Фото: Игор Бансколиев

Иако најавувана и очекувана, сепак објавувањето на листата на 134 институции што треба да извршат промени во својот назив во јавноста предизвика реакции на непријатност и збунетост. Од една страна, поради впечатокот дека грчките медиуми дури и пред нас информираа за листата на преименувани институции, што ги подгреа сомневањата дека можеби грчките власти, а преку нив и медиуми, претходно биле информирани кои институции во Македонија ќе бидат преименувани. Таквите претпоставки се поткрепени и од искуството во текот на преговорите и спроведувањето на Преспанскиот договор, кога Грците беа секогаш чекор понапред со информациите за процесот. И, од друга страна, што придавката „македонска“ на одредени институции е заменета со придавката „национална“

Одлуката на Владата за преименување на националните институции (кои се финансираат од државниот буџет), која беше донесена на нејзината 124-та седница, беше само прашање на време кога ќе биде донесена по усвојувањето на Преспанскиот договор, во македонскиот и во грчкиот парламент. Иако најавувана и очекувана, сепак објавувањето на листата на институциите што треба да извршат промени во својот назив, во јавноста предизвика реакции и чувство на непријатност и збунетост. Одлуката и листата на 136-те институции за преименување во Македонија речиси истовремено ги пренесоа македонските и грчките медиуми, со одредени индиции дека Грците дури биле и пред нас.

Тоа ги подгреа сомневањата дека можеби грчките власти, а преку нив и тамошните медиуми, претходно биле информирани кои институции во Македонија ќе бидат преименувани, односно дека листата претходно била испратена на увид и согласност во Грција. Таквите претпоставки се поткрепени од искуството во текот на преговорите и спроведувањето на Преспанскиот договор, кога грчките медиуми беа секогаш чекор понапред со информациите за процесот, кои во Македонија прво се пренесуваа како шпекулации, за набргу потоа да се потврдат како точни и прецизни сознанија.

Од Владата, во изјава за нашиот весник ги објаснуваат најновите случувања.
– Одлуката за новото именување на институциите во Владата е донесена во вторникот на редовна седница. Речиси веќе два месеца е познато и најавувано дека промена во именувањето на институциите треба да се спроведе во согласност со одредбите од конечната спогодба што ја потпишаа двете земји. Кога одлуката е објавена во јавноста, таа им е достапна и на грчките медиуми – вели Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата.

Бошњаковски појасни дека имињата на институциите каде што се споменува зборот „Република Македонија“ се заменети со „Република Северна Македонија“, додека во случаите кога се работи за институција од национален карактер, а во името ја има придавката „македонска“, тогаш таа е заменета со „национална“, како што е случајот со Македонска радио-телевизија, која сега се преименува во Национална радио-телевизија. Придавката „македонска“ останува само кај институциите што го идентификуваат македонскиот национален идентитет, како што е случајот со Македонскиот народен театар. Преименувањето на државните, јавните и институциите финансирани од буџетот е направено во согласност со три критериуми. Останува да се види како ќе гласи новото име на Македонската академија на науките и уметностите, со која во тек се консултации. Во однос на МАНУ, јасно е дека тоа е државна институција, но таму има одредена специфика, и во Владата и во Академијата настојуваат да пронајдат добро решение за оваа институција. За именувањето на армијата на Република Македонија (АРМ) одлуката ќе биде донесена во текот на наредните денови.

– Во овој случај формалното име, на пример, на армијата би било армија на Република Северна Македонија, бидејќи тоа е сега уставно име на државата. Но на пример во случајот со Македонски народен театар имаме етнички елемент и најверојатно ќе биде Македонски народен театар – изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, објаснувајќи ги дилемите во новото именување на институциите.

Листата со 136 институции што треба да ја спроведат одлуката на Владата за свое преименување е направена според нивното досегашно именување во Централниот регистар. Во таа листа, како институција што треба да спроведе корекции во своето име е наведен и Институтот за македонска литература, чие целосно именување сега треба да гласи: Република Северна Македонија, универзитет „Св. Кирил и Методиј“, јавна научна установа „Институт за македонска литература“ – Скопје. Но во јавноста остана забележано дека во листата за преименување воопшто не се споменува Институтот за македонски јазик, што предизвика спротивставени сомневања: дали е тоа тивко целосно бришење на овој институт, како вовед за понатамошно неспоменување на македонскиот јазик, или нема да има измени во именувањето на овој институт, формиран уште во 1956 година.

– Листата на институциите кај кои треба да биде извршена корекција во именувањето е правена според тоа како се заведени во Централниот регистар. Оние институции што не се ставени на листата, значи дека нема промени во именувањето – појаснува владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тоа ја расчистува дилемата дека Институтот за македонски јазик нема да го менува своето досегашно именување, кое како такво е регистрирано, како име на независна институција уште во 1956 година. Што се однесува до Институтот за македонска литература, тој првично е формиран во рамките на Филолошкиот факултет при УКИМ, а како посебен институт е регистриран во 90-тите години на 20 век, по стекнувањето на независноста на Македонија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кое е новото именување на институциите

Уставниот и Врховниот суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Државното правобранителство, Советот на јавни обвинители и Народниот правобранител ќе бидат на „Република Северна Македонија“, како и Собранието, Претседателот на државата, Владата, министерствата, Народната банка, агенциите (за вработување, за иселеништво, за странски инвестиции, за храна и ветеринарство).
„Република Северна Македонија“ ќе важи и за Централниот регистар, Регулаторната комисија за енергетика, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Државниот архив, Природонаучниот музеј, Црвениот крст, Службен весник, националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Фондот за пензиско, Институтот за јавно здравје, „Струшките вечери на поезијата“, Кинотека, Музејот на современата уметност, Драмскиот театар, Македонскиот народен театар, АД ЕЛЕМ, јавното претпријатие „Водостопанство“, националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер. И „Македонски железници“ станува“Железници на Република Северна Македонија“.
Филхармонијата од Македонска ќе се преименува во Национална, но пред името, наместо Република Македонија, ќе треба да стави „Република Северна Македонија“. Истото тоа важи и за Македонската опера и балет. Македонската радио-телевизија ќе стане Национална, како и јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“, кое се преименува во „Национална радиодифузија“. Во „национална“ се менуваат и „Македонска пошта“ и Македонската банка за поддршка на развојот.


Рок од седум дена за спроведување на одлуката

Владината одлука за имињата на институциите е по предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните. Во согласност со одлуката, институциите ќе треба да направат промени на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата, во согласност со амандманите 33, 34, 35 и 36 од Уставот, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците. Ќе треба и да проверат дали се променети сите нивни дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-странци, медиуми,…), како и меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во согласност со заклучоците број 4 и број 5 од 120-та седница, и во рок од седум дена до Меѓуресорската работна група да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен.