Претставниците на дијаспората од сите етнички заедници во земјава се резервирани за можноста во оваа ситуација, кога секоја од земјите има посебни протоколи за влез и за излез, да дојдат на денот на изборите. Тие сметаат дека со тоа се ставаат во ризик, пред сѐ од здравствен аспект, зашто бројот на заболени во земјава сѐ уште е висок, а и потоа кога ќе се вратат во земјата во која живеат може да бидат сместени во 14-дневен карантин
Дали зад одлуката за отварање на границите без негативен тест и карантин, во ситуација кога епидемиолошката слика на Балканот повторно се влошува, се крие политика, е една од дилемите во јавноста откако Владата донесе одлука од денеска во Македонија да може слободно да се влегува без негативен ПЦР-тест на коронавирусот и без обврска за домашна изолација или државен карантин. Сомнежите дополнително ги подгреа и информацијата дека Комисијата за заразни болести не предложила датум за отварање на границите, иако Министерството за здравство во соопштение го тврди спротивното.
Дали ова разногласие меѓу Комисијата, Министерството и Владата е уште една причина да се верува дека одлуката за отварање на границите е политичка, и тоа во пресрет на изборите, за да се овозможи голем дел од дијаспората да дојде на гласање. Иако дел од дијаспората има право на глас за седмата изборна единица и дел од иселениците, оние што се пријавиле на посебниот избирачки список, ќе гласаат во дипломатските претставништва, сепак по традиција голем дел од македонските државјани што живеат во странство за избори доаѓаат дома и гласаат овде.
Во јавноста веќе се шпекулира дека отварањето на границите, особено во услови кога за македонските државјани патувањето е можно само во Србија, Албанија, Косово и во Турција, бидејќи за влез во сите други европски држави важи карантинот од 14 дена, има цел да го зголеми контингентот гласачи од дијаспората, пред сѐ во албанскиот политички блок.
Политичките аналитичари различно ја толкуваат оваа одлука, но некои од нив сметаат дека отварањето на границите и слободниот влез во државата може да се толкуваат политички во контекст на изборниот процес.
Според аналитичарот Александар Спасеновски, во последно време поголем дел од потезите на Владата во контекст на санирање на последиците од корнавирусот имаат повеќе политички карактер отколку здравствен аспект.
– Во ова светло може да се гледа и последната одлука за отварање на граничните премини, бидејќи сме сведоци дека дел од политичките партии, особено тие од албанскиот блок повикуваат за преземање ваков чекор.
Имајќи ги предвид сѐ почестите разногласија меѓу Комисијата за заразни болести и Владата сосема извесни и големи се сомневањата дека ваквото решение има предоминантно политичка функција, а целта е да се создадат претпоставки за подобар изборен резултат на дел од политичките партии, кои очекуваат гласачи од дијаспората што би дошле на денот на изборите – смета Спасеновски.
Аналитичарот Петар Арсовски, пак, вели дека повеќе се работи за популистички пристап во одлуката за отворањето на границите, отколку што е тоа врзано со изборниот процес.
– Веќе сите држави ги отвараат границите за да им угодат на граѓаните, но и најмногу заради економијата – објаснува Арсовски.
Сепак, претставниците на дијаспората од сите етнички заедници во земјава се резервирани за можноста, во оваа ситуација кога секоја од земјите има посебни протоколи за влез и за излез, да дојдат на денот на изборите. Тие сметаат дека со тоа се ставаат во ризик, пред сѐ од здравствен аспект, зашто бројот на заболени во земјава сѐ уште е висок, а и потоа кога ќе се вратат во земјата во која живеат може да бидат сместени во 14-дневен карантин.
Анѓел Митревски, поранешниот претседател на македонската дијаспора во Хрватска, вели дека не верува дека некој од Македонците што живее во Хрватска би дошол во Македонија да гласа на парламентарните избори, затоа што постои ризик потоа кога ќе се врати во Хрватска да седи во 14-дневен карантин.
– Тоа е преголем луксуз дури и за патриотски причини. Претходните избори можевме да гласаме преку амбасадата, но одзивот на тукашните Македонци беше многу мал. Оваа година според последните информации од амбасадата, поради технички причини поврзани со корона-кризата, Македонците од Хрватска нема да можат да гласат ниту во амбасадата – посочува Митревски.
Инаку, лекарите уверуваат дека, ако се гледа само здравствениот аспект на состојбата во земјата, границите би требало да останат затворени.
Микробиологот доктор Никола Пановски вели дека не треба да очекуваме дека ќе се намалува бројот на заразени. Според него, состојбата нема да спласне уште долго, затоа во случајот со отварањето на границите се зема предвид економската состојба на земјата, како и претстојниот период на изборен процес. – Веројатно затоа е и донесена одлуката за отварање на границите. И затоа не може да се пресече и да се каже која одлука е најправилна. Од здравствен аспект Комисијата за заразни болести е во право, но ние сме поопасни за регионот, кај нас статистички има повеќе заболени. Ние можеме да го пренесеме вирусот надвор повеќе отколку што некој од надвор може да ни го донесе – посочува Пановски.
За нагласување е тоа што директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, ги повика иселениците да дојдат да гласаат за Албанец премиер на изборите на 15 јули и се пофали дека тој како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколите препорачани од Светската здравствена организација. Тој на Фејсбук напиша и дека укинувањето на тестирањето и на 14-дневната изолација за иселениците е направено благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на Владата.
Претходно, и вицепремиерот Бујар Османи на Фејсбук напиша дека е време да се отвораат аеродромите и границите без никакви ограничувања.