна за мене. Пред сè поради моите другарки и другари, со кои сè правевме заедно. Како што знае да каже еден од нив, станавме сестри и браќа по крв. Нашата приказна е за холивуско сценарио во неколку продолженија. Но, токму заради нив можеби и ја донесов оваа одлука. Затоа што знам дека Зоран, Радмила, Оливер, Љупчо, Мила, Муки, Коста, Никола, Фатмир, Јовче, Петре, Бајдо, Роберт, Марјан, Дуле, Бојан, Сања, Јагода, Благој и сите други ќе ми обезбедат да имам нормална работа во нормална држава – пишува Манчевски.
Во пораката тој особено им се заблагодара на двајца политичари.
– Зоран Заев. Тој не е човек, тој е човечиште. Да му се заблагодарам за храброста, вербата и посветеноста. Да му се заблагодарам за жртвата. Да му се заблагодарам што бев дел од историјата која ја создадовме. За довербата што секојдневно ми ја дава, уште од кога ме покани да му бидам шеф на кабинетот во партијата во 2008 година. Но, највеќе од сè за неизмерното другарство. Радмила Шекеринска-Јанковска. Уште кога имав 18 години, ме воведе и ми даде шанса во политиката. Цело време, а и ден денес, ми е пример за принципиелност и работливост. Пример за борец, кој не се предава и никогаш не ги става личните интереси во прв план – вели Манчевски додавајќи дека останува во државата, за да ја сподели судбината и борбата за подобар живот со сите граѓанки и граѓани.