Фото: Игор Бансколиев

На неколкуте пункта што вчера ги посетивме, со асистенција на полицијата се воспоставуваше ред. Дури и ние едвај влегуваме на работа секое утро, тврдат здравствените работници

НАЈАВЕНИТЕ НОВИ АНТИКОВИД-МЕРКИ ГО ЗГОЛЕМИЈА ИНТЕРЕСОТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА

Десетици граѓани уште од раните утрински часови чекаат ред за да примат вакцина на вакциналните пунктови. Нервози, тензија и турканици може да се забележат пред влезовите на амбулантите. Интересот за вакцинација нагло се зголеми откако Владата најави нови мерки од 16 август, од кога ќе започне да важи правилото да мора да се приложи сертификат за примена вакцина за влез во угостителски и други објекти или при посета на настани.
Како што вели д-р Мирјана Спасовска, која е матична лекарка во поликлиниката во Чаир, деновиве има многу луѓе што чекаат ред за вакцинирање.
– Ние едвај влегуваме на работа секое утро. Со асистенција на полицијата се воспоставува ред. Исто така и на излезот има редар. Кога имаше слободни термини, ги молевме луѓето да се вакцинираат, но тие не сакаа, а сега затоа што се ближи 16 август, се вакцинираат за да можат да одат по маркети, по банки, по кафулиња. Кај мене доаѓаат мои пациенти што бараат и сертификати за примени вакцини, бидејќи знаат дека нема да смеат да влезат во просторија каде што има над 30 луѓе – вели д-р Спасовска.
Таа коментира дека и здрави ќе се испоразболат во тие метежи бидејќи некои од нив можеби се асимптоматски, па го шират слободно вирусот.
– Завчера имав двајца мои пациенти од кои едниот невакциниран, а позитивен, а другата пациентка е позитивна иако има примено две дози вакцина. Вели дека сама живее, но секој ден се вози во автобус, па оттаму се заразила. Просторот во автобусот е мал, а во него има голема концентрација на луѓе, па затоа треба да се биде внимателен – вели д-р Спасовска.

На последната владина седница беше усвоено до 15 август сите угостителски објекти регистрирани за прослави да смеат да работат на затворено, само со почитување на мерките против ковид-19, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, во согласност со постојните протоколи што се во сила. За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50 отсто од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, во согласност со постојните протоколи. Од 16 август 2021 година целосно се забрануваат работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучувајќи и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.
Од 16 август се воведува и задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучувајќи и во угостителски објекти каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).