Во Македонија референдумот е уставна категорија регулирана со членот 73 од Уставот на Република Македонија. Референдум може да се распише по претходно гласање на мнозинството парламентарци или, пак, парламентот е должен да распише референдум по предлог од најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна. Формите на референдум се уредени со Уставот, Законот за референдум, како и со Законот за локална самоуправа. Референдумот претставува највисок облик на непосредната демократија. Но и за оваа најзначајна форма на демократско изјаснување постојат дилеми, од технички до суштински…
Кога би бил организиран референдум, тогаш и формата и содржината на таквото остварување никако не може да биде надвор од рамките на Уставот и на законите, со стриктно и недвосмислено придржување на принципот на легалитет. Политичките манипулации од која било страна, за поддршка или против референдумското прашање, јавноста треба целосно да ги демаскира, а интересот на нацијата (која точно знае која е и што е, но знае и која е формулата на просперитет и одржлив развој) да биде императив! Затоа, и прашањето за референдумот е суштинско на патот на кој Република Македонија зачекори по потпишувањето на договорот од Нивици. И поради тоа што претставува битие за наредниот развој на настаните, на прашањето за референдум се кршат и идеолошки и партиски и институционални, но и „копјата“ на академските дејци.
Сепак, донекаде постои согласност дека клучната одлука за прифаќање или за отфрлање на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција треба да го имаат граѓаните. Таква е декларираната позиција на политичките чинители во Македонија, и на власта и на опозицијата, но се чини дека сите се воздржуваат да го истакнат тоа и како официјален став. Владата наводно ги очекува потезите на опозицијата и е на штрек од нејзиниот повик на бојкот на референдумот, а опозициската политичка матрица дава можност за сомнежи дека Владата може да манипулира, па дури и да го избегне референдумот. Опозицијата гледа можност за отстапување од референдумот во англиската верзија на Преспанскиот договор, каде што, велат, англиското „или“ (or) ѝ дава можност на власта и да процени дека не е потребен референдум.
– Во врска со одржувањето на референдумот, веќе не е прашање ниту на одредбите од спогодбата или на законските прописи, туку на веќе изразениот политички став на двете најголеми партии (во време кога биле, односно се, на власт), и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, дека доколку има договор со Грција за името на државата, последниот збор ќе го имаат граѓаните – вели политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски.
Иако е оставено политичките партии за деталите околу референдумот да се договараат по самитот на НАТО (11-12 јули), а во меѓувреме (на 5 јули) Собранието треба повторно да гласа за ратификација на Преспанскиот договор (откако претседателот Ѓорге Иванов стави суспензивно вето на договорот), премиерот Зоран Заев веќе ја почна референдумската кампања на социјалните мрежи.
Стапиците што претставуваат предизвик во организација на референдумот се почитувањето и исполнувањето на референдумскиот цензус, потоа оставениот простор за дилема дали да биде задолжителен или консултативен, како и формулацијата на референдумското прашање. Сите овие точки, и за поддржувачите, и за критичарите на Преспанскиот договор, кој ќе биде предмет на референдумот, претставуваат терен за потенцијално можна манипулација на другата страна.
– Најважно е да нема манипулација во ниту еден сегмент во организацијата на референдумот. Тој треба да биде јасен, објективен и да се прифатат резултатите од сите политички чинители: власта, опозицијата и претседателот. Треба сите чинители да бидат вклучени во процесот за сите да ги прифатат резултатите. Референдумот треба да обедини, односно да биде точка на компромис во која сите би се обврзале да ги прифатат резултатите. Истовремено, референдумот претставува можен излез од несогласувањата на политичките елити. Сепак, со референдумот треба да се добие легитимитет (широка поддршка од општеството) за Преспанскиот договор, а не само легалитет (законска покриеност) – вели Владимир Божиновски.
Во врска со размислувањата за задолжителноста, односно консултативноста на референдумот, Божиновски нема дилеми дека тој треба да биде задолжителен, а процесот целосно транспарентен. Односно резултатите треба задолжително да се прифатат. Што се однесува до опциите за намалување на цензусот, поради (наводно) нереално големиот број гласачи во избирачкиот список, Божиновски смета дека нема веќе простор за интервенција по тоа прашање, зашто референдумскиот цензус е одреден со Уставот.
– За таква интервенција со цензусот треба да се посегне по менување на Уставот, односно тоа да се спроведе во Собранието со гласање со двотретинско мнозинство… Настрана што таквото менување на уставниот цензус пред одржување на референдум би значело манипулација – размислува Божиновски.
Сепак, клучниот момент во референдумот е јасната формулација на референдумското прашање. Иако не постојат стандарди за референдумски прашања, сепак, познато е дека суштината на прашањето треба да се однесува на она што се менува.
– Никако не треба да се прави манипулација со референдумското прашање. Суштината на прашањето треба да биде на промената на името на државата. Притоа треба да се нагласи дека таквата промена е за севкупна употреба и дека за тоа треба да се спроведат и уставни промени. Во референдумското прашање би можело да биде наведено дека тоа се прави поради евроатлантските интеграции на земјава, но не би требало главниот акцент да биде на тоа. Гласачите не би требало да бидат ставени пред свршен чин, како со предлог-прашањето што се појави во јавноста, од типот: „Дали сте за тоа Северна Македонија да влезе во сојуз со НАТО и ЕУ?“… Не би смеело и да се постави негативно прашање, за останување на статус кво. Не е поентата референдумот да биде наместен или изманипулиран, колку да се прикаже некакво придржување на законите. Со референдумот треба да се добие легитимитет на одлуката, каква и да биде таа – вели политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски.
Сепак, и покрај формалноправниот аспект на прашањето за референдумот, во интелектуалната јавност постои и едно онтолошко гледиште дека прашањето за името на државата не е нешто за што може да се одлучува на референдум, кое јавно го артикулира Ферид Мухиќ, професор по филозофија и независен пратеник во Собранието на РМ.
– Дојдено е дотука и сега има многу аргументи на ова ниво, дека договорот никако не смее да се прифати, бидејќи навистина е штетен за нас. Се разбира последниот збор го имаат граѓаните. Се согласувам со тоа дека гласот на граѓаните е божји глас, иако морам да ви кажам дека и тука сум со резерва. Мислам дека никој, па ниту граѓаните немаат право да го арчат она што самите не го спечалиле. Името е наследено, не е од оваа генерација, не смее воопшто да се изјаснуваат за тоа. За некои работи не можеш да се изјаснуваш. Можеш да се изјаснуваш за она што е твое. Ова е наследено, не си го создал ти. Тоа име не е придобивка на оваа генерација – размислува професорот Ферид Мухиќ.
Заев: Во референдумското прашање ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО
Не е утврдено референдумското прашање, а со политичките чинители и со граѓанскиот сектор допрва ќе утврдиме и дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за деталите околу најавениот референдум. Во однос на роковите, Заев кажа дека тоа ќе биде крајот на септември или почетокот на октомври, а ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во парламентот.
– Заедно со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор ќе одлучиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите што следуваат – изјави Заев.
Премиерот нагласи дека во прашањето ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО.
– Во гласањето, сите опции се отворени и сѐ зависи од политичките чинители во државата. Ќе се усогласиме за граѓаните да добијат фер шанса и да се изјаснат онака како што мислат дека е најдобро за нивната иднина. Ги повикувам граѓаните да гласаат за македонската иднина – додаде премиерот Заев.
Грчева: Референдум за што?
„По низа незаконски дејства, по противуставното и еднострано потпишување на спогодбата со Грција, се најавуваат уште нови подлости и измами врз македонскиот народ. Се подготвува заобиколување на потписот на претседателот Ѓорге Иванов, се спрема најголемата измама наречена референдум. Добро знаат дека без позитивно изјаснување на граѓаните на Република Македонија оваа спогодба не значи ништо. Референдум не смее да има. Како е можно сегашната најголема опозициска партија да вели дека спогодбата е капитулантска, погубна, историски штетна, што е точно, а уште да инсистира дека и тие им ветиле референдум на граѓаните. Референдум за што? За капитулантското, погубното и историски штетно решение?! Референдум за откажување од нашата историја, за откажување од нашите малцинства во соседните држави, референдум за понижување на нашите по светот, референдум против нашата култура, против нашите предци, референдум за печатење пари од променетите лични документи, референдум за задушување на слободата на говор, референдум за кршење на сите конвенции за човекови права и слободи, референдум за ’светлата иднина’, која, еве, видовме не зависи од нашето самоукинување, референдум за укинување на суверенитетот? Зарем смее да му се даде шанса на таквото решение?“, пишува универзитетската професорка и лидерка на Глас за Македонија, Солза Грчева, во својата најнова колумна.
И грчката опозиција бара референдум
Претседателот на помалиот коалициски партнер во грчката влада – партијата Независни Грци, Панос Каменос, навести продлабочување на кризата во Владата велејќи дека договорот за името е лош и може да биде одобрен само преку референдум или преку нови избори во земјата, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Каменос бил категоричен дека нема да дозволи договорот да се придвижи напред без одобрение од грчкиот народ.
– Кога велам дека луѓето треба да бидат прашани, мислам на референдум или на нови избори – кажал Каменос.
Како и претходно, Каменос предложил гласањето на договорот за името во парламентот во Грција да се одвива со двотретинско, а не со просто мнозинство. Во спротивно, како што рекол, Независни Грци ќе инсистираат на анкетирање на граѓаните.
– Не може да се активираат процедурите во НАТО, пред референдумот во ФИРОМ и пред договорот да се одобри во грчкиот парламент – потсетил Каменос.
Инаку, со Преспанскиот договор, грчката страна не презема ниту факултативна обврска да организира референдум за негово плебисцитарно одобрување, а од македонската страна тој момент беше истакнат како „извојувана“ добивка во преговорите.
– Иако грчката страна, според спогодбата од Нивици, се обврзува да не спроведе референдум, нивната опозиција сепак може да го иницира и врз основа на резултатите од тој референдум, грчкиот Уставен суд, да го отфрли Преспанскиот договор. Како финална пречка, може да се наведе и фактот дека мандатот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов трае до мај 2019 година (што значи дека дотогаш нема да биде потпишан законот за ратификација на Преспанскиот договор), а мандатот на грчкиот премиер Алексис Ципрас трае до септември 2019 година. Сѐ наведува на тоа дека Преспанскиот договор е пред невозможна мисија за негово ефектуирање до крајот на годинава – констатира Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.