БУРА РЕАКЦИИ ПО ИНТЕРВЈУТО НА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЗА „БГНЕС“

Жестоки реакции предизвика во јавноста интервјуто на премиерот Зоран Заев дадено за бугарската агенција „Бгнес“, во кое тој низ сопствена диоптрија ја дефинира улогата на Бугарија во периодот на Втората светска војна, именувајќи ја окупацијата како бугарско администрирање со овие области.
Заев во интервјуто директно ги обвини властите во поранешна СФРЈ за оддалечувањето низ годините што е направено меѓу македонскиот и бугарскиот народ, но истакна и редица други тези поврзани со историјата, со АСНОМ итн, кои граѓаните ги сметаат за силно проблематични.
Ваквите негови ставови наидоа на остри реакции во земјава и пошироко, од кои издвојуваме дел.
– Смениле веќе 20 табли, се фали Заев! Кришум, ноќе!? Врз основа на чија директива! На Заев?! Што се замислува тој? Премиерот се унапредил себеси во монарх?
Не му стигнало до умот дека Димитров го молел Тито да дозволи бугарски војници по 9 септември 1944 година да учествуваат во операциите за ослободување на Македонија и Источна Србија за да се рехабилитира бугарската армија за злосторствата во времето кога Бугарија „администрирала“ со пролевање крв? Знае ли Заев колку табли и споменици ќе треба да замени и урне? Колку книги ќе треба да запали? Колку партизански гробишта ќе треба да изора за да им угоди на Борисов и компанија? Ќе треба и да го збрише и нашето паметење. Е, тоа малку потешко! – реагира Владимир Милчин на Фејсбук.

Лилјана Поповска, поранешна претседателка на ДОМ, парламентарна партија во коалиција со СДСМ, упати остра критика до Заев.
– Ужас до болка. Ако на ЕУ ѝ треба вакво национално и ментално самоубиство, тогаш ЕУ каква што ја почитуваме и посакуваме престанала да постои!? Неприфатливи се вакви изјави од македонски политичари за сериозни прашања! Во чие име се зборува? Никој нема мандат за ова! – напиша таа на Фејсбук.
И претседателот Стево Пендаровски, кој во интервјуто на Заев беше посочен како помалку искусен политичар, реагира на наводите на премиерот за неговото искуство.
– Моето 20-годишно искуство во меѓународната политика ми овозможува прецизно да ги мерам зборовите и ставовите што ги искажувам кога разговарам со моите бугарски соговорници и со нашите пријатели од меѓународната заедница – изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за „Дојче веле“.
Со реакција се јавија и Сојузот на борците во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи, кои искажуваат изненаденост од ставовите на премиерот.
– Како учесници во најсветлиот дострел на вековната борба на македонскиот народ за своја слобода – НОБ, се чувствуваме навредено од омаловажувањето на нашата борба. Погодени сме што со тоа се врши ревизија на општоприфатената оцена од светската историја за Втората светска војна. Очекуваме премиерот да се огради од изнесените свои ставови – истакнуваат борците.

Членот на македонскиот тим од експертската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија, професорот Ванчо Ѓорѓиев, вели дека со ова интервју на Заев се поткопани македонските преговарачки позиции.
– Ова е минирање и поткопување на досегашната работа на македонскиот дел од комисијата. Го оценувам ова интервју како навреда за целиот македонски народ, без оглед каде живее, и за сите граѓани на државата Македонија, без оглед на нивната етничка припадност; како потоп за македонските политички, културни, научни институции и негација на македонската традиција, историја, култура и идентитет; и најпосле, како понижување за минатите, сегашните и особено за идните генерации, за кои наводно водиме толкава грижа – се вели во изјавата на Ѓорѓиев.
Професорот Бранимир Јовановиќ, кој своевремено беше близок до владејачката СДСМ, го осуди понизниот однос на Заев во интервјуто.
– Премиер на една држава не смее да има таков понизен настап, никогаш и никаде. Особено не на интервју, со таков проблематичен новинар, во таков сензитивен политички момент – вели Јовановиќ.

Софија Куновска ги повика премиерот и неговите соработници веднаш да си заминат од функциите, а несогласување со ставовите на Заев искажа и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
– Сите обиди да се изместат фактите се само една реприза од минатото, која се повторува на Балканот, како и да е фактите остануваат и не се менливи. Влеговме во НАТО, чекориме кон ЕУ, таму е нашето место, само како достоинствени Македонци со своја сопствена генеза – вели Димитриевски во својата објава на Фејсбук.
Реагираат и средношколците, кои не се согласуваат на менување на свеста и историјата на македонскиот народ.
– Им порачуваме на властите дека доколку тие немаат црвени линии, ние средношколците имаме – се вели во пораката на Средношколски глас.
Реакции на интервјуто на Заев и изнесените тези има и во регионот.
Хрватскиот аналитичар Иван Бродиќ дава ироничен предлог како македонскиот премиер да ги реши сите отворени проблеми со соседите.

– Заев вели дека Македонија во Втората светска војна не била окупирана туку администрирана. Супер еуфемизам. Сепак, сè уште нема договор со Република Србија што ги суспендира националните атрибути. Дали МПЦ ќе ги даде на „администрацијата“ за да можат да се решат сите отворени прашања? – прашува Бродиќ со доза на хумор за идните чекори на македонскиот премиер.
За црногорскиот аналитичар и познавач на балканските историски состојби Никола Зечевиќ, изјавите на Заев треба да се посматраат како колаж на испреплетени политички трендови типични за постјугословенските политичари, кои најчесто ги одликува недостиг од државничко и дипломатско самопочитување, но и неумесно промовирање на историскиот ревизионизам.
– На македонскиот премиер не му е спорна анексијата на Вардарска Македонија, изведена од страна на тогашното Кралство Бугарија (а под патронатот на нацистичка Германија), која не беше само „некаква администрација на почетокот“, туку класична узурпација и окупација на територијата на една соседна земја, која траеше сè до септември 1944 година. На Заев, се разбира, спорна му е Југославија, чиј Антифашистички совет на народното ослободување во ноември 1943 година донесе заклучок дека Македонците се самостоен и суверен народ, а Македонија рамноправна република во рамките на нова Југославија – истакнува Зечевиќ.
По жестоките реакции во земјава, вчера премиерот Заев изрази жалење за одгласот на интервјуто кај домашната јавност.

– Изразувам жалење што моето интервју предизвика силни негативни емоции, за кои сум свесен и ги разбирам, но имам обврска да ги поттикнам македонските граѓани за наоѓање решение. Не е поглед кон иднината ако денеска зборувате за фашистичка Бугарија. Да си простиме и да подадеме рака – рече премиерот Заев.
Во знак на револт, за синоќа во Скопје беше најавен натпартиски граѓански протест.
Бранот од реакции по интервјуто на Заев не стивнуваше ниту во текот на попладневните часови, при што поранешниот претседател на државата и долгогодишен прв човек на СДСМ Бранко Црвенковски го замрзна членството во партијата поради изнесените ставови на Заев, писателот Блаже Миневски потсети на стреланите младинци во Ваташа, а последниот претседател на СФРЈ и поранешен хрватски претседател Стјепан Месиќ порача дека македонската нација е историски факт, а не творба на Тито или Коминтерната.