Паралелно со сите политички превирања изминативе неколку години додека траеше политичката криза, но и сега, по референдумот, додека во Собранието трае процесот за реализација на спогодбата од Мала Преспа со Грција, во политичкиот дискурс доминира терминот платформа.
Имено, на политичката сцена првпат во 2016 година беше употребен терминот тиранска или албанска платформа како своевиден синоним за документот насловен „Декларација на партиите на Албанците од Македонија“, потпишан во Тирана. Тој остро беше напаѓан од страна на политичките партии од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за сега, две години подоцна, истиот термин, но само со поинаков префикс, таканаречена македонска платформа, повторно да навлезе во политичкиот вокабулар.
Имено, неделава потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во едно интервју, изјави дека се создава ново политичко обединување, наречено Македонска платформа, која ќе има за цел зачувување на Република Македонија. Како што објасни тој за медиумот, покрај политичката битка, потребно било да се води и силна општествена битка од голем број граѓани што ѝ мислат добро на Република Македонија, преку голем број формални и неформални групи на здружување.
– Македонска платформа ќе значи еден нов вид политичко обединување во Република Македонија, во која нема да се стандардни познатите коалиции помеѓу една голема и дваесетина помали политички партии, туку тоа е една форма на обединување на сите слободномислечки индивидуи, формални групи, во смисла на невладини организации или здруженија на граѓани, неформални групи, во смисла збир на луѓе што ѝ мислат добро на Република Македонија, со кои не мора целосно да се согласуваме за сѐ, но имаме неколку јасни основни принципи и постулати – вели Николоски.
Во меѓувреме, сѐ позачестената употреба на терминот „платформа“ експертите ја толкуваат како алатка што е користена од политичарите, а која истовремено многу се одомаќинила кај граѓаните и привлекува внимание. Но, според нив, таа не е ништо повеќе од политички маркетинг.
Професорот Јове Кекеновски на Фејсбук ги коментираше актуелните случувања поврзани со промовирањето на платформата.
Според него, жално и срамно е реликти од блиското минато што нѐ делеа по сите основи, сега да нѐ обединуваат и спасуваат, а платформата е за спас на сопствената кожа и не е платформа за спас на Македонија.
– На Александар Николоски, дел од наметнатото раководство на ДПМНЕ по толку време слугување на оние со кои сега се пресметува, му текна дека треба да се формира македонска платформа што ќе има за цел зачувување на Република Македонија.
Додека ФРОДЕМ и ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција со години говорат дека се потребни прочистување и сплотување на силите во партијата за да се зачува и спаси државата, тој мудро молчеше, товареше што можеше да товари и чекаше позиција за да изигрува партиски шериф. Да го потсетиме дека и пред одржувањето на референдумот, Демократската фракција понуди сплотување на силите и заеднички настап за спас на Македонија. Тој и другите наметнати од раководството молчеа и калкулираа до последниот момент. Сега наеднаш кога му е густо и по низа промашувања, сакал заедничка платформа со сите сили и слободномислечки индивидуи?!
Ми се чини дека тоа нема да се случи толку брзо, сѐ додека не се расчисти докрај со сите криминали во сопствените редови, со прислужниците што се крмеа на грбот на тие криминални структури, како и со реликтите од блиското минато што беа соучесници во делбата на граѓаните и сопартијците по разни основи. Платформа за спас на сопствената кожа не е платформа за спас на Македонија – порачува Кекеновски.
Политикологот Милан Стефаноски објаснува дека политичките субјекти во земјава со користењето на терминот „платформа“ само се обидуваат полесно да ги промовираат својата идеологија, партија, политики и целокупниот политички производ што им го нудат на своите граѓани, а сето тоа е дел од политичкиот маркетинг.
– Политичкиот маркетинг им нуди на политичарите многу можности да дејствуваат и ако се користи умешно во одредени ситуации, тој како инструмент на политиката може многу да влијае врз гласачите и кај нив да предизвика реакции, емоции и симпатии што ќе ги поттикнат тие да гласаат во одреден правец – вели тој.
Стефаноски заклучува дека на крајот од денот политичкиот маркетинг во Македонија е многу моќен инструмент, кој на политичарите им помага да се доближуваат до народот, да добијат политички поени и да ја остварат нивната цел во освојување на власта на изборите.
Жените го напуштаат Мицкоски
Во текот на минатиот ден пратеничката Даниела Рангелова поднесе оставка од функцијата претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, зашто, како што вели, не може да биде дел од раководство што ја изолира партијата. Таа во меѓувреме изјави дека останува пратеничка.
Истиот ден и пратеничката Лилјана Затуроска поднесе оставка од позицијата генерална секретарка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Во објавата на Фејсбук, таа ѝ се заблагодари на Рангелова за довербата што ѝ ја дала во два мандата да биде генерална секретарка на Унијата на жени, но не го образложи повлекувањето од партиската функција.