Нападите врз македонштината, негирањата на македонскиот идентитет и провокациите кон македонскиот народ и понатаму продолжуваат. Последен пример на оваа опсадна состојба во која се наоѓа македонштината е интервјуто на македонскиот Албанец Ќерим Љита, историчар по професија, за порталот „Зоом“. Пред да ги разгледаме мислите на споменатата личност, би сакале накратко да им посочиме на нашите читатели дека на порталот „Зоом“ може да се сретнат содржини на контроверзни личности, како што е фамозниот Петар Колев
Уште едно интервју на интелектуалец, наш сограѓанин, како повод
Искажувањата на нашиот сотатковинец Ќерим Љита содржеа многу нешта, но јас би се задржал на неговата следна мисла: „Сите документи зборуваат дека на овие простори словенското население се чувствувале како Бугари.“ Точно е дека во историските извори и документи може да се сретнат изразите македонски Бугарин или македонскобугарски народ, во зависност од историската ситуација со која немаме намера тука да се занимаваме. Но морам да ја посочам невистината што господинот Ќерим ја говори, дека „сите документи“ зборуваат за словенско население, односно за Македонците што се чувствувале како Бугари. Далеку од тоа да навредуваме некого, но доколку внимателно анализираме, станува збор за лапсус, хипергенерализација или непознавање на историските извори. Со намера да укажам дека документите јасно говорат за македонска национална свест низ вековите ќе цитирам неколку извори и документи.
Цариградскиот весникот „Право“ во ноември 1870 година објавува еден текст, во кој се вели дека Кузман Шапкарев во предговорот на својата Читанка, горнобугарите ги именувал како Шопи, прости! Во понатамошниот текст се вели дека Шапкарев заедно со својот брат во Охрид проповедале против сѐ што е бугарско, „одвај се ослободивме од Грците, сега пак Шопи ли да станеме!!!“ Во фуснота ја сретнуваме следната реченица: „И друг пат сме слушале од патниците за некои учители од Македонија. И имено за г. Шапкарев, дека се трудел да ги убеди нашите македонски браќа како друго било Бугарин и бугарски јазик, и друго било Македонец и македонски јазик…“ (Право, година 5, Цариградъ, 30 ноемврiя, 1870, 1-2.)
На 2 октомври 1893 година во својата уводна статија, весникот „Југозападна Бугарија“ забележал: „Најпосле се подига од некои весници прашањето за суштествувањето на некакво делење или, како го нарекуваат сите – сепаратизам, кој се состои во стремежот на македонските Бугари да препорачуваат и да ги сметаат Македонците за такво население, кое што не е ниту бугарско ниту грчко, ниту српско, туку – македонско.“ (Юго-Западна България, Година I, 2-й Октомврий 1893 г., Брой 4, 1.)
Во уводната статија на „Југозападна Бугарија“ објавена на 6 ноември 1893 година, дознаваме дека до редакцијата пристигнало анонимно писмо во кое биле осудени целта и тактиката на весникот. Анонимниот автор решавањето на македонското прашање го гледал во одделна Македонија, сепаратизам, во совршена самостојност на Македонија, т. е. без никакво соединување, братство или пријателство со северна и јужна Бугарија. Според самиот весник, осудите во анонимното писмо биле предизвикан затоа што уредниците на „Југозападна Бугарија“ на македонското прашање гледале како на општо бугарско и се стремеле името на Македонија да го заменат со терминот југозападна Бугарија. Анонимниот автор истакнал: „Единствениот спас на Македонија да се запази цела и да се отстранат сите волци, кој што гледаат кој од кој повеќе да грабне по нешто од неа, е сепаратизмот. Само на таков начин ќе можеме да го достигнеме тоа, што го сакаме. “ (Юго-Западна България, Година I, 6-й Ноемврий 1893г, Брой 9, 1.)
Стојан Новаковиќ вели дека не треба да се испушти од очи стремежот на Македонците да останат сами за себе и овој стремеж „почнал да се буди, особено од спротивностите меѓу бугарскиот и македонскиот говор, и меѓу бугарскиот и македонскиот карактер, од времето кога бугарската пропаганда започнала премногу дрско и остро да удира на македонските особини во име на пан – бугаризмот.“ (Стојан Новаковић, Балканска питања…, 267.)
Бугарскиот деец Георги Бакалов вели: „Сосема спротивно на тоа течение е течението на сепаратистите. Тоа течение е уште ново и младо, но по се изгледа дека тоа треба да има иднина. Несомнен факт е дека тоа течение постои во самата Македонија. Владиниот орган (сега опозициски) неодамна пишуваше за причините да се затвори битолската гимназија и ја обвинуваше еден дел од месната македонска интелигенција за сепаратизам кој се пројавувал во стремежот да се отстранат од сите места во егзархијата и учебното дело, сите оние Бугари кои се родени во кнежевството и да се заменат со Македонци.“ (Претендентите за Македония, от Д. Григоров (Г. Бакалов), Варна, 1900, 18.) Текстот е преведен од руското списание Жизнь (ноемвври 1899 г.) каде што е сместена како кореспонденција од Софија, со потпис Дионисиј Григориев.)
Атанас Шопов вели дека Коста Групче проповедал: „Словените во Македонија се Срби и Бугари толку, колку што се и Руси, Чеси или Полјаци, тие се Македонци, совршено одделна словенска народност.“ Шопов исто така истакнува дека Групчев проповедал меѓу Македонците дека се одделен народ, потомци на Александар Македонски со славно минато и голема историја. (А. Шоповь, Изь новата история на Бьлгаритеь вь Турция, Пловдивь, Тьрговска печатница, 1895, 78.)
Ив. Димитров во списанието „Свето дело“ во 1902 година, вели дека од македонштината произлегле сите непријателства и поделби во редовите на македонското движење препорачувајќи дека дошло времето кога – „македонштината треба да биде искоренета…“ (Свято Дѣло; македонско списание, Год. I, Ноемврий 1902 г. Кюстендилъ, Книжка II, 76.)
Во почетокот на1903 година рускиот весник „Ново време“ започнал со објавување на повеќе статии под заедничко име „Балкански писма“ од Несторов. Меѓу другото, Несторов забележал дека Внатрешната организација пред сѐ се разликува од македонските организации во Бугарија, затоа што не се состоела од емигрантите што нашле прибежиште во Бугарија и се инспирирани од великобугарските идеали, прекинувајќи ги сите врски со својата татковина Македонија.
Напротив, Внатрешната организација се состоела од месени елементи и била плод на месната интелигенција. Според Несторов, истовремено Организацијата се јавила како реакција на тешкотиите во Македонија и посегањата на нејзините соседи – Бугари, Срби, Грци и Романци да одлучуваат за судбината на Македонија. Внатрешната организација прва искрено започнала да го проповеда принципот – Македонија за Македонците. Несторов истакнува дека идеалот за целокупна Македонија на внатрешните е формула за одрекување на секакви права за мешање во македонските работи од страна на неканетите соседи. Внатрешната македонска организација си го признава само за себе правото да решава за судбината на Македонија. (Право; Органъ на Македоно-Одринскитѣ интереси, Год. II, София, 1 Февруарий, 1902, Брой 40, 3.)
По објавувањето на „За македонцките работи“, Крсте Петков Мисирков се нашол под силна критика. Грашев во списанието „Македонија“ ја објавува статијата „Нови кобни патишта и проломи“ истакнувајќи дека тоа се лудории од немакедонски фрази, забележувајќи дека тоа не е прво такво истапување, многу пред работата на Мисирков, Младата македонска книжевна дружина преку страниците на „Лоза“ се залагала за истото тоа. Според Грашев, идејата за која се залагале Мисирков и Младата македонска книжевна дружина била пропагирана во 1887 година од страна на рускиот реакционерен печат. Споменатиот автор истакнува дека во 1886 година, Иван С. Аксаков ги советувал своите македонски ученици да создадат македонски литературен јазик и да го зачудат светот со својата независност (Македония; Мѣсечно илюстровано популарно списание, Книга IX, Ноемврий, 1903, 28.)
По објавувањето на биографијата на Гоце Делчев од страна на Пејо Јаворов, списанието „Македонија“ во април 1904 година објавува статија во која се истакнува дека Јаворов говорел за сепаратизам. Според списанието, Јаворов бил добар поет, но слаб историчар и не ја познавал психологијата на сепаратистите. Според „Македонија“, сепаратистите не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам. Во овој контекст се вели дека владиката Теодосиј Гологанов во 1893 или 1894 година издавал крштелни свидителства во кои наместо Бугарска егзархија пишувало православен христијанин. (Македония; Мѣсечно илюстровано популарно списание, Книга I, Априлъ, 1904, 24.)
Можеме бесконечно да ги цитираме спомените и документите што говорат за националните особености на Македонците, но би завршиле со Крсте Петков Мисирков, кој вели: „Треба да му се отворат очите на словенскиот свет за тоа дека околу половината од спомениците на старословенскиот (старомакедонскиот) јазик на таканаречената бугарска редакција се напишани во Македонија и од Македонци и дека три четвртини од пишаните споменици на таканаречената српска редакција на старословенското (старомакедонското) писмо, пишувани во 14 век, се напишани во Македонија и исто така од Македонци. Треба громогласно да се потврди пред словенскиот свет дека непријателот на Србите, македонскиот владетел Марко Крале е воспеан од Македонците како свој национален јунак, потоа стана национален јунак на Србите и на Бугарите. А да не ни зборуваме за тоа дека во текот на 19. век Македонците водеа борба со фанариотите за словенско писмо и литургија, тие во текот на дваесет години водеа упорна борба за ослободувањето на Македонија, и притоа оваа борба Македонците ја водеа и покрај нејзиното неодобрување од Егзархијата и од бугарската влада што секогаш си ги припишуваше себеси заслугите на Македонците, а за своите дипломатски неуспеси ги обвинуваше Македонците.
Македонија е земја со древна словенска култура и никој нема да успее да ја искорени оваа древна словенска култура и на пустината да ги утврди своите интереси. Македонија ќе ги преживее сите несреќи, зашто уште не се исчезнати јунаците во Македонија. Ликовите на светите Кирил и Методија, на светите Климент и Наум Охридски на синовите на Македонија им служат како порака дека и за Македонија ќе дојде светлата иднина кога таа обединета и ослободена ќе влезе како рамноправен член во семејството на балканските народи.“ („Македонскиј голос (Македонски глас)”, II, 10, 13.8.1914, 10-14.)