По оставката на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, и барањето на премиерот, Алексис Ципрас, да се гласа за доверба на неговата влада, во овдешната и во тамошната јавност се разгледуваат разни можни сценарија за развој на настаните и за можните влијанија на меѓународната заедница врз политичките фактори во Грција, во однос на претстојната постапка за ратификација на Преспанскиот договор
Во пресрет на гласањето за ратификација на Преспанската спогодба во парламентот на Грција, откако во петокот заврши постапката на македонската страна и топката се префрли на грчки терен, се вжештува политичката атмосфера кај јужниот сосед. Оставката на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, и ставот на Независни Грци да не го гласаат договорот од Преспа, внесоа немир во земјата. Иако набргу потоа стигна уверување оти премиерот Алексис Ципрас, кој побара да се гласа за доверба на неговата влада, има обезбедено мнозинство во парламентот, што би значело дека ќе го преживее гласањето за доверба и ќе се изгласа решението за името, веќе и во овдешната и во тамошната јавност се разгледуваат разни можни сценарија за развој на настаните и за можните влијанија на меѓународната заедница врз грчката политичка сцена во однос на Преспанскиот договор.
Едно од можните сценаријата во Грција, по повлекувањето на Каменос, е тој и неговите пратеници да продолжат да ја поддржуваат Владата, иако нема да бидат дел од неа, а земјата да ја води малцинска влада, но со доверба од парламентот. Од опозициската Нова демократија за ваквата идеја велат дека во период кога земјата е соочена со клучни национални и економски прашања Ципрас и Каменос ја втурнуваат во опасна нестабилност.
Втората можност за која се шпекулира во тамошната јавност е пред грчкиот парламент да гласа за доверба на Владата, премиерот Ципрас да побара зголемено мнозинство од 180 пратеници за ратификување на договорот што, според грчките медиуми, е многу тешко да се постигне. За таквото сценарио, велат дека е тешко остварливо и ризично.
– Шансите за таков епилог се симболични, но сепак мора да се почека на завршување на сите обврски на актуелната власт, по што грчката државата доколку навлезе во такви води ќе создаде плодна почва за влијанието на Русија, со што ќе се потврди и предупредувањето на претседателот на Центарот за европска безбедност, Марк Галеоти, дека рускиот опортунизам ќе стапи во сила и Москва ќе ја користи секоја можност да го сопнува Скопје на патот кон Запад – пишува РСЕ.
Грчкиот весник „Катимерини“, пак, дава уште едно сценарио, при евентуалното отфрлање на договорот во грчкиот парламент. Според „Катимерини“, притисокот од западните сојузници врз Атина да избегне проблеми во парламентот, формално започна со неодамнешното пристигнување на германската канцеларка Ангела Меркел, а ќе се засили како што ќе се приближува денот на гласањето. Европејците и Вашингтон, според грчкиот весник, се надеваат дека ќе го видат договорот финализиран, а во спротивно, нема да се двоумат да го применат македонското сценарио во Грција, односно да се најдат пратеници од опозицијата што би гласале за договорот, па дури потоа во земјата да се организираат избори во мај заедно со локалните и со евроизборите.
По сите овие шпекулации, поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, е убеден дека нема да има никаков застој во реализирањето на договореното и цени оти овие сценарија што се пласираат во јавноста во двете земји се помалку вистинити отколку реални.
– Се работи за обично дошминкување на грчката политичка сцена за Преспанскиот договор и тука нема ништо драматично. Единствено Каменос што сака да даде оставка и направи драма, но неговите пратеници сепак остануваат во Владата. Слично на Каменос и Мицотакис има некоректен став кон Владата. Во однос на моменталната состојба во Грција, моето мислење е дека сево ова е договорена тактика на Каменос и Ципрас и дека и покрај драматизирањето со напуштањето на Владата од страна на министерот за одбрана, тоа нема да се одрази или да има некакви потреси при можноста за гласање за довербата за Владата, која сепак може да се случи. Со други зборови, Преспанскиот договор, не може да пропадне, тој ќе биде усвоен од грчкиот парламент – вели Ружин.
Поранешниот дипломат Ружин, коментирајќи го евентуалното сценарио доколку сепак не мине гласањето за доверба на актуелната влада и таа падне, вели дека без извршна власт во Грција јасно е дека немаме договор.
– Мислам дека не може да дојде до такво сценарио да падне владата на Ципрас, но ете хипотетички да речеме да се изгласа недоверба, Грција не може да функционира, односно Ципрас ќе биде блокиран во Претставничкиот дом бидејќи ќе нема мнозинство пратеници. Сепак, тоа би било како во наши услови СДСМ да гласа против сопствената влада. Засега ова сценарио е невозможно и според мене, но и според мислењето на регионалните познавачи на состојбите – завршува Ружин.
За познавачот на состојбите Ристо Никовски, иако е нереално да се очекува владата на Ципрас да падне, шансите потоа да биде ратификуван договорот се минимални и тогаш, според него, ќе бидеме на почетокот на целиот процес.
– Прво, жалосно е што нашата судбина како народ е во рацете на Грција бидејќи ние капитулиравме и се отпишавме самите себеси. Второ, шансите дека владата на Ципрас ќе падне се никакви. Каменос го исполни ветувањето, меѓутоа овој пат притисокот на Грција е огромен и речиси е сосема сигурно дека Владата ќе опстане со главна цел да го финализира договорот од Преспа. Да не забораваме, дека договорот за Грција е апсолутно идеален и нема ни милиметар што може да биде подобар за нив и со сигурност може да се тврди дека за тоа се свесни сите таму. Сите опонирања од Каменос и пошироко за договорот се повеќе домашни калкулации и играње на невозможна карта. Токму затоа Ципрас нема да има тешкотии да ја одржи Владата и да го помине договорот – заклучува Никовски.
Инаку, вчера министерот без ресор и портпарол на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија Алфа, изјави дека неговата процена е оти Владата ќе добие доверба и ќе може да продолжи да ја води земјата. Ѕанакопулос објасни дека гласањето доверба на Владата не треба да се поврзе со ратификацијата на договорот од Преспа, бидејќи се две комплетно различни гласања, а едното не го одредува другото, но додаде дека и за двата процеса постои мнозинство во актуелниот парламент. Сепак, доколку ратификацијата помине без проблеми, веднаш потоа, во согласност со договорот, ќе следува и вториот процес, односно ратификација на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Процените во Грција се дека тоа би можело да се случи најдоцна до мај, но во никој случај тоа не би ѝ било оставено на следната грчка влада. Со ова се демантираат и шпекулациите и сценаријата во Грција, дека можеби актуелната влада нема да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Последни пребројувања
Ако се исклучи можноста партијата на Панос Каменос да не го поддржи договорот во парламентот, математиката на премиерот Алексис Ципрас, иако на стаклени нозе, се потпира на две сценарија. Најбезболно е СИРИЗА на Ципрас, која има 145 пратеника, да ги обезбеди сите шест гласа на умерената Река на Ставрос Теодоракис и да дојде до магичната бројка од 151. Но, со оглед дека најмалку двајца пратеници на Река се изјаснија дека ќе гласаат против, Ципрас останува пократок за двајца. Во тој случај, како што пишуваат грчките медиуми, дупката би се пополнила со второто, покомплицирано, но сосема веројатно сценарио. Покрај четирите сигурни на Река, глас за спогодбата да даде веќе вкалкулираната независна пратеничка Катерина Папакоста, но и двајца пратеници на Независни Грци, Танасис Папахристополус и министерката за туризам Елена Кундура, кои неколкупати изјавија дека не се согласуваат со политиката на Каменос.
Во моментов, од вкупно 300 пратенички гласа во грчкиот парламент, како сосема извесни за ратификација на спогодбата се посочуваат следните:
Сириза: 145 пратеници
Река: 4 пратеници
Независна пратеничка: 1
Независни Грци: 2
ВКУПНО: 152 пратеника