Гласно одекнаа јавните соопштенија и повиците на Меѓународниот суд во Хаг да ги охрабри сведоците, но и роднините, пријателите и сите очевидци на жртвите на ОВК да проговорат за воените злосторства во Косово, Црна Гора, Албанија и во Македонија. Паралелно со јавниот повик, изминатава недела беше интензивирана акцијата за приведување осомничени за сторени воени злосторства против човечноста, убиства, терор и тортура во името на т.н. Ослободителна војска на Косово (ОВК)
Почеток на долг бран апсења на сторители на воени злосторства во регионот
Интенцијата на меѓународната заедница за правна судска разврска, поврзана со случаите за воени злосторства на поранешните припадници на ОВК на Балканот, се засилуваат. Оваа констатација се аргументира со последната разврска на настаните поврзани со полициските акции за приведување осомничени за сторени воени злосторства против човечноста, убиства, терор и тортура во името на т.н. Ослободителна војска на Косово (ОВК), реализирани по налог на меѓународното обвинителство во Хаг. Во истиот контекст се и јавните соопштенија и повиците на Меѓународниот суд во Хаг да ги охрабри сведоците, но и роднините, пријателите и сите очевидци на жртвите на ОВК да проговорат за воените злосторствата во Косово, Црна Гора, Албанија и Македонија.
Апсења и во Албанија за затворските логори на ОВК во Кукс,
Хас и во Тропоја
Албанските медиуми викендов информираа дека налози за апсење од Хашкиот трибунал се подготвуваат да бидат издадени и за албански државјани што живеат во Албанија. Телевизијата Топ чанел, повикувајќи се на дипломатски извори, информира дека последните апсења на поранешни високи лидери на ОВК во Косово се само почеток на долгиот бран апсења луѓе, кои ќе мора да се соочат со сведоштвата за направени воени злосторства.
– За време на Косовската војна, албанската држава на нејзина територија дозволи подигање затвори на ОВК, каде што е докажано дека се случиле злосторства. Затоа постои голема веројатност, специјалните обвинители да ги продолжат апсењата на одговорни лица во Албанија – изјавил дипломатскиот извор за медиумот.
Според телевизијата, во целосниот документ за обвинение, познат како Анекс 3, објавен неодамна од Специјалниот суд во Хаг, покрај затворите на ОВК во Косово, се наведуваат и три затвори на територијата на Албанија, во Кукс, Хас и кај Тропоја, каде што обвинителите тврдат дека се извршени воени злосторства.
Овие затвори на албанска територија, покрај војниците на ОВК, ги чувале и албански граѓани од северните области што се приклучиле кон воената формација.
– Ако обвинителите сакаат да апсат албански државјани, тогаш ќе бидеме пред сценариото за обврска на Албанија да прифати продолжување на дејноста на овој суд на територијата на Република Албанија – е ставот на албанскиот медиум. Во секој случај, обелоденет е документот на хашките обвинители во истражното досие дека постои одлука на албанската влада од 1998 година, потпишана од сите тогашни министри, за вооружување на ОВК и давање на користење бази за заднински цели во североисточниот дела Албанија.
– Ова е наедно и најпроблематичниот дел што ја вклучува Албанија во оваа истрага, затоа што со одлуката на Владата од тоа време беа дозволени олеснувања за ОВК од снабдување со оружје и обезбедување кампови за обука, а одобрила и отворање три затвори каде што, според обвинителите, од тортурата починале многу лица – наведува Топ чанел.
Судот во Хаг јавно ги повикува сите што имаат некакви информации
за воените злосторства да се јават
Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите лиферувани од Судот во Хаг, кој ги повика жртвите на кривичните дела споменати во обвиненијата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи да се јават и да учествуваат во судската постапка.
Судот во свое соопштение наведува дека жртвите може да се пријават ако можат да покажат дека претрпеле штета, вклучувајќи и физичка, душевна или материјална, како директен резултат на кривичните дела од потврденото обвинение.
– Гласот на жртвите е неопходен за остварување на правдата. Преку нивниот претставник, жртвите што учествуваат во постапката може да ги остварат правата што им се дадени според нашите важечки регулативи и да се погрижат нивниот глас да биде слушнат пред надлежните судии – изјавила за новинарите претседателката на судот Екатерина Трендафилова.
Говорејќи, пак, за важноста на учеството на жртвите, обвинителот Џек Смит за косовските медиуми истакнал дека кривичните дела во обвинението се сериозни и оти во грижата да се задоволи правдата, не смеат да се заборават страдањата на жртвите.
– Учеството во постапката може да им даде сила на жртвите и да обезбеди нивниот глас да се слушне – рекол обвинителот Смит.
Што се воени злосторства и зошто не застаруваат?
Меѓународното право се стреми кон тоа дека амнестијата за тешки кршења на човековите права е неприфатлива, во оваа група на тешки дела влегуваат оние против човештвото и оние поврзани со геноцид, но и воените злосторства сторени за време на конфликти и војни.
Сите овие кривични дела, кои немаат рок на застарување, се дефинирани со Хашката конвенција од 1899 година.
Ставре Џиков, поранешен судија и државен јавен обвинител на Македонија, во своја изјава на слична тема оценува дека кога ќе се споменат Меѓународниот суд во Хаг и т.н. хашки случаи за воени злосторства сторени во нашата земја, по автоматизам се добива перцепција дека говориме за политика, а не за правда и судство.
Џиков, навраќајќи се на четирите хашки случаи, вели дека тие се стопирани поради силно политичко влијание. Имено, ставањето на предметите ад акта е производ на политички договор меѓу партиите. Но Џиков недвосмислено издвојува дека судските случаи поврзани со воени злосторства никогаш не застаруваат.