Одлуката за воздржано гласање за амандманите на осумтемина пратеници од независната пратеничка група, во оваа фаза на уставните измени, го отвора прашањето дали станува збор за тактизирање пред конечната одлука, за која е потребно двотретинско мнозинство
Собранието во текот на изминатиов викенд расправаше за нацрт-амандманите што треба да се вградат во Уставот, за да се имплементира спогодбата со Грција, потпишана на 17 јуни годинава, во селото Нивици, во Мала Преспа. Со тоа почна втората фаза од уставните измени, а според собранискиот Деловник, пленарната седница може да трае 12 дена, бидејќи за секој амандман е предвидена дебата од три дена. Но претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека таа би можела да заврши и порано, иако оптималниот рок за нејзино завршување е 18 декември. Пратениците имаат ограничено време на зборување, па, така, може да зборуваат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координаторите на пратеничките групи вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот, пак, во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. Потоа Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно 61 пратенички глас.
Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски аспект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија“.
Со вториот амандман се интервенира во преамбулата на Уставот, па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ“ и се додава „Охридскиот рамковен договор“.
Третиот амандман наведува дека „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани, кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината“ и дека притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
На почетокот на расправата во рамките на 64-та седница на Собранието, премиерот Зоран Заев, образложувајќи ги амандманите што произлегуваат од договорот од Преспа, истакна дека останува отворен за инклузивен процес, барајќи од сите пратеници да интервенираат во фазата за поднесување амандмани. Премиерот истакна дека тие ќе бидат инкорпорирани во Уставот само доколку Грција ја изгласа спогодбата и даде поддршка за протоколот за пристапување во НАТО.
Сепак, ова излагање на премиерот во Собранието не ги разубеди пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека со промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија ќе има нова држава и нов идентитет. Тие наведоа дека со промена на името и на Уставот ќе следува целосно редефинирање на државата. Повторија дека референдумот бил нерегуларен со низа неправилности во гласањето и имало полнење кутии. Опозициските пратеници го прашаа премиерот што ќе направи Владата доколку во Грција не биде прифатен договорот од Преспа и дали повторно ќе се пристапи кон уставни измени.
Покрај сѐ, тие ѝ забележаа на власта дека целиот процес го водела нетранспарентно со невклучување на опозицијата, повторувајќи оти немаат мандат од граѓаните да гласаат за промена на името на државата.
Во оваа фаза на уставните измени, во кои не е потребно двотретинско мнозинство, власта можеби може да се однесува порелаксирано, во однос на ветувањата за помирување и амнестија спрема осумтемина пратеници од независната пратеничка група, кои се издвоија (беа исклучени) од ВМРО-ДПМНЕ по нивната поддршка за пристапување кон уставните измени на 19 октомври, со што беше обезбедено двотретинско мнозинство. Но во текот на првиот ден од пленарната расправа за нацрт-амандманите, пратеникот Зекир Рамчиловиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека осумтемина пратеници со чија поддршка се отворија измените на Уставот ќе гласаат воздржано за три амандмани, потсетувајќи го премиерот дека процесот на уставни измени е врзан со процесот на помирување и простување. Всушност, во текот на истиот ден, паралелно со пленарната седница, состанок одржа и координативното тело за помирување, интеграција и реформи, кое треба да го изработи законот за амнестија, односно само работната група за помирување. Претседателот на Работната група за помирување, Зеќир Рамчиловиќ, истакна дека освен за настаните од 27 април, работната група за помирување ќе биде во постојано заседание и ќе идентификува и други извори на конфликти што произведуваат политички кризи, поделби и недоверба. Тука, како што вели, вклучени се навивачките групи, консензуалноста во развојните владини политики, ЛГБТ, монтирани политички процеси, реформски закони, говор на омраза, скандалот со прислушуваните материјали, соработка меѓу локалната и централната власт. Тој наедно порача дека до крајот на декември ќе има законско решение за процесот на национално помирување. Рамчиловиќ информира дека до 5 декември, независната пратеничка група треба да излезе со предлог-закон за амнестија до интерпарламентарното тело за реформи, интеграција и помирување.
Одлуката за воздржано гласање за амандманите на осумтемина пратеници од независната пратеничка група, во оваа фаза на уставните измени, го отвора прашањето дали станува збор за тактизирање пред конечната одлука, за која е потребно двотретинско мнозинство.
– Што се однесува до поддршката за уставните измени на осумтемина пратеници, тие никогаш не криеле дека нивната цел е амнестијата. И нивните постапки со намера за остварување на таа цел не треба ниту да се глорифицираат, ниту да се стигматизираат. Суштината на актуелниот општествен предизвик е што во Собранието моментално се судираат два спротивставени процеси. Едниот е процесот на помирување, кој е неопходен не само за усвојување на уставните амандмани за имплементација на спогодбата со Грција, туку ќе биде неопходен во наредните две до пет години додека трае процесот на евроинтеграции, односно кога ќе треба да се носат европските закони со двотретинско мнозинство. Спротивни на тој процес на помирување се процесите на спроведување правда и тие сега се судираат во Собранието. Што се однесува до гласањето на осумтемина пратеници, тактиката што се спроведува во моментов е дали „фактурата“ да биде платена авансно или по извршувањето на „услугата“. Се разбира дека осумтемина пратеници сакаат прво да бидат амнестирани, па да го дадат својот глас, а премиерот Заев сака прво тие да гласаат, па да бидат амнестирани – ја согледува ситуацијата во Собранието политикологот Петар Арсовски.
По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието, подносителот на измените, т.е. Владата, мора да одржи јавна расправа за три дена, а потоа има два дена да подготви извештај и да го достави до пратениците. Потоа претседателот на парламентот, Талат Џафери, е должен во рок од 30 дена да закаже седница за да се финализираат промените за кои, како во првата фаза, се бара двотретинско мнозинство. Ова гласање ќе ја заокружи постапката за уставни измени што произлегуваат од спогодбата од Мала Преспа. Сепак, премиерот Зоран Заев постојано истакнува дека уставните амандмани ќе бидат дел од Уставот само ако Грција ја изгласа спогодбата и го поддржи Протоколот за пристапување во НАТО.
Протести и шатори пред Собранието
Додека трае пленарната расправа за усвојување на нацрт-амандманите во Уставот, пред Собранието се поставени десетина шатори од движењето „Македонија блокира“, кои ќе се обидат да го спречат или да го попречат процесот на уставните измени и промената на името на државата. Барањата и пораките беа слични на оние што протестираат, а тоа се: оставка на парламентарниот состав и на Владата, предвремени избори, граѓанска непослушност, поништување на договорите со Грција и со Бугарија и блокада на државните институции. Во знак на револт беа запалени и копии од двата договора. Говорниците на протестот тврдат дека не станува за борба за власт, туку за борба за спас на Македонија и за зачувување на името и на идентитетот. Тие истакнаа дека сите пратеници што ќе гласаат ќе понесат одговорност. На протестот беа упатени критики и кон претседателот Ѓорге Иванов, кој, според говорниците, не покажал одлучност и не застанал во одбрана на државата поради што побараа да го напушти, како што рекоа, инертниот став. Од бината на протестот неколкупати беа повикани сите пратеници од опозицијата, вклучувајќи ги и осумтемина што гласаа за уставните измени, да ја напуштат пленарната седница во Собранието и да им се придружат. Во меѓувреме од „Македонија блокира“ реагираа на соопштението на СДСМ, во кое, како што велат, луѓето што протестираат пред Собранието се нарекуваат маргинални групи и поединци и остатоци од режимот, кои треба да добијат кривични пријави за говор на омраза.
– Пред Собранието имаше голем број присутни за разлика од собирите на СДСМ со т.н. НАТО-журки кога СДСМ постави светски рекорд во посетеност во Охрид со само еден присутен на собирот на СДСМ. Исто така, нека повелат од СДСМ да ги покажат фотографиите од нивното блокирање со шатори пред Владата кога беа двајца без тројца – стои во соопштението на организаторите на протестите.
Од „Македонија блокира“ велат дека ќе „кампуваат“ пред Собранието до Нова година.
Утврден нацрт-амандманот 33
Со 67 гласа „за“, четири „воздржани“ и 23 „против“ вчера беше изгласан нацрт-амандманот 33 на Уставот, со кој се предвидува зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски аспект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија“.
Според пратениците од владејачкото мнозинство, амандманот 33 се однесува на името на државата и со него конечно се дефинираат името на нашата држава во поширок историски контекст и географската одредница „Северна“, која се додава, а тоа е практично реално, но и историско решение на дефинирање модерна држава, која сака своето постоење да го гради на универзални принципи во глобализиран свет.
Пратеникот Панчо Минов, од ГРОМ, рече дека очекувал повеќе од расправата за амандманот, бидејќи тој претставува суштина на државните и стратегиски приоритети на Република Македонија и побара јасно да се дефинира дека промената на името ќе се однесува на насловот и на текстот на Уставот, односно нема да има промена на преамбулата, како и дека промената на името ќе биде условена и ќе настапи по нашето членство во НАТО и во ЕУ.
Фандил Зендели, од БЕСА, рече дека како опозициска партија го поддржале Преспанскиот договор, за кој ценеле дека е предуслов за нашите стратегиски евроатлантски интеграции, иако имале забелешки и сугестии за договорот.
Пратеничката Дафина Стојаноска, од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека договорот е капитулантски и дека со него проблемите нема да завршат, туку само ќе се отворат нови, бидејќи со договорот ѝ се става крај на Република Македонија.
По усвојувањето на 33-от амандман, собраниската седница продолжи со расправа за 34-от амандман.