Поранешниот премиер Никола Груевски вчера на својот фејсбук-профил објави информација дека унгарските власти му го одобриле барањето за азил.
– Денес Република Унгарија, земја-членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил поради политички прогон во Република Македонија – го започнува своето обраќање бившиот премиер.
Понатаму тој наведува дека во барањето за политички азил навел дека го бара поради политички прогон од новата влада, предводена од партијата СДСМ.
– Наведов дека владата сака да ми ја одземе слободата користејќи недемократски чекори и методи и злоупотребувајќи го обвинителскиот и судскиот систем во Македонија. Објаснив како сѐ започна, со почетокот на објавувањето на нелегално стекнатите аудиоматеријали, назначувањето на специјален јавен обвинител, кој стана партиска алатка на партијата СДСМ, исто како и судот. Ги опишав сите неправди, нерегуларности, незаконско работење, дискриминација, конструирани судски процеси и пресуди, конкретните судски постапки против мене и тортурата, која по формирањето на новата влада ја трпам јас, но и голем број други мои соработници, давајќи конкретни примери и конкретни докази. Завршив со бројните закани по мојот живот со кои се соочував во последните денови пред да ја напуштам Република Македонија – се вели во фејсбук-статусот на Груевски.
Понатаму тој наведува дека судот и обвинителството се претвориле во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици, како и покривање на неработењето на Владата.
– Денес во Република Македонија се живее во услови на репресија од страна на Владата, дискриминација, прогон, политички апсења и целосна контрола на Владата врз судскиот и обвинителниот систем, вадење и ставање во притвор или затвор според политичките прилики и потреби.
Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и обвинителството се користат како политичка алатка на Владата заради остварување на своите политички цели и уцени. Јас одлучив да се спротивставам на сето ова и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво. Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но не може да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период, а кое го опишувам – пишува Груевски на својот фејсбук-профил.
Притоа тој наведува дека не избегал од правдата, туку користејќи други меѓународноправно регулирани методи продолжува да ја бара правдата и за него и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија.
– Одлучив да се борам и да се спротивставам на овој кукавица, кој безочно секојдневно го лаже и краде својот народ и ја злоупотребува државната функција на која дојде на нечесен начин.
Македонија не смее да остане земја каде што Владата владее со судскиот систем и каде што има политички прогони секој ден. Огромен број луѓе се под политички прогон во Македонија. Тоа мора да запре – пишува Груевски на Фејсбук.