Среќни сме што го обединивме народот. Сите ние во репрезентацијата така живееме пет години, без разлика на нашата етничка, верска или каква било друга припадност. Бевме едно големо семејство, а тоа ни донесе голем успех, рече нашиот
тренерски стратег, Игор Ангеловски
Радувај се Македонијо! Големиот сон стана јаве. Гордо и со крената глава слави го огромниот успех што го постигнаа нашите фудбалски миленици, новите спортски херои на Македонија. Оти она што го заслужуваме, тоа и го зедовме. И тоа воопшто не е неправедно. Напротив. И фудбалерите тргнаа по стапките на ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, ватерполистите… Македонија првпат е дел од едно европско првенство (ЕП) во фудбал. В година со полно срце ќе навиваме за нов успех, но сега како дел од најдобрите 24 европски селекции. Успех, кој никого не остава рамнодушен, особено во овие турбулентни времиња, кога многу отровни стрели се истрелани кон македонскиот народ и многу копја се „кршат“ токму врз македонската почва.
– Успехот на фудбалерите е голем издувен вентил за цела Македонија, своевидна катарза, што доаѓа во ситуација кога се негираат националниот идентитет, јазикот, нацијата, историјата, а сето тоа во услови на тешка криза предизвикана од пандемијата. Триумфот на спортски план е голема работа за враќање на самодовербата, на самопочитта, за кревање на моралот кај народот. Овој триумф е и потврда дека постоиме, дека можеме да победуваме, дека вредиме и дека можеме да бидеме многу подобри во сѐ. Спортскиот успех треба да им биде показател и да им послужи за пример на македонските политичари дека треба да се работи тимски, напорно, на подолги патеки, бидејќи нема успех прекуноќ. Тоа значи дека треба да се бараат решенија, да се работи, да не се потклекнува пред проблемите. Треба да се бориме, бидејќи без труд, без макотрпна работа, без жртви, нема успех.
Во спортот, но и во другите сфери во општественото живеење важи правилото колку ќе вложите толку и ќе добиете за возврат. Тоа сега го покажаа фудбалерите, претходно ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, да се надеваме дека оваа нишка успеси ќе продолжи – вели Константин Миновски, професор по социологија на спорт на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Овој триумф е и потврда дека постоиме, дека можеме да победуваме, дека вредиме и дека можеме да бидеме многу подобри во сѐ. Спортскиот успех треба да им биде показател и да им послужи за пример на македонските политичари дека треба да се работи тимски, напорно, на подолги патеки, бидејќи нема успех прекуноќ. Без труд, без макотрпна работа, без жртви, нема успех. Во спортот, но и во другите сфери во општественото живеење важи правилото колку ќе вложите толку и ќе добиете за возврат, вели Константин Миновски, професор по социологија на спорт на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје
Велат дека спортот е огледало на една нација, а токму Горан Пандев, Елиф Елмас, Илија Несторовски, Аријан Адеми, Дарко Велковски, Езгјан Алиоски, Столе Димитриевски и другите другари едноставно се слеаја на теренот во едно, со грбот на својата татковина, бранејќи ги чесно и пожртвувано своето идентитетско јас, ние, нацијата, државата. Покажаа дека, сепак, Македонија е нераскинлив, интегрален дел од Европа и дека македонскиот глас, овој пат фудбалски, рамноправно ќе се чуе. Тоа е она што го исполнува срцето на секој правдољубив човек со чисти мисли.
– Ѝ честитам на Македонија за одличниот успех. Оваа победа е најфантастичното нешто што во овие тешки моменти им требаше на Македонија и на македонскиот спорт воопшто. Македонските фудбалери на терен покажаа што значи соживот, единство и емпатија, она кон што треба сите да се стремиме и да го применуваме. Спортот и победите се единствените нешта што позитивно влијаат на нашите чувства и емоции и што во овие тешки моменти на пандемијата на коронавирусот направија во еден момент да се заборави на лошите работи што секојдневно нѐ опкружуваат и заеднички сплотени да уживаат и да ја прослават големата победа – вели поранешниот тренер на Металург, Лино Червар.
Тоа репрезентативно единство што злато вреди, најдобро го искажа фудбалерот Енис Барди (кој овој пат поради повреда не можеше да им помогне на своите другари) на својот инстаграм-профил, пред средбата со Грузија. Моралната поддршка влијаеше како и тој да беше долу на теренот.
– До тука стигнавме затоа што тоа го заслуживме. Уште еден чекор пред големиот сон за сите нас. Нема да можам да сум на теренот со вас, но ќе навивам до крајот и ќе ве поддржам секоја секунда. Ќе ја добиеме уште оваа битка. Ајде момци, сите сме со вас, браќа – напиша Барди.
Жолто-црвената фудбалска „лава“, силно еруптира и однесе сѐ што се најде пред неа, за да го направи среќен својот народ. Никакви бедеми и скриени замки што демнеа не успеаја да го сопрат или попречат нејзиниот налет. Македонскиот спортски вулкан отсликан во овие македонски фудбалски јунаци со чисто срце и ведар дух, сплотени браќа, полни со самодоверба, едноставно дадоа пример како треба да се бранат боите на својата Македонија и тогаш, кога разни игри настојуваат да ја скројат нејзината иднина по некој чуден модел. Отсега со гордост ќе подгледнуваме и во фудбалскиот ретровизор и ќе им раскажуваме на идните генерации за овој голем славенички ден и за Пандев Велики. Но и ден за потстрек за нови спортски и други успеси.
Оваа победа е најфантастичното нешто што во овие тешки моменти им требаше на Македонија и на македонскиот спорт воопшто. Македонските фудбалери на терен покажаа што значи соживот, единство и емпатија, она кон што треба сите да се стремиме и да го применуваме. Спортот и победите се единствените нешта што позитивно влијаат на нашите чувства и емоции и што во овие тешки моменти на пандемијата на коронавирусот направија во еден момент да се заборави на лошите работи што секојдневно нѐ опкружуваат и заеднички сплотени да уживаме и да ја прославиме големата победа, вели поранешниот тренер на Металург, Лино Червар.
– Македонските фудбалери на мечот со Грузија, како и на претходните, покажаа карактер, посветеност и истрајност што е одлика на тимскиот менталитет или на т.н. „добра хемија“. Во ова време на стравови, особено поради пандемијата на ковид-19, радоста што тие ни ја приредија е надеж дека заедно можеме сѐ, дека ќе издржиме и ќе надминеме сѐ. Сепак, човекот е најсовршеното суштество на планетата Земја. Искрени честитки за момците и за целиот стручен тим. Само напред. Тие испишаа историја во сите наши срца – вели професорката по психологија и деканка на ФФОСЗ Ленче Алексовска-Величковска.
Македонскиот фудбал испиша нова историја, натопена со солзите радосници на нејзиниот стратег, Игор Ангеловски, по натпреварот, што е уште еден доказ за нејзината тежина.
– Среќни сме што го обединивме народот. Сите ние во репрезентацијата така живееме пет години, без разлика на нашата етничка, верска или каква било друга припадност. Бевме едно големо семејство, а тоа ни донесе голем успех. Среќен сум што работам со вакви фудбалери – рече Ангеловски.
Но она што треба најмногу да радува е фактот што и репрезентативците покажаа една нова димензија на теренот, особено на тешките гостувања, од која треба да учат сите, а тоа е: обединетост, гордост, психолошка стабилност, соработка, љубов кон татковината, но и верба во сопствените можности и тогаш кога ситуацијата не е розова. Но знаат ли и политичарите да играат по моделот на македонските фудбалери? Ако споредиме со политиката во последно време, но и претходно, ретко можеме да се пофалиме со брилијантни потези и одлуки од широк јавен интерес.
Спортот едноставно ги развива храброста, трудољубивоста, истрајноста, упорноста, желбата да се успее и при речиси невозможни околности, впрочем како и во секојдневниот живот. Тбилиси е типичен пример. Такви носители како во фудбалот ни се потребни секаде, способни, конкурентни, храбро да истапуваат транспарентно, да го штитат сопствениот народ и да не се повлекуваат. Само така можеме да одиме напред.
Можен ли е сега нов подвиг, но овој пат на ЕП? Со тимска работа, почитување, скромност, дисциплина, срце на терен, труд, голема борбеност, желба за докажување, нова свест, правилно резонирање, однесување, начин на кој треба да се согледуваме како нација, односно елементи што веќе ја красат оваа репрезентација, зошто да не, иако сме дебитанти на големиот континентален собир на репрезентациите. Отсјајот на големите екипни ракометни и кошаркарски победи во минатото, ќе биде уште поголем во нашите зеници, ако обединетоста и поддршката на народот биде уште поголема. Колоната возила и мноштвото развиорени македонски знамиња придружени со извиците „Македонија, Македонија“, кои ги видовме по победата, се само доказ дека одиме во таа насока. А колку, пак, поддршката на народот ќе биде поголема, толку поставената цел ќе биде поблиска.
– Уште не сме свесни што направивме, но среќни дека ќе играме на ЕП. На цела Македонија ѝ се оствари сонот – рече капитенот Горан Пандев.
Убаво е да се биде Македонец, да се воскликнува на секој успешен потег, на постигнатиот гол, на финалната победа. Убаво беше барем за миг да се заборави на политиката, на разните ветувања, неисполнети очекувања, здравствениот ковид-биланс, а да се видат обединети и насмеани со една цел и мисла – фудбалски олимп. Доволен мотив за секаков друг успех. Доволно беше силна фудбалската порака дека треба да се биде обединет, особено за нешта што произлегуваат од нашето постоење, идентитет, традиција, јазик, култура, народ. Доволно силен пример за да се отфрлат политичките, партиските, верските, етничките поделби, бидејќи богатството на Македонија е токму во мултикултурализмот, соживотот, заедништвото. Граѓаните на Македонија го знаат тоа, бидејќи нивните предци им го оставиле тоа како завет, а сега е време да се остави тоа на идните генерации како најсвето наследство. Г.И.;Л.Д.;Та.Д.