Фото: Игор Бансколиев

При последното недоделување на датумот за почеток на преговори со ЕУ, сериозна забелешка што, всушност, ги предизвика и најголемиот скептицизам и воздржаноста за позитивната одлука на Советот на Европа, беше токму недовербата во владеењето на правото и правната држава во Македонија. Оттука токму имплементацијата на забелешките на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците може да биде првиот чекор и кон имплементација на европските принципи на владеењето на правото, согласни се аналитичарите

ИЗЛЕГУВААТ НА ПОВРШИНА АНОМАЛИИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТ

Ќе ги почитува ли новата влада препораките на Венецијанската комисија во однос на неприменливоста на Законот за употреба на јазиците, кој предизвикува и дополнително финансиско оптоварување врз буџетите на граѓаните и на државата.
Деновиве во јавноста се појавија информации дека документи на албански јазик чинат неколку пати повеќе за граѓаните Албанци кога треба да ги заверат истите тие на нотар.
Според упатените, трошоците за албански документи се поголеми затоа што, според членот 10 од Законот за јазици, секој документ прво мора да биде напишан и заверен на македонски, а потоа, доколку има потреба документот да биде и на албански јазик, тој се преведува, за што се плаќа дополнително, а цената уште повеќе се зголемува кога истиот тој се заверува на нотар со преведен печат и на албански јазик. Слични правила, според овој закон, важат и за судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции што треба да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки. Цената за овие преводи, пак, е на сметка на државата.

Дополнително, законот предвидува и агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзината работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиона евра годишно.
Во контекст на актуелните случувања, за забележување е фактот дека властите досега сѐ уште ги немаат втемелено препораките на меѓународните експерти од Венецијанската комисија, кои препорачаа да се преиспитаат одредби од законот преку консултации со сите засегнати страни. Правните експерти за законот забележаа дека има проблематични дејствувања, меѓу кои и дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка со што ќе се комплицираат дополнително времетраењата на судските процеси. Исто така во препораките на Венецијанската комисија се нагласува и дека дадените права на малцинските заедници, особено на албанското малцинство во Македонија далеку ги надминуваат европските стандарди и практични искуства од другите европски држави.
Во меѓувреме од Министерството за правда во контекст на најавеното спроведување на прибелешките од Венецијанската комисија велат дека изборниот процес формално завршува по изборот на новата влада.

– Прашањето за усогласување на законот со мислењето на Венецијанската комисија ќе биде задача на новата влада, бидејќи одложувањето на изборите и корона-кризата доведоа до одложување и на ова прашање – истакнуваат од Министерството.
Дополнително, од таму за прашањата поврзани со повисоките трошоци за документите за граѓаните за јавноста информираа дека употребата на јазиците е регулирана со Уставот и законот и истите тие мора да се спроведат и истиот тој се применува директно како што е пропишано во неговите членови.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски на темава вели дека, без оглед на целиот политички контекст, постизборните коалициски договори, интереси и калкулации, Македонија треба да почне да докажува дека е подготвена да ги применува принципите на владеењето на правото, со што ќе ја покаже и својата подготвеност да почне преговори за членство во ЕУ.

– Имено, при последното недоделување на датумот за почеток на преговори со ЕУ, сериозна забелешка што всушност ги предизвика и најголемиот скептицизам и воздржаноста за позитивната одлука на Советот на Европа, беше токму недовербата во владеењето на правото и правната држава во Македонија. Па оттука токму имплементацијата на забелешките на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците може да биде првиот чекор и кон имплементација на европските принципи на владеењето на правото – истакнува тој.

а[email protected]