Пратеникот на владејачката Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во германскиот Бундестаг, Тобијас Цех, поднесе оставка на функцијата откако беше откриено дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, објави „Дојче веле“, повикувајќи се на истражување на „Шпигел“.
Германскиот магазин „Шпигел“ открива како дошло до средбите кои Груевски ги имал со политичари од ЦСУ во септември и во ноември 2016 година. Тие, наводно, биле организирани од тогашниот пратеник на ЦСУ, Тобијас Цех, кој според „Шпигел“ за тоа на ВМРО-ДПМНЕ му наплатил околу 50 илјади евра.
Груевски во септември и во ноември 2016 година, најпрво во Берлин сретна со тогашниот сојузен министер за економска соработка Герд Милер, а потоа и со Хорст Зехофер (актуелен министер за внатрешни работи) во Минхен, како и со други високо рангирани политичари, членови на ЦСУ, сестринската партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.
Цех во ноември 2016 година се појавил и на предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ, а истражувањето на „Шпигел“ тврди дека наклонетоста на Цех се должела и на бизнис интереси. Цех одбил да одговори за „Шпигел“ дали тој ги организирал средбите на Груевски во Германија, но германскиот магазин истакнува дека добил потврда од други политичари.