Определувањето затвореност за јавност на седницата на собраниската комисија за избори и именувања во врска со разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева ги разбранува и стручната и пошироката јавност. Во повеќе разговори на оваа тема добивме спротивставени одговори, но и двете страни имаат свои аргументи. Едните образложуваат дека затвореноста на оваа седница фрла дополнителен сомнеж кај јавноста врз решавањето на случајот „Рекет“, а другите дека со одлуката на Советот за обвинители седницата да биде затворена за јавноста, истрагата за овој случај не може да биде нарушена и дека работата на правосудните органи нема да биде загрозена

Дали определувањето затвореност за јавност на седницата на собраниската комисија за избори и именувања во врска со разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева e најсреќно решение и колку ваквиот формат на состанокот остава сомнеж за затскриени (политички) игри поврзани со овој исклучително важен случај за „да се биде или не“ за принципите на кои се темели секоја сериозна демократска држава?

Овие дилеми се исклучително актуелни во домашната јавност во моменти кога за четврток, во 12 часот, е закажана седницата за разрешување на Јанева, а за која неделава претседателот на комисијата Илија Димовски побара од Советот на јавни обвинители материјалот да не го класифицира како доверлив и седницата да биде отворена за јавноста. Но, спротивно на тоа, Советот вчера донесе заклучок дека документот за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева, кој содржи докази за „Рекет“, останува тајност.
Во меѓувреме, истиот ден претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, изјави дека отворена седница за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева може негативно да влијае на случајот „Рекет“.
– Одлучивме дека не можеме да го прифатиме барањето за декласификација на извештајот, бидејќи постојат императивни законски норми за тајност и заштита на лични податоци – изјави тој.

Во меѓувреме, пак, експертите се поделени за одлуката на Советот на обвинители за тајност на седницата за разрешување на обвинителката Катица Јанева и, во сублимиран заклучок, истакнуваат дека отворена седница за разрешување на Јанева ќе им наштети и на истрагата и на инволвираните страни во настаните.
Адвокатот Тони Менкиновски смета дека затвореноста на оваа седница фрла дополнителен сомнеж кај јавноста врз решавањето на случајот „Рекет“, што, само по себе, има голем импакт врз државата.
Тој советува дека оние што сега го класифицирале извештајот треба да најдат механизам како да го декласифицираат, за нивната работа да биде потранспарентна и во согласност со правните норми.

Спротивно размислува професорот на Правниот факултет Гордан Калајџиев, кој вели дека се согласува со одлуката на Советот за обвинители седницата да биде затворена за јавноста, бидејќи истрагата за овој случај може да биде нарушена.
Тој подвлекува дека на ваков начин нема да му се наштети никому, ниту на истрагата за случајот „Рекет“ ниту на осомничената Катица Јанева.
Професорот вели дека оваа практика се темели врз правната практика во нашата земја и таа, според него, е сосема издржана и е во ред.

На слична линија со Калајџиев е поранешниот јавен обвинител Константин Кизов, кој во изјава тврди дека истрагата за случајот „Рекет“ сѐ уште е во тек, се сослушуваат сведоци и,доколку тие документи се разгледуваат јавно, може да се компромитира целата истрага.

Фото: Игор Бансколиев

Ременски на распит за „Рекет“

Во контекст на актуелните случувања, за обележување се вчерашните настани во кои во предистражната постапка за „Рекет“ во средата на распит пред обвинителката Вилма Рускоска беше пратеничката Фросина Ременски и даде исказ во врска со случајот. Таа е почесна претседателка на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, кој е осомничен во „Рекет“.
– Бев повикана како лице од кое се земаат одредени известувања, да дадам одговор за сè што е поврзано со случајот „Рекет“ и Меѓународниот сојуз. Тоа што е во интерес на истрагата ќе си остане за јавното обвинителство. Кај сите облигациони односи што ги има Меѓународниот сојуз со фирми и лица, мое лично присуство нема. Не зборувам за лични релации што не се во контекст на кривичноправниот настан што е предмет на истрагата. Почесното претседателство не претставува формалноправна обврска за какво било учество во органи на политичка партија или некоја организација. Тоа се дава како еден вид признание за одредени активности во сфера што можеби допира сфера на организација чиј почесен член сте – кажа Ременски по распитот.
За потсетување, пред Ременски, на распит за „Рекет“ беа водителката Лила Стојановска, бизнисмените Ардијан Амзоски и Силјан Мицевски и Бурим Рустеми, Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска од СЈО.
Во притвор за „Рекет“ се осомничените Катица Јанева, Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.


Јанева од притвор издала наредба до СЈО

Катица Јанева од притвор, со писмо, ги овластила обвинителите од СЈО сите предмети што се водат во тоа обвинителство да му ги предадат на Јавното обвинителство. Од СЈО денеска со соопштение потврдија дека полномошното на Јанева ги опфаќа сите предмети: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.
– Во текот на вчерашниот ден до ова јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд Скопје е доставено полномошно, кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова јавно обвинителство. Со полномошното, Јанева ги овластува обвинителите во ова јавно обвинителство да му ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите што се водат во ова јавно обвинителство, и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага – се наведува во соопштението на СЈО до медиумите.
Оттаму информираат дека најпрво ќе го запознаат јавниот обвинител Љубомир Јовески со писмото од Јанева, а потоа во СЈО ќе решаваат како ќе постапуваат понатаму.

[email protected]