САД сметаат дека состојбата на Балканот треба да се промени и дека политиката на американската администрација е насочена кон изградба на стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан
Заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Метју Палмер, предупреди дека во регионов се реактуализираат „националистичката реторика и политиката на историски ревизионизам“ што регионалните политички и државни лидери ги практикуваат.
Иако г. Палмер го кажа тоа по повод свеченоста од одбележувањето на 20-годишнината на КФОР на Косово, неговата политичка порака одекна исклучително силно и јасно во регионот и се огласи до сите лидери на државите во Југоисточна Европа. Пораките беа многу педантно составени и пласирани од страна на г. Палмер.
И тоа не попусто во еден момент кога, не само на релацијата Србија – Косово, туку и на релацијата Македонија – Бугарија, а во врска со договорот за добрососедство, почна покажувањето „националистички и ревизионистички“ мускули и тоа од една членка на ЕУ и на НАТО. Ваквиот момент беше најпогоден за администрацијата на САД на отворена сцена, и токму на просторот во регионов, да даде одговор на изјавите дадени од страна на одредени (бугарски) лидери, кои лансираат и инсистираат на тези за историска ревизија и за присвојување историски личност и дела.
– Лидерите мора да ги остават настрана националистичката реторика и историскиот ревизионизам. Тие ги осквернуваат спомените на жртвите, повторно ги отвораат раните на преживеаните и работат против напредокот – изјави, заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Метју Палмер.
Тој нагласи дека треба да се „прекине циклусот на провокации“ бидејќи „тоа води кон растечка изолација“ и дека САД се подготвени да помогнат во остварувањето на оваа заедничка цел.
Палмер во својата изјава заклучи дека „нормализацијата на односите е клучна за европската иднина“, (пред сѐ мислејќи на Србија и на Косово), но во истиот контекст тој нагласи и дека „нормализацијата на односите е битна и за стабилноста, просперитетот и иднината на целиот регион“.
Оваа порака на американската администрација преку говорот на заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Метју Палмер, ја потврди на социјалните мрежи и амбасадорот на САД во Србија, Кајл Скот. И повторно, тоа не беше воопшто случајно. На својот твитер-профил тој напиша дека САД сметаат дека состојбата статус кво на Балканот не е одржлива и дека нивната цел е насочена кон изградба на стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Уште повеќе, амбасадорот Скот уште еднаш и самиот нагласи дека:
„Политичките лидери мораат да ги остават настрана националистичката реторика и историскиот ревизионизам“.
Со силните пораки што доаѓаат од Вашингтон, а се упатени на адреса на лидерите што „ревидираат историја и ултимативно настапуваат“, и кои ги ставаат нашата држава и македонскиот народ повторно во чекалницата за ЕУ и за НАТО, а наедно игнорирајќи ги универзалните принципи на самата ЕУ каде што тие се членки, САД укажуваат на рецидивите и ретроградноста на таквите политики на некои балкански лидери, но истовремено обрнуваат внимание и на тромавоста на ЕУ, на двојните критериуми што Брисел ги применува кон Балканот и Македонија, бидејќи на тој начин ЕУ фаворизира свои членки, кои непринципиелно наметнуваат тесни и нови ирационални (националистички и новокомпонирани историски) бенчмаркови за интеграција.
Токму во оваа насока беше и финалната порака на говорот на заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Метју Палмер, кој подвлече дека „САД се подготвени да помогнат во остварувањето на заедничка цел“, интеграција, просперитет и иднина на целиот регион, а отфрлајќи ги ретроградните реторики на „националистичката реторика и политиката на историски ревизионизам“. Н.М.