Фото: Игор Бансколиев

Жонглирање со одговорноста или префрлање на топката поточно на вината од едно на друго место е хронична појава во македонското општество, која деновиве е збогатена со уште еден куриозитет. Имено, по трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, слушнавме изјави на официјални претставници што посочуваат дека и граѓаните имаат одговорност за несреќата, бидејќи требало да проверат дали превозникот имал лиценца за дејноста. Но може ли граѓаните да ја преземат работата на истражителите и на институциите

ЧИЈА Е ОДГОВОРНОСТА
ЗА ПРОПУСТИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Нефункционалноста на институциите и опсегот на нивните надлежности се сериозен проблем што се провлекува со години.
Најсвеж пример за тоа е последната трагична автобуска несреќа во Бугарија, во која настрадаа 45 луѓе, а седуммина беа повредени, при што првичните наоди на истрагата покажаа дека неколку институции не си ја завршиле работата и дозволиле нелиценцирано возило да врши меѓународен превоз. Беше споменато дека потфрлила и царинската контрола, која дозволила автобус без соодветна документација да ја напушти земјава. И додека јавноста со нетрпение ги очекува сите детали во врска со истрагата, се појави нов феномен на префрлање или поделба на одговорноста токму со граѓаните. Имено, претставници на држави институции деновиве посочија дека и граѓаните наводно имаат одговорност, бидејќи требало да проверат дали превозникот имал лиценца за меѓународен превоз?! Ваквото жонглирање со одговорноста или префрлање на топката поточно на вината врз граѓаните е, во најмала рака, несериозно, барајќи од нив тие да изигруваат истражни органи наместо институциите и луѓето што се платени за тоа од државата.
По таа логика, произлегува дека секој човек кога се качува во такси треба на таксистот да му побара заверена лиценца, здравствена потврда, доказ дека возилото е технички исправно и згора на тоа и сертификат за вакцинација или ПЦР-тест не постар од 72 часа.

Истото тоа би важело и кога граѓаните купуваат билет за автобус, воз, или кога купуваат нов автомобил, стан, дуќан, храна по продавниците…
Повеќе од јасно е дека за сите овие работи државата е таа што треба да гарантира дека секој превозник има исправни превозни средства и лиценца за вршење на превоз, било дома било во странство. Обврска на државните институции е да ги контролираат правните субјекти и да утврдат дали производите и услугите што ги нудат се во согласност со законските прописи, дали ја поседуваат целокупната документација итн. Се разбира, тоа се однесува за секоја гранка посебно, како на пример дали возилата и автобусите во јавниот превоз се технички исправни, дали прехранбените производи по дуќаните се безбедни за јадење, дали играчките за деца немаат токсични состојки итн
За сите услуги што ги добиваат, граѓаните плаќаат и добиваат фискална сметка, а дел од тие пари завршува во државниот буџет и оттаму се слева во сите институции, агенции, инспекторати што треба да се грижат истите тие даночни обврзници да добиваат квалитетна и сигурна услуга, а не некој од нив да бара граѓаните да бидат истражители што ќе утврдуваат каде потфрлил системот.
– Апсурдни се изјавите дека ние како граѓани треба да проверуваме дали некој има лиценца, сертификат, дозвола и слично. Државата е таа што треба да ги штити своите граѓани од секакви манипулации, бидејќи им наплаќа данок за тоа. Има еден куп институции што се полнат само со партиски кадри, а ниту една не си ја врши работата како што треба, па сега ние треба наместо нив да работиме. Па нека ни дадат месечна плата колку нивната, па можеби и ќе работиме – револтирано вели Атанас Крстевски, трговец.
Социологот Илија Ацевски предупредува дека со ваквите пораки што се испраќаат до граѓаните, всушност, државата признава дека има урнисани институции.
– Кога ќе дојде времето граѓаните да бидат истражни органи, тоа не значи ништо друго туку револуција. Кои сме ние како граѓани да прашуваме дали некој има лиценца, дозвола и слично. Ваквите изјави се само потврда на распаднатоста на системот – вели Ацевски.
Тој смета дека ова само покажува дека институциите се урнисани, не постои авторитет кому граѓаните би можеле да му веруваат и затоа сè повеќе ја напуштаат земјата.
– Вакво нешто не може да се случи во нормална држава. Пораката дека и граѓаните треба да бидат истражни органи има и едно социопсихолошко значење, дека институциите се доведени на работ на распад и сега се бара од граѓаните тие да ја преземат нивната работа. Тоа е страшно и поразително – заклучува социологот Ацевски.