Практиката партискиот лидер да назначува кандидати за градоначалници во минатото се покажа како губитничка формула за граѓаните. Имено, според низа индикатори, кајмакот од мандатот на владеењето на градоначалниците избрани според гореспоменатата формула во најголем дел го собираше партијата, наместо граѓаните. Последниве мораа да се задоволуваат со понекоја асфалтирана уличка, сменета улична светилка, или некое помало паркче, најчесто реализирани во пресрет на изборите… Ќе продолжи ли таквата практика?
Почнаа комбинаториките за градоначалничките кандидатури
На нецели осум месеци пред локалните избори почна лицитирањето со кандидатите за идни градоначалници, но наместо главниот критериум да бидат нивниот квалитет и способност да менаџираат со локалните проблеми, повторно на површина испливува старата практика да се кандидираат лица што се блиски и прифатливи за актуелниот партиски лидер.
Градоначалниците не се „вазали“ на
партискиот лидер
Токму тоа во минатото се покажа како губитничка формула, бидејќи бенефицијата од градоначалничкото владеење во најголем дел ја собира партијата, наместо граѓаните, кои мора да се задоволуваат со понекоја асфалтирана уличка, сменета улична светилка, или некое помало паркче, најчесто реализирани во пресрет на изборите.
Уште полоша е ситуацијата кога градоначалниците се од една партија, а централната власт од друга, така што меѓупартиската пресметка се пренесува и на локално ниво ,преку кратење на средствата за поголеми капитални проекти во општината, но и за оцрнување на политичкиот опонент преку истакнување на неговата наводна неспособност.
Знаеше да се случи и градоначалник од иста партија во меѓувреме да се најде во немилост на партискиот лидер, па и тој да се соочува со разни опструкции и, без оглед дали добро работел за општината, следните избори да не биде кандидиран.
Граѓаните се незадоволни од таквиот однос на партиите, кои им нудат кандидати за градоначалници што повеќе работат во интерес на партијата, отколку што ги решаваат нивните проблеми.
– Ретки се градоначалниците што досега работеле за граѓаните. Повеќе се грижат како да ја промовираат партиската агенда, отколку реално да му помогнат на народот. Пред избори сите ветуваат пресметка со урбаната мафија, повеќе зеленило, водоводи, канализации, но кога ќе седнат во градоначалничката фотелја, само вцртуваат нови згради и прекуноќ носат нови ДУП-ови. Настрана тоа што си тераат еден куп приватни бизниси и што земаат разни провизии – вели Благоја Деспотовски, самостоен занаетчија.
Тој додава дека партиските лидери си назначуваат свои луѓе само за да имаат целосна контрола врз партијата, почнувајќи од базата, па до централата.
– Како може партискиот лидер да одредува кој човек е најдобар за секоја општина? Тој човек треба луѓето да го знаат, да е докажан таму, да му веруваат дека ќе работи за нив, а не за партијата. На крајот на краиштата, ако тој работи добро и граѓаните се задоволни од неговата работа, тогаш и партијата има реални шанси да освои нов градоначалнички мандат во таа општина – појаснува Деспотовски.
Според него, партиите треба да поддржат кандидати дури и што не се нивни членови, но кои првенствено потекнуваат од тоа место, живеат таму, ги знаат проблемите на граѓаните и се свесни дека сè што ќе сработат ќе биде и за нивно добро.
Партиите се одлучуваат за кандидат поданик, а не за кандидат лидер
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека кај нас практика е лидерите да се одлучуваат за кандидати што знаат дека ќе им донесат победа, а помалку дали имаат вистински капацитет да раководат со локалната самоуправа.
– За жал, политичката практика во Македонија е таква што обично се оди со тоа кој може да победи. Тоа е основниот критериум, без оглед на неговите лични квалитети во смисла на организација на работата, чувствување на потребите на граѓаните, чувство за демократски дијалог и водење заедница на локално ниво итн. Кога политичките партии кај нас имаат процени и знаат дека ќе победат во одредена општина, тогаш лидерот одредува кандидат – вели Андревски.
Тој додава дека во суштина треба да се води сметка за два големи критериума при изборот на кандидат за градоначалник.
– Прво, кандидатот да знае да ја чувствува средината и, второ, да има поддршка од граѓаните – истакнува Андревски.
Според него, жално е што градоначалниците не се избираат како облици во позитивна смисла на народни трибуни на целините што треба да ги претставуваат, туку повеќе како партиски насочени.
Актуелниот градоначалник на Општина Илинден, Жика Стојановски, смета дека партиите треба да тежнеат секогаш да го нудат најдобриот кандидат.
– Секоја партија треба да тежнее да најде добар кандидат за локалните избори, бидејќи станува збор за специфична работа и на прв поглед не е толку едноставно дека секого што ќе го кандидира партијата може да биде и градоначалник. Па, дури и да биде, што со резултатите? Затоа сметам дека како што изминува времето од децентрализацијата, особено од 2005 година, кога првпат се пренесоа поголем дел ингеренции на локалните самоуправи, веќе и партиите зреат и ги бараат најдобрите кандидати – вели Стојановски.
Според него, не е исклучено на наредните локални избори да има повеќе независни кандидати отколку претходно, кои или ќе бидат целосно независни, или ќе бидат поддржани од одредена партија.
– Меѓутоа, крајната цел е локалната заедница да добие квалитетен менаџер, кој ќе знае да се справува со сите проблеми – истакнува Стојановски.