Какви промени во надворешната политика кон Балканот и Македонија ќе предизвикаат политичките случувања во земјите како САД, Британија и Германија, кои се наши стратегиски партнери? На ваква дилема изминатиов период наведуваат низа настани поврзани со изборни процеси или други политички случувања кај западните држави.
Најсвеж пример за овие промени беше регистриран неодамна во САД, каде што по изборите се случи ново мнозинство од страна на демократите во американскиот претставнички дом на Конгресот.
Ваквите избори во САД, кои се одржаа две години по претседателските, се познати како „избори на половина мандат“, бидејќи се спроведуваат на средината од мандатот на актуелниот претседател.
Иако овие избори во моментов немаат директно влијание врз позицијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, тие сепак претставуваат можност да се прогнозира како Американците гледаат врз актуелната политика на неговата администрација.
Во американските медиуми коментарите беа дека гласајќи во корист на демократската партија за претставници во Конгресот, Американците покажуваат дека е можно за две години да не ги поддржат политиките на Трамп, доколку тој се кандидира повторно.
Претходно, на почетокот од месецот, германската канцеларка Ангела Меркел, која, според многумина, беше неформална лидерка на ЕУ, најави повлекување од својата функција по 2021 година.
Во контекст на овие случувања, за обележување е и фактот дека англискиот печат ја истакна неделава како судбоносна за политичкото дејствување на британската премиерка Тереза Меј. Според медиумите, на Островот во овој период постои реална можност да се изгласа недоверба за владата на Меј и нејзин импичмент, а сето е поврзано со процесите за брегзит, кои, пак, во тамошната јавност предизвикуваа низи превирања и незадоволства од политиките на премиерката.
Во тој правец се поставува и прашањето дали и како овие глобални политички промени ќе се одразат врз регионот и Македонија.
Според македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), овие промени во Претставнички дом на Конгресот во Америка нема да донесат и големи промени во правецот на надворешната политика на САД кон Балканот.
– Напротив, може да се очекува уште поголема фокусираност. Продолжува американската поддршка за договорот од Преспа, реформите во Македонија, како и спречувањето на руското влијание во регионот – истакнува медиумот.
Од друга страна, пак, Дојче веле (ДВ) во свој прилог на слична тема истакнува дека, и покрај промената на Меркел, Германија не ја менува својата политика кон Балканот.
– Одлуката на Ангела Меркел да се повлече од лидерската позиција во ЦДУ, како и најавата дека нема повторно да се кандидира за германска канцеларка, ќе има последици на европско ниво, но тоа суштински нема да влијае на германските политики кон Балканот – пренесува ДВ.
Душан Рељиќ, директор на бриселската канцеларија при Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, смета дека постојат долгорочни континуитети во германската политика кон Југоисточна Европа, кои во голема мера се остваруваат преку политиката за проширување во Брисел и преку НАТО.
– Со самото тоа, таквата политика е ставена во меѓународен контекст и не е подложна на важни и брзи промени – оценува Рељиќ.
Роза Балфур од германскиот Маршалов фонд во САД смета дека со повлекувањето на канцеларката Меркел може да се променат единствено интересите на оние на Западен Балкан што германската канцеларка ја прокламирале во своевидна менторка, но таа додава дека ќе се најде нов ментор и ќе има други политичари кон кои ќе се свртат, кога ќе биде потребно тоа.
Политикологот Милан Стефаноски, коментирајќи ги овие политички процеси околу промените во врвот на власта кај моќните западни држави, кои истовремено се македонски стратегиски партнери, вели дека тие во суштина не носат ништо ново и верува дека ќе продолжат како досега, во позитивен правец.
– Во суштина, големите демократски држави водат принципиелна надворешна политика во која ставовите кон одредено прашање, какви што се Балканот и Македонија, не се менуваат наеднаш и прекуноќ – вели тој.
Политикологот прогнозира дека трите држави и натаму ќе лобираат за македонско членство во НАТО и во ЕУ, но тонот односно начинот на кој ќе бидат извршени лобирањето и дејствувањето во овие меѓународни институции може да биде различен.
– Регионално гледано, пак, верувам дека овие промени во власта кај моќните држави можат да донесат новитети во пристапите за другите геостратегиски отворени прашања на Балканот, особено во пристапот кон случувањата во Косово и оние во Босна и Херцеговина. Јас верувам дека не се исклучува ни можноста новите лидери на овие држави, кои во овој момент сѐ уште се во најава, поагресивно во политичка смисла на зборот да ги притиснат регионалните политичари побрзо да ги решат отворените прашања на Балканот – вели Стефаноски.